Блекаут

24 November 2010

ЗОО и СОРОС не се акроними

Два примера за потреба на обраќање до колешките од блогот Лектор, од нашиот јавен живот.

Пример 1: Фајромизирање на ФИООМ во „СОРОС“

Луѓе од владеачката политичка партија во РМ и нејзини блиски медиуми, фондацијата основана од унгарско-американскиот бизнисмен и филантроп Џорџ Сорос (анг. George Soros) ја нарекуваат СОРОС – со сите големи букви како акроним. За тие што не знаат, цитат од Википедија:

Акроними се кратенки составени од првите букви од некоја фраза или име. Под „први букви“ може да се подразбира само по една буква од секој збор (како во САД) или неколку почетни букви од секој збор (како во Бенелукс).

Конкретно

Всушност фондацијата се вика Институт Отворено општество (на светско ниво, на англиски името е Open Society Institute – OSI), а македонската фондација која е дел на таа мрежа се вика Фондација Институт Отворено општество – Македонија и го користи акронимот ФИООМ (анг. Foundation Open Society Institute Macedonia – FOSIM).

Да се нарекува една институција што си има свое име друго е форма на фајромизација (обид да се наметне друго име наспроти сопственото), па уште кога името се пишува со големи букви како акроним, изгледа без врска… Аналогно, нели би било смешно ако:

  • ВМРО би се нарекувало Организација ХАЏИ НИКОЛОВ,
  • или ВМРО-ДПМНЕ да се нарекува Партијата ГЕОРГИЕВСКИ,
  • ТВ Сител да се нарекува – ТВ ЅИНГО,
  • а весникот Вечер – весникот БОЈО.

Пример 2: Зоолошка не се скратува со ЗОО

Лого на Зоолошка градина Скопје

Лого на Зоолошка градина Скопје

Зоолошка градина Скопје нејзините вработени ја нарекуваат „Скопје ЗОО“ (на лого) или на латиница „ZOO Skopje“ на официјалната страница на Фејсбук. Во било кој случај оние буквине „оо“ не треба да бидат големи, туку мали – на англиски „Zoo“ како дел од наслов, „zoo“ во сред реченица.

Вака излегува дека тоа ЗОО е акроним, а не проста кратенка од „зоолошка“. Јас лично ги поздравувам и низ цел свет ги фалам позитивните промени во зоолошката, но мора да напоменам дека за сите нивни изданија, особено официјалниот веб-сајт, има потреба од лекторска интервенција. И тоа е дел од брендирањето и односите со јавноста.

23 November 2010

Сè уште може да се пријавува на конкурсот на ВИДИ

„Заради голем интерес, пријавувањето е продолжено до утре“ - односно, денес - 23 ноември во 12 часот.

Номинирајте свои или туѓи сајтови од регионот. Ова е добра прилика и за промоција на квалитетното од нашата и соседните земји.

Имате саат време. :-)

22 November 2010

Што рекол Милчо Манчевски?

Сабајлево на социјалните мрежи имаше многу коментари за нападот врз Милчо Манчевски од Д.П. Латас, па се обидов да дознаам зошто баш сега.

Колумната во Вечер е од типот argumentum ad hominem (на латински) или обид за нарушување на честа и угледот (character assassination на англиски). Со оглед на тоа што негативностите изложени во овој текст не се однесуваат на некој скорешен настан и можеле да бидат објавени најголем дел во претходните десетина години, а оние преостанатите во претходните неколку месеци, се прашав што била причината куќниот пријател на тековниот премиер токму сега да преземе вакво дејство.

Некои од дискутантните на Фејсбук го посочија интервјуто на Манчевски за А1 ТВ од пред неколку дена. Го има и на Јутјуб, па кој сака да ги споредува двете авторски дела, може да се послужи…



Малку метрика: во моментов на објавување на постов, бројот на гледања на трите видеа беше {128, 131, 106}.

21 November 2010

Промоција на вашиот сајт преку конкурсот на ВИДИ

Хрватскиот ВИДИ (VIDI), еден од водечките ИТ-часописи во регионов, веќе подолго време на крајот на секоја година има избор на најдобрите веб-сајтови од Хрватска. Оваа година во изборот има и една нова категорија „Top10 exU“ во која може да конкурираат сајтови од нивното странство, односно од просторите на бивша Југославија.

Со оглед на тоа што учеството е бесплатно и безусловно, ова е и добра прилика за промоција ако имате добар, комплетен и интересен сајт. Дури и вашиот сајт да не влезе меѓу првите 10, сепак добивате линк кон него како кандидат, што помага во дигањето на неговиот рејтинг на Гугл.

Рокот е понеделник, 22 ноември, во 12 часот. Ако првпат слушате за ова од постов што излегува околу 12 часа пред тоа, имате кратко време за реакција. Но уште пократко е потребно за да номинирате сајт – неколку минути.

На Твитер: #webtop100.

Напомена уште еднаш: другите категории освен VIDI Top10 exU се за хрватски сајтови. Ако вашиот сајт нема врска со Хрватска или не е на хрватски, пријавете го во оваа, без разлика на тоа од кој жанр е.

16 November 2010

Мистериозниот извештај на Европската комисија

Hollow Book
Фото: Маурицио Балванера

Ме интересираше дали блогерите ќе го прочитаат и коментираат Извештајот за напредокот на Европската комисија оти веднаш по неговото објавување беше една од главните теми во традиционалните медиуми. За жал, мислам дека тоа не се случува... Од оние неколку блогерски реакции кои претежно беа во врска со спорот со името не можев да увидам дека некој решил да се задлабочи малку и во прашањата кои ЕУ ги бара од нас да се решат и кои имаат директно влијание врз квалитетот на животот на луѓето во Македонија.

Нејсе, затоа решив да ставам линк до оригиналната верзија на извештајот, како и напомена дека треба да се очекува и негов превод на сајтот на Секретаријатот за европски прашања при Владата на РМ. Тоа е пракса секоја година и мислам дека навистина има потреба од премостување на јазичниот јаз. Исто така објавувам линк и до анализите на Македонскиот центар за европско образование и емисијата Ние кои беа објавени на блогови.

Најголем дел од нашето население не чита. Плус, најголем дел од нашето население не може да чита на англиски. Плус, извештајот е напишан со дипломатски јазик во кој нема место за „ова ептен не го бива“ туку ќе стои нешто како „забележан е многу мал напредок“. Нели поентата на целава државна активност е да се постигне голем напредок. Затоа решив да ги пренесам и описните оценки од извештајот според ниво на тежина, ако некој навистина сака да чита да знае што пишува.

  • significant progress (значаен напредок = петка? четворка?)
  • good progress (добар напредок = тројка?)
  • some progress (извесен напредок = ...)
  • limited, uneven, partial progress (ограничен, нерамномерен, делумен напредок)
  • no progess (без напредок)

Ако стои зборчето напредок тоа не значи дека се напреднало. Исто како кога некој политичар ќе каже „ценетиот колега“ не значи дека мисли дека тој на кого се однесува фразата навистина смета дека е ценет или дека вреди. Форма и обичај. Башка пристапот на ЕУ не е да го уништи оној кој и се спротивставува со деструктивни пориви, туку да му помогне и да го охрабри да се промени, да постигне напредок.

Бидејќи јас многу сакам аргументи со факти, читањето секогаш го почнувам од позади (стр. 78+), каде што се статистичките показатели. Ќе забележите дека за некои многу важни фактори кај нас воопшто не се врши мерење иако тоа е обврска заради споредба со другите земји од ЕУ, на пример:

  • каматни стапки за депозити
  • македонски инвестиции во странство во земјите на ЕУ
  • степен на прерано напуштање на образованиот процес
  • трошење за човечки ресурси за иновации и истражувања
  • емисии на гасови на стаклена градина (јаглерод диоксиод)
  • ...а за 2009 г. недостасуваат и низа други еколошки и енергетски параметри кои се мереле претходно

09 November 2010

Бркање на скејтерите од Градски парк во Скопје

Во саботата во скопскиот Градски парк бев сведок на две идиотски случки.

1. На тревник си играа мали деца од 2-3 години. Поминува поголема група возрасни и деца што со себе водат куче, бел булдог мажјак, пуштен од ланец и без заштитна маска. Булдогов се стрчува кон едно од децава што си играат и го преплашува на смрт – иако кучето сака да си игра, не треба да бидеш мало дете да те преплаши кога кон тебе трча куп заби и мускули – резултат на генетска предодреденост за давење и убивање.

Кога родителите се побунија, сопствениците на булдогот го заврзаа со каиш (не му ставија заштитна маска) и пробаа да ги убедуваат дека кучето само сакало да си игра. Секоја чест на кучето, ама сопственикот ем има законска обврска да се шетаат само на ланец и со маска, ем ако детето добие уплав од кучиња, тешко ќе го утешиш со тој податок. Секако тие нема да се занимаваат со последиците од тој проблем.

2. Малку подоцна, на платото кај споменикот на Гоце Делчев, три млади момци си возеа ролерки и вежбаа некои егзибиции. Се појавија двајца постари мажи на околу 50-60 години облечени во темно тегет униформи (оние јакни што може да поминат и како обични јакни) без никаков знак и им пријдоа:

Колку години имаш? – 15.
А ти? – 15… – 16.
Што да ти правам сега? Да викам полиција?

Сите во околината се зачудија, а најмногу тинејџериве. Се испостави дека изгледа агресивните старци се некаков вид чувари на паркот кои им забранија на момциве да возат околу споменикот, на многу нападен начин и без никакво образложение.

Кога младиве почнаа да си ја собираат опремата продолжија да ги малтретираат така што еден од жртвите мораше да праша „Што сакате, дали треба да ги симнам ролеркиве и да се тепаме?“ Одговорот беше: „Да не имаш пиштол?“

Младиве си отидоа да си спортуваат „на жардињери“, а чуварите ги снема.

Во паркот се возат и мотори, а и за тоа како и за кучињата без заштитна маска немам видено да интервенира полицијата ниту некој од чувариве.

Арно ама, еве јавниве служби ги бркаат младите што спортуваат, како што беа избркани и разни други супкултури, па прават кампањи „спорт да, дрога не“ да звучат уште попразно.

Дали ова второво беше инцидентно, оти луѓево од јавново претпријатије си ги извршиле сите други задачи па убиваа досада во пауза со покажување кој е газда на територијата, не знам.

02 November 2010

Корелација меѓу број на твитови и читатели?

Овој пост е достапен и на:
македонски на Блогерај · Корелација меѓу број на твитови и читатели?
English · Correlation between number of tweets and followers?



Пред некој ден со хаштагот #kvantitet иницирав мала анкета меѓу македонските твитерџии на тема колку твита имаат до сега. Резултатите за сите кои земаа учество во тој муабет се претставени во графиконот подолу. На X-оската се број на твитови (tweets), на Y-оската се број на следачи (followers), односно читатели.

Кликни на сликата за поголема верзија.

01 November 2010

Анџелина Џоли и лустрацијата во Македонија

Овој пост е достапен и на
- македонски на Блогерај: Анџелина Џоли и лустрацијата во Македонија
- English: Angelina Jolie and Lustration in Macedonia


Со оглед на вителот на нејаснотии, шпекулации и „филмови“ што произлегоа во врска со лустрацијата во Македонија, очекувам уште еден елемент со кој ќе се овозможи дополнително проширување на кругот на сомнителни, односно на лица кои од непознати извори ќе може да бидат обвинети дека биле соработници на тајните комунистички служби.

Деновиве во Скопје почнува прикажувањето на филмот „Солт“ со Анџелина Џоли, во кој таа глуми вработена во американските разузнавачки служби. Арно ама испаѓа дека дека неа уште од бебе ја обучувала Советската тајна служба и како дете ја подметнале како „заспан“ таен агент во САД.

Ако земеме предвид дека комунизмот бил меѓународно движење и можностите за размена на искуства меѓу Тито и Брежњев, како и традицијата на јаничарство (одземање на децата од мали од семејството за да работат за интерес на државата) на Балканот, испаѓа дека е многу возможно такво нешто да се случувало не само во СССР, туку и во СФРЈ.

Ако се прифати оваа претпоставка, тогаш како соработници на тајните служби од комунизмот ќе може да бидат посочувани и лица кои не биле ни полнолетни кога Југославија се распадна. Доволно да биле родени пред 1991 г. за да може да се посочи дека биле „програмирани“ соодветно.

Со ова ќе се прошират можностите за дискредитација и уцена за уште една генерација, без разлика дали се тоа комуњари или ретро-комунисти (самонаречени левичари или десничари), а богами имаме и изговор за да ја споменуваме госпоѓа Џоли во врска со Македонија (ко-брендинг).

Значи, очекувам за вакво нешто наскоро да се дознае на дежурните емисии за сеење страв, омраза и теории на заговор, штом некој од големите интелекти на македонската преродба го изгледа филмот. Секако, за тоа време никому не му е гајле кој сè од тековниве дрматори бил на кои функции во стариот систем, а и зошто би му било.

А филмот сам по себе го гледам како еден обид да се креира нова франшиза со елементи на темелите поставени од серијалот за Џемс Бонд, нешто како женски Џејсон Борн, со користење на авто-мото елементи од Матрикс, без толку добро објаснение за тоа како се останува жив при смртоносни акробации.

Најпрофитабилни дејности во Македонија, според личен доход

Се прашувате во која дејност во Македонија најдобро се заработува ако работиш „за плата“? Ова е пост за вас.

Преку Пинг.мк дознав дека Здружението на финасиски работници ги има пренесено најновите официјални податоци, меѓу кои и висините на просечни плати по сектори. Според нив, најголеми плати имаат вработените во:
  1. Помошни активности во финансиско посредување (36.368 денари)
  2. Воздушен сообраќај (34.805 ден)
  3. Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и топла вода (26.877 ден.)
  4. Финансиско посредување, освен осигурување и пензиски фондови (26.241 ден.)
  5. Осигурување и реосигурување, пензиски фондови освен задолжителна социјална заштита (26.020 ден.)

27 October 2010

Смешен бугарски оглас: Ненамерна безобразност

Следниов оглас го видов на еден македонски сајт, сервиран преку Гугл адсенс. Ми изгледа дека некои бугарски бизниси решиле да се рекламираат кај нас, арно ама нивното непознавање на македонскиот јазик доведува до многу смешен резултат.



Огласот има наслов „’Реденка‘ до Банско“ при што првиот збор се однесува на некоја област во Бугарија каде што може да се изнајми сместување.

Можеби понесени од националистичките предрасуди за „истите народи и исти јазици“ помислиле дека напишаното на бугарски ќе биде разбирливо за говорителите на македонскиот. Иако како јазици од иста--словенска--група, македонскиот и бугарскиот имаат заеднички особини, како различни јазици имаат и - разлики.

Така, зборот „вреди“ (за Бугарите што не знаат македонски превод на англиски has value) на бугарски значи „прави штета“.

Зборот „реденка“ кој на бугарски не значи ништо, на македонски значи „сексуален однос во кој поголема група мажи еден по еден полово општат со една жена“, односно оргија во која бројот на активните сексуални партнери е многу поголем од бројот на пасивните, при што таа оргија може и да не биде доброволна (англиски gang bang).

Не верувам дека огласувачите имале намера да се рекламираат преку ова значење, иако веројатно ќе добијат многу повеќе кликови од посетителите на интернет заинтересирани за порно содржини отколку што би добиле ако најмеле преведувач и лектор по македонски.

19 October 2010

Како да кратите линкови со Пинг.мк (и зошто)

pingmk-kratok-linkАко сте твитерџија или твитерџика, или и без тоа често имате желба или потреба да препраќате скратени линкови, може за тоа да го користите Пинг.мк и да обезбедите дополнителна промоција на линкот меѓу неговите корисници со кои не се познавате.

Најчесто за кратење кај нас се користи bit.ly или слични странски сервиси, како и домашниот 0.mk. Тие имаат свои предности, ама јас го препорачувам Пинг.мк бидејќи со кратењето линкови преку него ем овозможувате дополнителна промоција, ем на читателите на линкот што го препорачувате им се појавува лента со алатки преку која може директно да гласаат за него или да го коментираат. Ова е особено полезно во случаи кога линковите се од сајтови што не дозволуваат коментирање или имаат некакво филтрирање/априори цензура, на пр. сајтови од македонски традиционални медиуми.

Упатството е:

  1. Гледаш кул линк. Го копираш.
  2. Наместо на bit.ly, одиш на Поднеси на Пинг.мк (http://r.ping.mk/submit)
  3. Го внесуваш линкот со наслов и опционо со кус опис во соодветна група (категорија) или во општо ако не ти текнува каде.
  4. Пинг.мк креира и ти прикажува посебна веб-страница за линкот, на пр. ваква.
  5. Во десната колона малце подоле имаш „бокс“ со сина позадина во кој првиот ред пишува нешто како
    линк од алатникот http://r.ping.mk/tb/150u
  6. Ете го краткиот линк, кој може уште повеќе да се скрати со бришење на тоа „tb/“ и да гласи
    http://r.ping.mk/150u
    ако сакаш да заштедиш +3 карактери за во твитот
  7. Таквиот краток го користиш исто како од bit.ly, го копираш во твит и другде
  8. Тие што ќе го кликаат го добиваат оригиналниот напис плус лента со алатник да може да гласаат и коментираат директно на Пинг.мк…

Сите штедат на време, добиваат на интерактивност и видливост, оти така внесениот линк се појавува и во избраната категорија на Пинг.мк, а и на насловната страница во делот „нови“ (поточно, „нови: гласани“ – оти со самото внесување од човек има добиено еден почетен глас).

PS
Ако сакате да скратите линк до страница од Пинг.мк, тогаш е доволно од целата адреса која има форма
r.ping.mk/r/име_на_група/comments/код/име_на_линкот
да ги задржите само
r.ping.mk/comments/код
што во горниот пример би било http://r.ping.mk/comments/150u.

18 October 2010

Огромен интерес за ТЕД-икс Скопје (TEDxSkopje)

Деновиве многу твитерџии искажаа незадоволство од првичниот избор на учесници на ТЕД икс Скопје, кој според правилата на лиценцата (англиски) е ограничен на 100 лица. Со цел да ја структурираат дебатата, волонтерите кои го организираат настанот се согласија да направат групно интервју преку Пинг.мк во стилот на Аск Редит (анг.).

Со оглед на тоа што за многу („поважни“) општествени прашања нема воопшто дискусија на Интернет, интересот што го генерерираше оваа тема за многумина изгледа непропорционален. Арно ама, јас мислам дека е сосем соодветно, оти луѓето што се незадоволни од некои други појави (особено оние во кои се вмешани државни пари) веројатно сметаат дека бунењето им е џабе, додека во случајот гледаат дека на носителите на одлуки им е гајле што мислат граѓаните.

16 October 2010

Интернетска хипербола: дали преувеличувате кога пишувате?

Бисерка Велковска објави напис во Нова Македонија насловен „На Фејсбук, мувата станува слон“ во кој вели дека:

Драматичноста, пренагласеноста и емотиконите стануваат неизоставен дел од пишаната интернет-комуникација, веројатно како замена за елементите што недостигаат во отсуство на жив контакт – интонација, гестови, говор на телото…

Моето мислење е дека кога влегуваме во некој вид комуникација, со нас носиме и очекувања за тоа што сè треба да добиеме од комуницирањето, па ако нешто не го добиваме се обидуваме да го надокнадиме со дополнителни изразни средства. На пример, хиперболизирање со цел да се предизвика емотивна реакција.

Гледам дека на темава имало муабет на форумот Кајгана. Поврзана појава е и изборот на стил, на пр. луѓе кои при комуницирање лице в лице ретко би се осудиле да викаат и навредуваат, кога пишуваат на интернет се многу побезобразни и покавгаџии.

13 October 2010

Најава: Предавање за приватност на Институт за информатика

Денес од 12 часот како претставник на Фондацијата Метаморфозис ќе одржам кратко предавање на тема приватноста во Македонија во рамките на час по предметот „Професионална етика“ на Институтот за информатика при ПМФ во Скопје.

Една од целите на предавањето е да се поттикне и дискусија со студентите и проф. д-р Катерина Здравкова, која го организира настанот. Го објавувам постов за да ставам линкови до некои изданија што ќе ги споменам во предавањето, со што на учесниците би им било полесно да ги најдат.

Идејата е муабетот да продолжи и на Твитер, на хаштаг #privatnost.

11 October 2010

Ајвародроми – решение за многу проблеми

Многубројните проблеми кои произлегуваат од прохибицијата за правење ајвар пред зграда може да се решат со инвестирање во инфраструктурни проекти под заштита на државата – ајвародроми.

Илегално правење ајвар во СкопјеНа народот му треба ајвар, а не сите може или сакаат да си купат „купечки“. За сега има прохибиција на децениската традиција за правење ајвар пред зграда, која во некои случаи како овој во Карпош II се продолжува на свој ризик и незадоволство на комшиите — кои за чудо, досега и по неколку викенди ги немаат накодошено осомничените.

