Ако користите Фејсбук, придружете се. Особено ако ви е гајле за пастрмката. |
Блог на најразновидни теми, меѓу кои стрип, анимација, тековни настани, историја, палеонтологија и интернет, со препораки или кудења на нешта што може да се прочитаат, изгледаат или ислушаат. Другото сè е сеир.
Блекаут
02 November 2009
Сакам пастрмка на новиот грб
19 October 2009
Моќта на медиумите преку Душко Долгоушко
Во цртаниот филм од 1948 година „Зајачки удар“ (Rabbit Punch) некаде по 3:20 минута има една многу интересна ситуација.
Душко Долгоушко боксира со Шампионот и во еден момент го зема микрофонот од најавувачот и „известува“ за работи кои не се случуваат. Шампионот го слуша тоа и почнува да реагира според она што го дознава од медиумот, а не според реалната состојба. Навистина бесценето!
16 October 2009
ЕУ: Политика за информатичко општество во наредните години
Во рамките на сеопштата радост за позитивна препорака за преговори, да видиме кои се приоритетите што си ги имаат поставено постојните членки на ЕУ и заедницата како целина.
Изложени се директно од Европскиот комесар за информатичко општество и медиуми, Вивиен Рединг.
Ако мислите дека темава е важна, помогнете со промоција преку Кајмакот.15 October 2009
Хаклаб во Скопје
Миша Поповиќ споделува дополнителни информации во неговиот пост „За хакерцките работи“.
13 October 2009
За енциклопедиските работи
Дигитална достапност
Прво, благодарност до читателите на блогов кои во коментари на верзијата на Блогспот доставија неколку адреси од кои може да се симне енциклопедијата на МАНУ, меѓу кои и еден торент. Се работи за фајл со големина од 1,6 ГБ, очигледно направен од фајлот со графичка обработка за печатење кој содржи слики со голема резолуција. Постои и верзија спремена од е-Варез.ком.мк во која сликите се компресирани за приказ само на екран па е далеку помала 68 МБ, а на рапидшер има и друга со слична големина.
Со оглед на тоа што електронската верзија со денови беше достапна преку локалните улични шиткачи по цена од 100 денари, тоа што МАНУ не ја објави фактички испаѓа дека го поттикнаа одлевањето на дополнителни средства на граѓаните во џебовите на пиратите. Башка што--во духот на постмодернизмот--не можеме да бидеме сигурни дали содржината добиена од неофицијален извор е вистинската или некој во меѓувреме нешто чепнал, додал или одзел од оригиналот...
Појавувањето на интернет овозможува укинување на монополот на знаење кој го искористуваа и пиратите на ситно, ама и разните други фактори како политичари и медиуми кои се јавуваа во улога на интерпретатори на содржината недостапна до припадниците на обичниот народ меѓу кои и авторот на блогов.
Обем
Во прилог се фотографии кои ги снимив пред некоја недела во библиотеката на Универзитетот во Барселона, каде што учествував на работилница од европската мрежа Комунија. Упаднав баш во делот за енциклопедии и сликав некои од нив. Алал да им е, ама ми падна жал што провинции како Мурција или Валенсија, кои зафаќаат само по неколку проценти од територијата на Шпанија со децении пред Македонија имаат пообемни енциклопедии од нашава, која претендира дека не ја покрива само нашата држава, туку целиот поширок географски регион...
Содржини
Како што посочи и Жарко, греота е етничките
При прелистувањето на книжуриниве ми падна в очи недостатокот на географски поими (освен за поголемите градови), област во која има многу повеќе на македонската Википедија за која не е дадена ни трошка од наводните 300.000 евра народни пари, како и тоа што мапите не се стандардизирани, а некои мапи очигледно се симнати од интернет и вметнати непреведени.

Беглиот преглед ми ги потврди и тврдењата за полтронско истакнување на современи личности со сеуште недокажана историска важност, за чии детални работни биографии е отстапен повеќе простор од одредницата за Питу Гули. Некои написи во најмала рака се чудни, на пример еден за пловидбата во РМ во кој наместо за фактичката состојба, поголем дел му е отстапен на замислен проект со кој требало да се поврзе Дунав со Егејско море.
Исто така нејасен е критериумот за избор на други личности, при што има многу лица поврзани со УКИМ, а многу важни личности ги нема (иако има некоја турбофолк пејачка). Особено ме погоди што е испуштен Ѓорѓи Колозов. По тој повод ја пренесувам изјавата од ќерка му на страницата на Фејсбук од пред три дена:
...задутре се навршуваат 6 години од неговата смрт. само на оваа страница, во мигов, колозов има речиси 25 000 фанови. сепак, приредувачите на фамозната енциклопедија не нашле место да го спомнат. иако ќе најдете таму куп анонимни глумци, чии имиња никогаш не сте ги слушнале. па ни јас. ако една енциклопедија е одраз на колективното паметење на нацијата, овој обид од енциклопедија сигурно не е тоа.Гордон Браун не ја промовирал Британика!
И една работа која отсуствува во јавниот дискурс (муабетите) околу енциклопедијава: освен во пост-тоталитарни балкански држави, пракса во светот е дека енциклопедии не објавуваат јавни институции со државни пари, туку ги прават приватни издавачи и се изборуваат за свое место на пазарот со квалитет, а не со декрет. Ако може да наброите некои енциклопедии со светски углед, ќе увидите дека се работи за приватни, а не национални изданија:
- Британика, меѓу 1768 и 1920 издавана во Велика Британија, по што ја презела фирма од САД
- изворните американски Ворлд бук и Американа исто немаат врска со Белата куќа
- француската Ларус е издание на истоимената приватна издавачка куќа
- шпанската Енциклопедија Еспаса
- италијанската Енциклопедија Тречани
- Енкарта е на Мајкрософт, итн.
09 October 2009
Каде е електронската верзија на енциклопедијата на МАНУ?
По народов кружи муабет дека „процурила“ електронска верзија (ПДФ) на енциклопедијата на МАНУ, па дури и дека може да се купи од пирати на „бувљак“. Во еден пост бугарската пропагандистка Еми пренесе изјава од Љубчо Георгиевски дека ја нашол, а на Фејсбук прочитав и дека наводно Мируше Хоџа споменала нешто на Алфа ТВ во емисијата „Вин-вин“.
Токму заради сомнежите во нејзиниот слаб квалитет исклучително е важно енциклопедијата да се даде на увид на јавноста, а во електронска форма е најефтино и најефикасно. Би било нефер само политичката врхушка во земјава да има пристап до нешто што е платено со парите на сите граѓани. Ако веќе има некои грешки во книгата, тие полесно ќе се пронајдат и исправат ако сите граѓани имаат можност да ја разгледаат, а особено стручните лица од соодветните области.
Ако имате некое дополнително сознание или линк, споделете ги во коментар или пост на вашиот блог.07 October 2009
Светот во иднина
За добро утро, еден аналитички пристап на иднината на извесни делови од светот од Параг Кана (на англиски)
еден емоционален од романската група Тодомондо (на разни јазици)
и една вест за Дрогба и Тито (пак на англиски, via Woona).05 October 2009
Исламофобијата наспроти реалноста
Пред некој ден Фајненш’л тајмс објави многу интересен напис за животот и интегрирањето на муслиманите во Франција (Immigrant Muslims in Belleville). На оние што знаат англиски би им препорачал да го прочитаат, а се надевам дека наскоро ќе го пренесе некој од весниците што објавува избор од странскиот печат или Окно, каде често има преводи на странски написи.
Во написот се презентирани факти и согледувања со кои директно се оспоруваат теории на заговор како онаа за Еурабија, кои во локални верско-етнички варијанти се присутни и кај нас, заедно со евроскептицизмот. Особено поучни се деловите за демографијата, на пример:
Париските демографи Јусуф Курбаж и Емануел Тод во нивната книга Рандеву на цивилизациите (Le Rendez-vous des Civilisations, 2007) покажуваат дека откако повеќето мажи во една земја се описменат, со време и мнозинството од жените се описменуваат, а тогаш драстично опаѓа стапката на раѓање. Оваа демографска транзиција веќе се има случено во сите муслимански земји. Според последните податоци Алжирките што живеат во Франција во просек имале по 2,57 деца, што е само малку повисоко од францускиот просек [кој е ептен близок до точно 2]. Исто така, стапката на раѓање кај жените од Северна Африка што живеат во Франција опаѓа уште од 1981 година.
