Блекаут

27 March 2007

Класични технофобни научнофантастични филмови

Постер за Терминатор (1984)
Уметноста е одраз, но и поттикнувач и зацврстувач на општествени ставови. Сè поширокото користење на персоналните компјутери и системите за компјутерски игри кон крајот на дваесеттиот век беше следено и со појава на голем број технофобни филмови кои доживуваа голема популарност. Во сите нив технологиите се прикажуваа со некоја скриена или отворена маана која доведува до опасност и дехуманизација. Исклучок е технологијата на огнено оружје, која функционира беспрекорно, а прикажаното насилство го дополнува чувството на страв на потсвесно ниво.

Осмиот патник (Alien , 1979, 1986, 1992) – тоа што ќе развиеме разновнидна висока технологија за истражување на вселената само ќе им овозможи на некои гадни чудовишта да нè изедат.

Лудиот макс (Mad Max, 1979, 1981, 1985) – иднината ни носи распад на општеството, насилство и нуклеарен холокауст. А тоа е само почеток на страданието.

Истребувачот (Blade Runner, 1982) – исклучително способните, човеколики роботи ќе се претворат во убијци ако нешто не им е по кеиф, на пример, тоа што имаат „фабрички“ ограничен рок на траење.

Воени игри (WarGames, 1983) - тинејџери + компјутери = крај на цивилизацијата каква што ја познаваме.

Терминатор (The Terminator, 1984, 1991, 2003) – компјутерите се лоши, роботите се немилосрдни незапирливи убијци, нуклеарната технологија е пропаст. Бегај! Бегај!

Електрични сништа (Electric Dreams, 1984) – домашниот компјутер има улога на демон кој се обидува да доминира со животот на својот сопственик.

Робот-полицаец (RoboCop, 1987) – дури и најхуманиот човек може да се претвори во машина, по што нема враќање назад.

Акира (Akira, 1988) – Лудиот Макс на стероиди со додавка на адолесцентна анксиозност.

Косачот (The Lawnmover Man, 1992) – користењето на виртуелната реалност доведува до лудило, страв и ужас.

Ѕвездени патеки: првиот контакт (StarTrek: First Contact, 1996) припадниците на цивилацијата Борг претерале во поврзувањето со компјутерите. Сега сакаат и нам да ни го наметнат тоа или да не уништат, сеедно.

Матрицата (The Matrix, 1999, 2003) – компјутерите не само што ќе нè поробат и искористуваат до максимум, така ќе нè суредат што на мнозинството ќе ни биде кеиф што е така. Само Бог може да нè спаси.

Шестиот ден (The 6th Day, 2000) – како и во повеќето научнофантастични филмови со Шварценегер, црно ни се пишува во иднината. Овој пат виновник е генетиката.

Јас, робот (I, Robot, 2004) – технофобна антитеза на законите на Асимов (насловот е ист како неговиот најпознат расказ), наспроти Двестогодишникот (Bicentennial Man, 1999) кој ја следи оригинална приказна за робот кој се хуманизира и се бори за своите човекови права.

На англиски: Classic Technophobic SF Movies