Историјата на прохибициите покажува дека ако државата нешто им забранува на граѓаните, треба да им понуди компензација за можностите што ги пропуштаат и во најмала рака да им ги задоволи основните потреби. Во спротивно граѓаните ќе се обидуваат да го добијат тоа што им треба без оглед на законот. При тоа, слабеат институциите на системот, се овозможува вршење на други видови криминал. Класичен пример за оваа појава е забраната прохибицијата на алкохол во дваесеттите години на XX век и криминализацијата на лесните дроги во САД. Од друга страна, Талибанците во Авганистан успешно воведувале разни забрани оти нивниот режим обезбедувал поголемо ниво на физичка безбедност од алтернативите (потребите на граѓаните од претходно биле сведени на минимум).

Моментално, испаѓа дека директна полза од забраната за правење ајвари пред зградите имаат само фирмите што продаваат фабрички ајвар. Истовремено, меѓу обичните граѓаните расне незадоволството без разлика на тоа што новите прописи можеби се донесени според стандарди наменети за нивна заштита, од загадување со чад и пожари.

Незадоволството е дополнето и од тоа што државата вложува во многу градежни проекти кои остануваат недовршени или не се од директна полза за поголемиот дел од населението. Ако веќе треба да се гради нешто и со народни пари да се обезбеди работа за приватните градежни фирми, наместо тениски терени веројатно би било пополезно да се направат ајвародроми.

Ајвародром е простор кој треба да го има во секоја урбана месна заедница каде што се живее во згради, без куќни дворови. Тој се состои од поплочена бетонска или бекатонска површина со инфраструктура за заштита од пожар и уреди со што би им се овозможило законско правење ајвар на граѓаните. Граѓаните би требало да имаат можност да си донесат свое ќумбе и дрвја, или пак да ги изнајмат, односно купат, на самиот ајвародром. Така, освен задоволството на населението, секој ајвародром може да биде и извор на приход за локалната самоуправа, како и место за вработување на партиските војници и фирми – оти тој ќе треба да има рецепционер, лица одговорни за чување на клозетот, чистачи, како и да се најми подобна агенција за обезбедување…

28 September 2010

Глобус: Највлијателните личности во ИТ секторот

Неделникот Глобус денес објави статија за „20 највлијателни личности во македонската информатичка технологија“ [sic]. За жал не е достапна на веб, па еве го списокот за кој не е наведено степенување на влијателноста, туку се само наброени. Ако знам дека имаат блог, линкот е ставен на нивното име.

  1. Игор Лештар, сопственик на Сивус
  2. Владимир Трајковиќ, професор на ЕТФ или по ново, ФЕИТ
  3. Предраг Чемерикиќ, Сашо Мацаноски – Трендо и Горан Милев, сопственици на Он.нет
  4. Иво Ивановски, министер за информатичко општество
  5. Јани Макрадули, пратеник и асистент на ЕТФ (односно ФЕИТ) во мирување
  6. Бардил Јашари, директор на Фондација Метаморфозис
  7. Игор Трајковски, асистент професор на ЕТФ (… ФЕИТ) и сопственик на Тајм.мк
  8. Владислав Попов, директор на Неоком
  9. Маргита Кон-Поповска, професор на ПМФ и претседател на УО на МАРНет
  10. Александар Марјановиќ, основач и раководител на Александрија
  11. Ванчо Ордановски, директор на Инфопроект
  12. Огнен Фирфов, раководен директор за продажба на АД Македонски телеком
  13. Венко Глигоров, директор на Логин системи
  14. Александар Пајковски и Коце Петров, основачи на Дуна компјутери
  15. Миша Поповиќ и Игор Стаматовски од Слободен софтвер Македонија
  16. Сеад Џигал и Дарко Булдиоски, основачи на Центар за нови медиуми
  17. Зоран Глигоров и Здравко Стафилов, творци на Маседониа срч
  18. Тони Петрески, директор на Инет
  19. Васко Кроневски, директор на Некст сенс
  20. Горан Митрески, директор на Кабтел
  21. Мери Кучера-Илиевска, директорка на Оракл за Македонија
  22. Илијанчо Гаговски, директор на Мајкрософт Македонија
  23. Петар Индовски, менаџер на Горд системи

Инаку по чаршијата се зборува дека освен горенаведените, Глобус профилирале и други личности и организации од областа, на кои ќе обрнат внимание во наредните броеви.

26 September 2010

Интернет маркетингот во Македонија: Повеќегодишно новороденче жедно за знаење

Интернет маркетингот во Македонија е „во повој“ веќе неколку години, иако има пионерски напори кои работат на подигање на нивото на оваа дејност.

Основната функција на маркетингот е стекнувањето и задржувањето на клиенти, а Интернет маркетинг се однесува на сите активности за постигнување маркетиншки цели со користење дигитални технологии. Овој поим е привремен, оти со растење на сеприсутноста и вообичаеноста на новите технологии ќе се изгуби потребата да се третира како нешто посебно. Слични транзициони поими се и е-бизнис и е-владеење, концепти кои во иднина нема да може да се разликуваат од она што ќе се подразбира како нормален бизнис или владеење. Овој еволутивен процес е во рана фаза во Македонија, иако во неа се нуди пристап на Интернет веќе 15 години.

При тоа, мора да се има на ум дека маркетингот е општествено-полезна дејност која придонесува кон поттикнување на протокот на пари кој е клучен за развој на економијата. Благодарение на маркетингот луѓето решаваат своите пари што ги кријат под душек за поцрни денови да ги употребат за да си задоволат и други, тековни потреби. Маркетингот е исто така многу повеќе од рекламирање, наспроти перцепцијата создадена во Македонија со прекумерна и несоодветна експлоатација на огласувањето. Сепак, неминовно е широко прифатените ставови да се одразуваат и на состојбите во дадена област поврзани со Интернет.

Наследени и тековни состојби

Голем дел од маркетингот на Интернет во Македонија отпаѓа на објавување реклами во вид на слика со линк, или банери. Всушност, многу луѓе што работат на веб изгледа дека не прават разлика помеѓу овие два поими. На многу македонски портали, единствената опција под менито „маркетинг“ е токму откуп на огласен простор за банери и тоа под чудни услови. Така, често единствена можност да се закупи период на прикажување, без гаранција за тоа колку посетители ќе го видат или ќе кликнат на огласот.

Дополнително, низа компании го сметаат спамот, за прифатлива форма на маркетинг иако несаканите и непобарани комерцијални реклами преку е-пошта се забранети со Законот за електронски комуникации (чл. 117 и 139) уште од 2005 година. За фирмите-прекршители се пропишани и казни од 4-7% од годишниот приход, но досега во јавноста не е познат ниту еден случај на изрекување од страна на надлежната Агенција за електронски комуникации. Иако некои луѓе изјавуваат дека не им пречи да добиваат непобарани информации, општиот ефект од гушењето со спам е ерозија на довербата на потрошувачите и губење на добрата волја кон новите медиуми.

За сега, во Македонија постојат неколку фирми специјализирани за професионални услуги од областа на маркетинг на Интернет. Таквите пионери, често прво мора да играат улога на едукатори за да креираат пазар, односно интерес на клиентите за нивните услуги. Според бројот на вработени ваквите агенции се мали и средни претпријатија, често основани од претприемачи поттикнати од нивни искуства со странство и/или како надоврзување на формални научно-истражувачки или образовни активности поврзани со нови медиуми.

„Генералните“ маркетиншки агенции ги користат услугите на ваквите фирми како посредници за обезбедување огласен простор на оделни портали, мрежи на веб-сајтови, или на странски социјални медиуми како Фејсбук. Само некои од големите агенции имаат сопствени капацитети во оваа област (обучени и искусни луѓе), па преферираат да го прават она што им е познато и нудат услуги аналогни на класично огласување. Најчесто маркетингот на Интернет се нуди попатно, како опција во пакет за поголеми кампањи кои првенствено опфаќаат огласи на билборди, во весници, на ТВ и/или радио.

Редовни клиенти од овој вид се телекомуникациски фирми или дистрибутерите на нови автомобили, веројатно поради стандардите наметнати од странство во рамки на нивните групи на фирми или франшизи. Кампањите најчесто се фокусирани на откуп на банери на локални забавни портали. Во последните година и пол има и огласување на социјални медиуми, како и спорадични обиди за употреба други опции што се нудат на нив.

Ваквата пракса создава навики преку кои се пропуштаат можностите преку Интернет да се примени основниот 4-член маркетиншкиот микс:

  • производ,
  • цена,
  • пласман
  • и промоција.

Наспроти тоа, би требало да се поттикнуваат размислувања и напори со новите медиуми да се покрие што поголем дел од него, во зависност од конкретната ситуација. Вака се пропуштаат и можностите за примена на останатите елементи од сегментот промоција, меѓу кои, покрај масовната комуникација чиј дел е огласувањето, спаѓаат и индивидуалната комуникација, раководењето со брендови и развој на корпорациски идентитет.

Демографија и приученост

Масовноста на потенцијалната публика не е единствен фактор кој влијае на интересот за интернет маркетинг. Уште во 2009 година неколку истражувања укажаа дека над 55% од населението се потенцијални клиенти, но фактори како културата, навиките и недостатокот на е-содржини—практични информаци и услуги од област на образование, е-влада и е-трговија—го попречуваат поместувањето.

Од инерција и низа комплексни причини, во Македонското огласување сè уште доминираат масовните медиуми на чело со телевизијата, па печатот и радиото, при што проценетиот буџет за огласи во нив е скоро неспоредлив со оној што се издвојува за интернет – буквално илјадници пати поголем. За споредба, во развиени земји каде се негува транспарентноста како САД и Велика Британија веќе уште пред повеќе од година дена се знае дека буџетите за огласување на интернет се поголеми од оние за во весници.

Иако македонските издавачи веќе извесно време се чувствуваат загрозени од Интернетот поради „одлевање“ на публиката, наместо да го запознаат тие често одбираа да го игнорираат. Затоа и основната улога на поголемиот број веб-сајтови на традиционални медиуми е само веб-архиви. Некои раководители на медиуми дури и сопствените интернет изданија ги гледаат како конкуренција на печатеното, занемарувајќи го потенцијалот да ги претворат во извори на приход и лојалност кон брендот.

Дури и фирмите кои водат портали чија основна намена е преку разни, обично тривијални содржини, да привлечат гледачи на огласи, сè уште не применуваат пософистицирани техники на анализа на публиката, профилирање и прилагодување кон интересите на корисникот.

Раст на бројот на корисници на Фејсбук од Македонија во последните 6 месеци.

Раст на бројот на корисници на Фејсбук од Македонија во последните 6 месеци. Извор: Фејсбејкерс.

Сознанието за сеопштата популарност на Фејсбук, кој тврди дека има над 700.000 корисници од Македонија, поттикнува обиди од фирми да го искористат како средство за промоција, самостојно или преку агенции. Потенцијалот е импресивен: и да се земе предвид проценката дека во даден ден барем 30% од корисниците не се активни, оваа платформа нуди можност за поефтина комуникација со барем двојно повеќе луѓе од читателите на најчитаниот дневен весник или со маса споредлива со бројот на редовни гледачи на најпопуларната телевизија.

Анкетираните компании кои користат социјални медиуми за промоција искажуваат задоволство од ваквите кампањи и намери да се продолжи и во иднина. Дел од фирмите податоците за својата успешност ги третираат како деловна тајна или просто немаат развиено детални системи за мерење, па е тешко да се процени каков е реалниот ефект.

На намалувањето на ефектите влијае и тоа што наместо да обезбедат стручна помош, голем број носители на одлуки сметаат дека искуството како обичен корисник е доволна основа за водење кампањи на интернет. Резултат на ваквата преголема самодоверба се неколку случаи на посрамување на државни тела, јавни установи и приватни фирми во последните година и пол. Во некои случаи ваквиот дилетантски пристап е до ниво да се пропушти да се прочита „упатството за употреба“ односно правилата за употреба на користените алатки.

Мора да се има на ум дека секоја активност на лице поврзано со некое тело на Интернет влијае на тоа како јавноста ќе гледа на ентитетот. Штом влезат во дигиталната сфера, податоците кои може да влијаат на нечиј углед остануваат таму, достапни на еден или друг начин. Во оваа смисла, вработените „работат“ за работодавецот 24 часа на ден.

Градење бренд = градење доверба

Маркетиншките гуруа како Џефри Фокс укажуваат дека за да се постигне успех во фирмата, сите што на било кој начин може да имаат контакт со клиенти мора да учествуваат во маркетингот, почнувајќи од портирот кој искажува топло добредојде или шалтерскиот работник кој не се однесува самобендисано. Интернет, а особено социјалните медиуми, ја зголемуваат потребата за усвојување на оваа вредност, бидејќи ги зголемуваат можностите за контакти на секој од вработените. Поради тоа во последно време се промовира и потребата да се воведат процедури и политики кои како дел од договорите за работа влијаат и на однесувањето во приватниот живот.

Создавање и негување на бренд подразбира креирање емоционална поврзаност помеѓу клиентот и производ, организација или личност. Информирањето и интеракцијата преку Интернет може да има клучна улога во градењето на еден бренд, особено заради заштедите во однос на примена на масовни медиуми. Имено, со дигиталниот маркетинг може да се прецизира до кого ќе стигне пораката, така што се намалува бројот на „промашувања“. Пример е реклама за прашок која се емитува на ТВ, која не ја гледаат само домаќини туку и деца, кои не се конкретни муштерии за тој производ.


Очевиден пример е тековната кампања на пејачката Кети Пери, која освен пласирање однапред подготвени интервјуа во традиционални медиуми има и компонента на канење на обожавателите да придонесат со видеа преку специјализиран веб-сајт. Дополнително кампањата креира настани со висок потенцијал за вирално ширење на информацијата преку социјални мрежи. Неодамна г-а Пери „упаднала“ на прослава на матурска во Австралија и пеела со средношколците. Освен спонтаната забава, можна причина за ова е потенцијалот присутните да снимаат клипчиња кои ќе се споделуваат преку мобилни и веб.

Брендирањето почива на создавање кредибилитет, за што придонесува односот на меѓусебна почит со клиентите, кој меѓу другото се темели на задоволување на нивните потреби при што рационално се троши нивното време и се заштитува нивната приватност.

Неофицијална главна функција на интернетот е трошење време, така што при воведување на маркетиншки мерки мора да се анализира дали тоа може да се направи поефикасно. На пр. ако се работи за поставување веб-сајт, дали може да се оптимизира дизајнот за страниците лесно да се наоѓаат и да се вчитуваат побрзо, да се исклучат елементи кои одземаат време или внимание како непотребни анимации – ако корисникот е дојден да чита текст, а ако има нешто за симнување, тоа да биде во компресирана форма за брз пренос.

Брендот не останува „во глава“ ако корисникот мора да чека да изгледа реклама или да помине анимација со логото за да стигне до содржината што му треба. Ако мора да чека, ќе отиде на некој од милионите други веб-сајтови кои се „оддалечени само еден или два клика“.

Еднонасочната комуникација наспроти интерактивноста има клучно влијание во перципирање на некој бренд како здодевен и бесполезен. Редовното истражување за користење на интернет кое Фондацијата Метаморфозис го спроведува на секои избори од 2005 година па наваму, во 2009 година покажа дека присуството на политичките кандидати и преку свои веб-сајтови и преку социјалните медиуми е воглавно про-форма и не се користи за дијалог со потенцијалните гласачи. На пр. ниту еден кандидат за градоначалник и само еден од седумте претседателски ги удостои со одговор прашањата пратени по е-пошта.

Истражувањето (PDF) исто така покажа корелација помеѓу нивото на искажана поддршка за претседателските кандидати на Фејсбук и реалниот процент на добиени гласови. Со тоа ја потврди тезата дека социјалните медиуми може да играат важна улога за правење брзи и ефикасни истражувања на пазарот. Ова е особено важно и од аспект на потсетување дека определувањето и запознавањето на целната публика е клучен фактор за секој маркетиншки напор.