Пред неколку години имав прилика лично да ја прашам тогашната директорка на нашиот Државен завод за статистика дали прават споредби на податоците за слични прашања кои се основа на разни предрасуди кај нас. Добив одговор дека тоа не го прават, но дека и до тогаш не им текнало да пробаат. А јас пак сеуште сметам дека само со релевантни и точни статистички податоци воопшто вреди да се прави муабет на тие теми...
Во некои земји (од ЕУ) не само што се прават детални анализи од самата држава, туку и самите основни податоци од пописите се достапни бесплатно за сите, за да можат да се користат за научни и други цели по желба или потреба на сите граѓани. Видете само какви најразлични вкрстувања може да се прави на европско ниво со статистиките на Еуростат.
PS
Името на гореспоменатата книга е одговор на Судирот на цивилизациите и преуредувањето на Светскиот поредок (The Clash of Civilizations and the Remaking of World Order , 1996) од Семјуел Хантингтон.
30 September 2009
Најдобрата македонска реклама - Бимилк со девојчето
Рекламата ја има правено студиото Визио и на нивниот сајт има фајл со портфолио и од други нивни анимации. Ми се чини дека има потенцијал за цела анимирана серија околу малото млекарче, можеби со комбинирање на мотиви од народните приказни.
За жал, веројатно овој потонецијал тешко дека ќе се исполни, оти последниве недели на ТВ забележувам нови реклами со истиот лик, наизглед правени од друга фирма, со не толку успешна анимација во 2Д во стилот на Караѓоз.
28 September 2009
Енциклопедијата на МАНУ е плагијат на Википедија?!
(Забележете дека во овој пост воопшто не навлегувам во точноста на информациите изнесени во енциклопедијата на МАНУ оти таа и за мене е непрочитана книга.)
Дневник во саботата објави нешто сензационално: за некои од текстовите во контроверзната „Македонската енциклопедија“ објавена од МАНУ биле користени материјали од Википедија, без да се наведе изворот (мои италици).
Слободната енциклопедија „Википедија“, која може да ја испишува секој, била главен извор за спорните наводи во Македонската енциклопедија дека американските и британските офицери обучувале припадници на ОНА. Татјана Петрушевска, професорка по меѓународно јавно право и право на ЕУ на скопскиот Правен факултет, за „Дневник“ истакнува дека целта и' била да се даде ново видување за улогата на западните сили во конфликтот во 2001 година.
Потешки квалификации
- Наводот што предизвика најголеми бранувања е буквален цитат преземен од Википедија, кој на сајтот за ОНА стои со години и нема никакви интервенции во него. Дури ни во поглед на многу потешките квалификативи за ОНА како „терористичка, востаничка и герилска организација“. Намерата ми беше став, кој не е на линијата на западниот мејнстрим за улогата на западните сили во конфликтот од 2001, да биде внесен во изворно дело, кое понатаму во други, туѓи цитирања би било наведувано како извор. Зарем тоа не би требала, уште посилно, не би морала, да биде една од главните функции на првата Македонска енциклопедија - објаснува Петрушевска.
Таа истакнува дека сајтот не е цитиран во посочената литература од која е црпена содржината на спорната енциклопедиска одредница, но како извори се посочени текстови од дневниот печат. Тоа, истакнува, Петрушевска, не е недозволено во научни трудови, и се' зависи од фактот „која е посакуваната цел“. Освен неа, авторот на спорната одредница за ОНА е и нејзиниот колега, професорот по уставно право Светомир Шкариќ.
Во написот во весникот немаше линк, а јас го додадов до англиската верзија оти на македонската верзија не најдов таков напис. Делот што го истакнав со италик укажува дека не само што се прекршени условите на лиценцата под која се објавени содржините на Википедија (Криејтив комонс наведи извор сподели под исти услови 3.0), туку и праксата за пишување научни дела надвор од Македонија, каде што секој извор треба да се наведе како дел од редовната постапка. Во „белиот свет“, Википедија се прифаќа како корисна алатка за пребарување, но никако како авторитетен извор поради нејзината природа. Во најдобар случај се користи како место каде што може да се најдат линкови до референтни извори.
Еве и една корисна дефиниција од Википедија:
Plagiarism, as defined in the 1995 Random House Compact Unabridged Dictionary, is the "use or close imitation of the language and thoughts of another author and the representation of them as one's own original work."
Плагијат, според дефиницијата од (речникот) Рандом Хаус компакт анабриџд дикшнари од 1995 е „користење или блиска имитација на јазикот и мислите на друг автор и нивно претставување како свое оригинално дело.“
За прекршувањето на лиценцата Википедија може да ја тужи МАНУ. Ако не знаете англиски, може да ви се најде локализираната верзија на претходната верзија на лиценцата, односно договорот за неекслузивно пренесување на авторските права: Наведи извор-Сподели под исти услови верзија 2.5 Македонија.
Инаку, низ медиумското покривање за енциклопедијата на МАНУ се провлекува уште една интересна неточност - тоа не е прва македонска енциклопедија. Многу години пред неа МИ-АН и Семос, а мислам уште некои издавачи, имаа објавено енциклопедии за Македонија.
Исто така, не видов ни информации дали оваа енциклопедија било кога ќе биде објавена на интернет, оти за подготовката на содржините веќе имаме платено и заслужуваме да бидат бесплатно достапни во дигитална форма (без скоро никакви додатни трошоци, кои зависат од печатењето). Најавена е баснословна цена од 8000 денари по примерок. Како што коментира Зоран Андоновски од Нова Македонија:
Башка што дури и ако другите написи во енциклопедијата на МАНУ да се само преводи на англиската Википедија, ако се достапни ќе може да послужат за многу потребното надополнување на посиромашната Википедија на македонски, која википедијанците ја градат практично без реална поддршка на академскиот естаблишмент.Ако Енциклопедијата е правена со државни пари, таа треба да биде достапна на Интернет за да не се плаќа два пати за нешто за што ние граѓаните веќе сме дале пари. Она што е направено - финансирано од државата нема авторско право, а со нејзиното ставање на Интернет малку ќе се ублажи огромниот недостиг од електронски содржини на македонски.
Кој поединец или заедница ќе ја купи за да ја прелистува? И зошто таков и толкав том? Да не зборуваме дека корекциите на едно интернет-издание е многу поедноставно да се направат. Нели ќе беше нормално сето тоа да го ставеа и на цедеа или на дивидија?
Сигурно тој што мисли да ја користи Енциклопедијата има компјутер, а тој што нема компјутер сигурно нема да има пари за да ја купи. И што е всушност идејата зад едно вакво издание, да фаќа прав или да се користи и да биде секому достапна, што во ваква квазирепрезентативна форма не е можно.
27 September 2009
Поразот на Србија од хомофобни хулигани
Популарната блогерка Ирена Цветковиќ во новата колумна „Непрочитана книга“ ја објаснува понижувачката капитулација на државата Србија пред група насилници.
Толерантноста на различноста, социјалното вклучување и видливоста останаа да бидат за ова општество непрочитани книги и непознати четива. Правата и слободите на припадниците на маргинализираните групи како и принципите на еднаквост пропаднаа како тема од нашиот јавен дискурс. Сега засега во ова тажно општество единствено е важно кој прв го населил Балканот. Додека тоа не се реши, може слободно да поцркаме.
За разлика од македонските медиуми незаинтересирани да обработуваат вакви теми, по повод овој настан пост има објавено и Ненад Јовановиќ. А и текстот на Канализација за одредот „Баба“ е во контекст.
Пригодно видео: спот со парада.
Alanis Morissette Hand In My Pocket
26 September 2009
Сведоштвотот на Александро од „Осуммината“
Пред неколку дена со големо интересирање го прочитав постот на Александро „Осуммината - дваесет години потоа...“ и поради неговата содржина, ама и како документ - примарен историски извор. Ме радува што блогот како медиум и во Македонија станува средство за пренесување директни историски сведоштва од важни настани, од прва рака.
Исто така, многу ми е интересно, но и загрижувачки што за блиското минато имаме многу малку јавно достапна документација. Без разлика каде се досиејата, барем повеќето од директните учесници се сеуште живи. Дали некој ги интервјуира? Дали пишуваат мемоари? Што ќе остане по нашава генерација?
Си приспомнувам на еден исклучително важен пост на блогот Маседониан тенденси од 2006, во кој беше укажано дека ако Васил Тупурковски, како член на последното претседателство на СФРЈ, во деведесеттите напишеше книга на англиски за распадот на Југославија, цел свет ќе го читаше. Ем ќе имаше огромно влијание оти странците навистина се обидуваа да сватат што се случило и дури по десетина години нивни автори почнаа да нудат објасненија... Ем ќе ја промовираше земјава во клучен момент.
Наместо тоа, тој се беше решил да раскажува за античка Македонија... За домашен пазар. Немам чуено ниеден од денешниве „антиквизатори“ ниту да ги спомене тие книги.24 September 2009
Куманово: Најава за предавање за електронските уметности - денес

Денес во 20:00 часот во 20.00 часот, во НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“, Куманово, познатиот критичар на уметноста и куратор Мелентие Пандиловски ќе се одржи предавање за електронските уметности.
Цел на предавањето е запознавање со современите тенденции во визуелните уметности е замислен како предавање на кое со примери од светските и македонски искуства од оваа област ќе се презентираат најновите согледувања и анализи.
Мелентие Пандиловски работи во Македонија и Австралија. Директор е на Центарот за визуелни и културни истражувања на Институтот Евро-Балкан од Скопје, а бил директор на Експериментал арт фоундејшн од Аделаида (2003-2009) и Центарот за современа уметност Скопје (1999-2003).
Повеќе информации на Калчр.ин.мк и Фејсбук.
22 September 2009
Новокомпонирање на празникот Вера, Надеж и Љубов
На Фејсбук има група со која се тврди дека празникот „Вера, Надеж и Љубов“ што се слави на 30 септември треба да се слави и како Ден на вљубените, демек како македонски пандан на Св. Валентин од 14 февруари.
Бидејќи ја знам приказната за маченицата Св. Софија и нејзините ќерки (St. Sophia) оваа иницијатива ја гледам како патетичен обид помодарски да се истакне дека ние не сме биле „покусо“ од „Запад“. Исто како самобендисаниот шовинизам на српските националисти од филмот „Лепа села, лепо горе“: „Док су они јели рукама, ми цап - виљушком“.
Новокомпонираното поврзување на љубовта од православниот мит со романтичната љубов и модата од XIX век за нејзино изразување преку комерцијални картички е навреда за светите маченици, кои биле мали девојчиња, девици и не помислувале на никакви љубовници. Срамота!
20 September 2009
Сексуално образование неместо конзервативно лицемерие
Македонија е сексуално заостаната земја. Ако е утеха, истото може да се каже и за САД. Медиумскиот сензационализам околу насоките на УНЕСКО (ПДФ) за воведување на образование за сексуалност е само уште еден показател дека сексуално образование треба да се воведе час поскоро. И тоа не само за средношколците, основците и децата од градинка туку и за новинарите, политичарите, а богами, и за некои професорки по педагогија.
...вели Жарко Трајаноски во неговата колумна „Медиумско самозадоволување“, чија содржина може да се поврзе и со претходни муабети сексуалното образование и оргазмот. Во видеото од ТЕД во претходниот линк се искажуваат сознанија дека дури и неродени бебиња мастурбираат. Природно си е природно.
19 September 2009
Затворена „отвореност“
Пред некој ден дознав дека колегите блогери Кими, Букарски и Карека (се извинувам што не знам португалски па може го утнав изговорот) на 18.09.2009. ќе гостувале во емисија наречена „Отворено со народот“ на Jавниот сервис МРТв.
Во нормални држави би било парадоксално што постовите во кој го најавуваат тоа кај првите двајца набрзо беа затворени за коментари, оти повеќето од коментарите што ги ѕирнав во едно магновение не содржеа ни навреди ни закани (иако некои не беа пофални).
Сопственик и водител на таа емисија е извесен Томиќ кој не го познавам лично, само имам чуено
- дека е меѓу „заслужните“ за емитувањето на спотот со кој се воведе поимот Македоноиди како зачетници на белата раса што донесе голем резил на Македонија,
- дека наводно е автор на познатото писмо во кое Груевски е наречен „пастир“ со слични последици,
- дека за црковни празници се занимава со симонија односно обиди за купување духовна вредност со пари,
- а и дека од државата за таа серија емисии добил 90.000 евра народни пари.
