Од кај Рибаро дознав дека тече блогерска штафета за кои пет музички албуми ти се најомилени. Добра е таа форма, оти се создаваат линкови. Иронично, вон блогосферава, обата нејзини делови дела - и штафетата и албумот, се веќе надминати. Едната со одминување на социјалистичкиот култ на личноста и влегување во мода на други видови обожувања. Другата со губењето на значење на поимот на „носач на звук“ кој наметнува потреба од пакување на музиката во тој формат. Слично како што и поимот книга веќе не е синоним за содржател и преносник на информации-знаење-литература.
Како што вели Дејвид Браун во „Смртта на албумот“ во Вајерд 15.03:
Врвниот период на форматот на албумот беше во шеесеттите и седумдесеттите. Компакт-дискот наводно требаше да го означи почетокот на нова ера за албумот. Наместо тоа, долгорочно се покажа како поттик за негова пропаст: ЦД-то олесни прескокнување на послабите песни, кои ги имаше многу, оти компаниите напикуваа и до 22 песни на едно парче пластика. Подоцна, МП3-ките понатаму ги исечкаа албумите во расфрлани парченца.Арно ама, останува и носталгијата за младоста и детството - и веројатно е лесно да се падне на искушението да се набројат оние посебни албуми што ги имаш купено, преснимено, па дури и изрежано со трпеливо прибирање емпетројки по торенти. Особено оние за кои ги имаш сторено сите тие работи. И веројатно се повеќе од пет. Како што се повеќе од пет и луѓето за кои може би ти било кеиф да дознаеш што им е омилено. Но ако и тие го сакаат истото, ќе си објават и без да бидат прозвани. Или нема?
No comments:
Post a Comment