Блекаут

23 September 2007

„Појадок кај Тифани“, еп за спонзорушите

  • Имаше пред некое време реклама за некоја емисија „Стилисимо“ на А1 во која беше вклучена реплика од „Појадок кај Тифани“ – како симбол на модна елеганција од високо ниво.
  • Потоа посетив една студентска изложба на ликовна уметност и дизајн и слики со Одри Хепберн од истиот филм беа употребени како предложок за парфеми.
  • Сега гледам на насловната страница од Википедија на македонски како избрана слика оди кадар од сцена од филмот...
На страна што на написот за филмот на нашата Википедија е буквалистички превод од англиски:
Појадок кај Тифани е филм-оскаровец 1961 година, во кој Одри Хепберн и Џорџ Пепард се појавуваат во главните улоги. Режиран е од Блејк Едвардс. Портретот на Холи Голајтли како наивен, ексцентричен социјалит најчесто се смета дека е најпознатата и најнезаборавната улога на Одри Хепберн.
Што по ѓаволите значи тоа „социјалит“ на македонски? На англиски „socialite“ (сошалајт) е лице од високата класа кое се занимава со организирање и учество во забави, на пример пребогатата Парис Хилтон. Мислев функција на една енциклопедија не е да измислува и воведува нови термини, туку да го систематизира, класифицира и презентира постоечкото знаење.

Според содржината на филмот, испаѓа дека тоа „социјалит“ е превод на српскиот збор „спонзоруша“, оти ликот на Одри Хепберн е токму тоа – сиромашна млада жена што обезбедува сексуални и други услуги на постари богати мажи што ја издржуваат. Башка што и ликот на момчето е има иста функција (како и „пицајзла“, зборот „спонзоруша“ е само во женски род граматички, но може да се однесува на лица од било кој пол). Тоа што да се биде спонзоруша во Македонија се поистоветува со да се биде модерна жена е јака илустрација за состојбата на духот кај нас.

Наспроти големиот интерес за филмот, во нашата јавност имаше многу мал интерес за книгата која поискрено зборува токму за таа раширена појава: „Спонзоруше“ од Маша Ребиќ, која не е ни преведена на македонски. Едвај чекам написот за неа да биде избран за насловната на Википедија.

No comments: