Пристапноста на веб како светски стандард: Градењето информатичко општество подразбира инклузивност, особено овозможување на маргинализираните групи да ги користат неговите придобивки. Владите на земјите што го ценат технолошкиот развој истовремено вложуваат и реални средства и политичка волја во овозможување пристап до новите технологии за споделување знаења на луѓето со хендикеп.
Филип Стојановски
Човечноста и цивилизираноста на едно општество се мерат според тоа како се однесува кон неговите членови што имаат хендикеп. Праисториските неандерталци биле класифицирани како луѓе (Homo Sapiens Neanderthalensis) врз основа на доказите дека се грижеле за своите стари и болни, кои не би можеле да преживеат сами, без помош на другите. Во текот на историјата, големите пророци и основачи на светските религии проповедале помагање на ближните. Еден од основните идеали на просветителството и рационализмот од 18 век, чиј резултат се и научниот поглед на свет и политичките промени кон поголеми граѓански права и слободи, е дека сите луѓе се раѓаат со неотуѓиво право на еднаквост, живот и потрага по среќата.
Од друга страна, милитаристичките општества, како античка Спарта и нацистичка Германија, систематски ги истребувале сите што не одговарале на прокламираните идеали за „совршенство“. Ваквиот пристап водел кон стагнација и пропаст на таквите држави, не само поради задушувањето на креативноста на преживеаните, туку и поради очигледното губење на моралната основа што е во срцето на секоја голема цивилизација. Практичната полза и капацитетот што се добива со постоењето на кое било човечко суштество се незаменливи, но уште поважно е остварувањето на начелото дека секое човечко суштество, без разлика на неговиот капацитет, има право на човечки живот.
Вклучување во информатичкото општество, или е-инклузија
Новите технологии, особено од сферата на информатиката, драматично ги зголемуваат потенцијалот и можностите за сите луѓе. Индиректно, овозможувањето знаењата да се шират и развиваат поефикасно и побрзо, со надминување на границите и другите ограничувања, доведува до брз развој на биониката, генетиката, фармацијата и други научни гранки што овозможуваат луѓето со хендикеп да имаат подобар живот. Директно, преку овозможување пристап до информациите и знаењата, за нив се отвораат нови можности во образованието, остручувањето, интелектуалната и духовната надградба.
Да земеме предвид една обична секојдневна работа како читање весник на хартија. Во минатото, за слепо лице да може да го стори тоа, текстот треба прво да биде препишан на Брајово писмо. Цената на оваа технологија е огромна, дури и печатење со Брајов печатач чини 1 евро и по страница, а самиот уред има цена од 7.200 евра. Во Македонија има само една таква машина.
Од друга страна, за слепо лице да има пристап до текст објавен во дигитална форма е потребна обична компјутерска опрема со неколку додавки. Брајовиот терминал чини околу 3.500-4.000 евра (во зависност од бројот на карактери во Брајовиот ред, уред без кој слепото лице може да работи на компјутер), а дури и комерцијалниот софтвер за пренос од текст во звук не ја надминува цената од 270 евра. Доколку веб-сајтот на весникот е направен според стандардите за пристапност, кои овозможуваат негово читање од соодветниот софтвер, слепото лице нема дополнителни трошоци за преведување на секоја страница во формат соодветен за негова употреба, а истата опрема може да се користи од повеќе луѓе.
Тони Пајдаков од Здружението на слепи лица на општината Велес напоменува дека за да се користи софтверот (синтеза на глас) претходно е потребно да се набави комерцијален софтвер (JAWS for WIN), кој чини околу 1.800 долари. Постојат и алтернативи од областа на слободниот софтвер, базирани на хрватската верзија на Линукс, но тие се уште не се приспособени за македонскиот јазик оти таквиот потфат бара поголема финансиска помош и програмерска експертиза.
Дури и во најлош случај, кога е потребна поголема иницијална инвестиција за опремата, со примена на дигиталната технологија на долгорочна основа, се овозможуваат огромни заштеди и континуирана употреба и пристап до сите можни дигитализирани содржини што може да се најдат во текстуална форма.
Македонскиот веб е главно непристапен
Пајдаков објаснува дека Интернет за слепите лица е често единствениот начин на добивање благовремена информација на начин достапен за нив. Дури и кога ќе се реши проблемот на хардверска и софтверска поддршка, за слепите лица останува проблемот на пристапноста на апликациите што ги прикажуваат содржините.
Според него, „повеќето изработувачи на софтвер и веб-апликации, не обрнуваат големо внимание на некои, за слепите најважни, детали во нивниот производ. Така, и покрај можноста, поради ова невнимание, слепите лица остануваат повторно да не можат самостојно да добиваат и разменуваат информации. Односно, веб-страниците што се без алтернативен текст за сликите, особено ако тие се користат како линкови, користењето структурални елементи за изглед на страницата, неопишани мултимедиумски елементи (без алтернативен текст за звук и видео), неможноста за алтернативен преглед на страниците, за слепите лица предизвикуваат проблеми.“
Анализите изведени од Здружението на слепи лица на општината Велес укажуваат дека македонскиот веб-простор во однос на пристапноста не е на високо ниво, оти владините сајтови, сајтовите на електронските и печатените медиуми, сајтовите на некои институции итн., „се уште се половично или воопшто недостапни за слепите лица“. Основен начин за надминување на оваа незавидна состојба е почитување на стандардите на Конзорциумот за вебот (W3C) при изработката на апликациите.
Закони за пристапност низ светот
Најнапредните технолошки општества се и најнапредни во однос на овозможување пристап до технологиите. Во САД, Делот 508 од Актот за рехабилитација ги обврзува сите сојузни агенции и нивните подизведувачи да им овозможат на вработените во државната администрација и сите други граѓани со хендикеп пристап до информациите (вклучително и веб-сајтовите) во иста или слична мера како пристапот овозможен за сите други.
Законот Акт за Американците со хендикеп од 1990 година забранува дискриминација врз основа на хендикеп, а делот 255 од Актот за телекомуникации од 1996 година ги обврзува производителите да ги прават телекомуникациските продукти и услуги достапни во сите случаи, освен кога тоа бара надминување значителни тешкотии или значително ги зголемува трошоците.
Во 1999 година, еден слеп Австралиец го тужел Организацискиот комитет на Олимписките игри во Сиднеј со примена на Актот против дискриминација на луѓето со хендикеп од 1992 година, бидејќи нивниот веб-сајт не бил пристапен за слепи лица. Брус Мегвајер барал да може да пристапи на сајтот преку Брајов терминал и ја добил тужбата една година подоцна. Олимпискиот комитет одбил да ја спроведе и бил казнет со глоба од 20.000 австралиски долари.
Во Ирска, како додаток на Актот за хендикеп од 2005 година, во јули 2006 година Националната управа за хендикеп објавила Код на практика за пристапни јавни сервиси. Се работи за практичен водич со кој им се помага на владините служби и над 500 јавни тела да ги исполнат своите законски обврски.
Никој не смее да биде изоставен
Градењето информатичко општество подразбира инклузивност, особено овозможување на маргинализираните групи да ги користат неговите придобивки. Владите на земјите што го ценат технолошкиот развој истовремено вложуваат и реални средства и политичка волја во овозможување пристап до новите технологии за споделување знаења на луѓето со хендикеп.
Доколку Македонија сака да го постигне нивното ниво на развој, сите релевантни фактори од нашата земја, како и самите граѓани, треба да обезбедат поддршка за ваквите напори.
Текстов беше објавен во Неделно време на 6.5.2007.
No comments:
Post a Comment