И секако, поради тоа што секој веб-сајт автоматски собира податоци за своите посетители, тие мора да бидат свесни дека нивните лични податоци се заштитени, дека се згрижени на начин кој обезбедува унапредување на нивните лични интереси.

Како што укажува и Слободан Јаќоски во неговата неодамна одбранета магистерска теза за улогата на социјалните медиуми во промоцијата на интернет (2010), клучно е организациите да напуштат или „жртвуваат“ воспоставени маркетиншки навики, како идејата за контролиран тек на промоцијата карактеристичен за традиционалните медиуми. Според него социјалните медиуми ги принудуваат организациите да се „хуманизираат“, да ги прифатат „пазарите како разговори“ во кои „публиката има исто толку да каже како и маркетинг директорите и маркетинг агенциите“.

Што понатаму?

Истражувањето на германскиот Бренд сајанс институт за кое неодамна извести IT.com.mk, извршено во 12 земји на ЕУ покажува дека и во најразвиените економии постои недоволна свест за спецификите на маркетингот преку Интернет. Светски брендови покажале непознавање на основните поими (68%), важноста на интерактивноста (93%) и преоптеретеност со бирократија (76%). Наместо нурнување во социјалните медиуми, над една третина од фирмите сè уште ги сметаат ваквите проекти за форма за откуп на медиумски простор.

Писателот на научна фантастика Вилијам Гибсон има речено: „Иднината е веќе тука, само е нерамномерно дистрибуирана“. Градењето свест за потребата од постојано учење е напорен процес во средини во кои секој смета дека само случајно не се родил како освојувач на светот и каде што има примери за остварување на „американскиот сон“ за брзо богатење без заслуги. Ова е особено тешко за области кои се широко прифатени, па многумина мислат дека се мајстори со самото тоа што се корисници.

Понекогаш е добро да се потсетиме дека иако голем дел од возрасните се возачи, да се работи и само како шофер на камион, а камоли на Формула 1, е сосем друго ниво на вештина. По аналогија, важно е да се знае во кој момент треба да се побара експертски совет, дури и ако имате е-пошта од 2001, а на Фејсбук сте „меѓу првите“ – дури од 2008 г.

Текстов првобитно е објавен во неделникот Глобус на 7.9.2010.

23 September 2010

Повторна употреба на лозинки (XKCD)

Превод на стрипот XKCD: Password Reuse на македонски

Превод на стрипот XKCD: Password Reuse на македонски

Оригинал: Password Reuse. Автор на стрипот: Рандал Монро. Превод: Филип Стојановски.
Како и оригиналот, преводот е објавен под лиценцата Криејтив комонс-наведи извор-некомерцијално.

19 August 2010

Додека ти се чудиш какви глупости слушаш...

…тој што ги кажува ти ги зема парите од џебот.

Или ги троши јавните пари, кои се исто така и твои.

Окно денес објави одличен текст на Копач насловен „Демократска репродукција на дебилизмот или Зошто сме тука?“, за кој гласав на Пинг.мк. Еден мал цитат:

…најдиректен можен интерес на политичките дрматори е да расте бројката на апатичните и аполитичните, оние кои се гадат од политиката, оние кои не сакаат да се дел од политичкиот циркус и оние кои не ни помислуваат да земат некаво учество во јавниот живот, а камоли да гласаат. Што повеќе апатични има, толку помалку работа за партиите во однос на поединци и групи кои треба да ги контролираат, убедат, вработат, потплатат, искорумпираат, навлечат во разни активности и слично. Стеснувањето на обемот на граѓанството кое зема учество во јавните работи е нивен вистински сон на кој, гледаме, континуирано работат.

И додека ние џагориме ли џагориме, и им се смееме на нивните детски расправии и се чувствуваме супериорни, тие продолжуваат да го репродуцираат системот за дебилизација кој им ги зачувува позициите на моќ во општеството. Тивко ни се смеат за возврат, задоволни од тоа како лесно успеваат да ни ги продадат своите ефтини приказни.

13 August 2010

Внимавајте кои лични податоци ги давате кога барате донации

Сабајлево преку Фејсбук и Пинг.мк дознав за потребата на едно семејство да соберат пари за операција на тумор на мозокот на нивната двегодишна ќерка, вест која многу добронамерни луѓе, меѓу кои и Надежна, ја имаат пренесено како линк или целосно ископирано во пост на блог.

За мене најпогоден начин за донирање е преку СМС оти претпоставувам дека мобилните компании ги проверуваат ваквите барања пред да дадат број. Тоа е овозможено во случајов и ве поканувам да се придружите.

Родителите исто така навеле и банкарски сметки за оние донатори кои можат да бидат поширокогради. При тоа го навеле и матичниот број (ЕМБГ) и некои адреси (можеби се од банките, можеби од кај нив дома). Обете работи нема потреба да бидат објавени за некој да им уплати. Кога се уплатува доволно е да го знаете бројот на трансакциска сметка и податоците за банката, а не и ваквите осетливи лични податоци.

За ова се консултирав и со правен експерт од Дирекцијата за заштита на лични податоци.

Препорачувам да ја симнете многу полезната е-книга „Коментари на Законот за заштита на лични податоци“ кое од неодамна е бесплатно достапна, а содржи детални објаснувања напишани така и неправник како мене да ги разбере…