Емисијата не ја гледав оти почна сувопарно и имав нешто друго да правам, па да прашам: дали има нејзина верзија на интернет?
(Можеби ако самите блогери ја објават снимката, оти Томиќ колку што гледам нема сајт, дури и фотката искористена во еден од постовите на неговите гости е од сајтот на неговата конкурентска телевизија А1).
Би било интересно да се дознае дали блогерите-гости, како наводни претставници на народот и потенцијален коректив на традиционалните медиуми, покренале некоја од погоре наведените контроверзни теми од висок јавен интерес, за која на народот е ускратен отчет. Особено што третиот блогер пред кусо време ја имал покренато темата „лицемерие и полтронство“.
Исто така, ме интересира дали покрај со претставници на самонаречената конзервативна опција, на Јавниот сервис ќе има и
- емисија во која ќе настапат само блогери блиски до СДСМ,
- други емисии за секоја од поголемите партии,
- а особено емисија во која ќе настапат блогери кои не се блиски со ниедна партија и декларирана идеологија, а имаат што да кажат на општествени и политички теми. Еве како Фемгерила на пример, која е претставник на мнозинството од народот што не им верува на сите тековни истакнати политичари - ако судиме по излезноста на изборите.
12 September 2009
Бесплатни стручни совети за заштита на приватноста
Како дел од меѓународното движење „Слобода наместо страв“ денес од 11 до 14 часот десетина невладини организации, Дирекцијата за заштита на лични податоци на РМ и Град Скопје организираат јавни консултации во Градски парк, кај споменикот на Гоце Делчев. Целта е на граѓаните да им се овозможи да добијат бесплатни правни и технички совети од стручни лица за нивните права според важечките закони, со цел да може да си ја заштитат приватноста на интернет.
Меѓу експертите кои ќе волонтираат се и луѓе од Дирекцијата кои директно работат на решавање на проблеми по пријави од граѓаните и фирмите, па ова е одлична прилика за добивање директни информации и упатства за целиот процес.
Повеќе информации:
- Најава на настанот на сајтот на Метаморфозис
- Повикот за акција на светско ниво (на македонски)
- Меѓународниот веб-сајт на движењето „Слобода наместо страв“
Пренесете ја информацијава до вашите пријатели, особено ако планираат да се прошетаат денес. И повелете во парк! :-)
06 September 2009
Македонски сајтови со највисок Гугл-ранг
Линкот до список на македонски сајтови со највисок ранг на Гугл што се генерира автоматски го добив од Александар од Селотејп, во текот на разговор за форумизацијата на македонската блогосфера и важноста на меѓусебното линкување.
Може да ви се најде, нели?04 September 2009
Најзначајниот настан на МК интернет во 2009.
Нели е интересно што ниту комерцијалните медиуми, ниту блогери го одбележуваат најзначајниот настан на македонскиот интернет годинава.
МАРНет има почнато акција за исклучување на домените што немаат платено претплата. Според неофицијални информации, околу такви 2000 веб-сајтови се недостапни веќе неколку дена.
Забележав дека има и такви што се обидуваат да спасат ситуација со известувања дека нивната содржина може да се најде преку ИП-адреса.
Мислам дека овој потег е позитивен, оти голем дел од исклучените веб-сајтови се заборавени или занемарени од нивните сопственици. Се надевам ќе добијат поттик да станат поажурни, не само во плаќање претплата, туку и во грижата за е-содржините.
Е да, проверете си дали ви работи сајтот. И платите МАРНет-у, МАРНет-ово.

Ексклузивно! Ова првпат го прочитавте овде!
03 September 2009
Македонија вечна: Каде е спотот на Изи?
Дали некој знае од каде може да се симне квалитетна копија на спотот Македонија вечна од Игор Иванов Изи? Оној што добил награда на некој фестивал во Португалија.
За разлика од спотовите на Милчо Манчевски, овој го нема за симнување на официјалниот веб-сајт што се рекламира во самиот спот, ниту на сајтот на агенцијата Пристоп МК која била владин подизведувач за овој проект.
Му треба на еден другар со цел промоција на Македонија на некој собир пред странци, па симнување од Јутјуб не е задоволително.
