Блекаут

15 January 2007

Како до над 10.000 посети на ваша веб-страница во еден ден (студија на случај)

Во текот на ноќта меѓу 4 и 5 декември, меѓу 19 и 7 часот, еден напис на блогот „СФ Обзервер“, кој е „made in Macedonia“, во рок од 12 часа прими над десет илјади посети. Поуките како дојде до овој успех се полезни за сите заинтересирани за маркетинг и промоција на информативни содржини во светот.

Овој блог беше отворен токму заради испробување на новиот софтвер на Блогер, учење низ работа со социјално вмрежување како алатка за промоција, како и за презентирање на вести, ставови и мислења на членовите на блогот за научната фантастика и сродни теми.

1. Веб-сајтот треба да биде соодветен за намената

Блоговите се добра алатка за експериментирање во областа на веб-маркетинг и е-издаваштво поради тоа што почетните финансиски трошоци се минимални, а самата природа на медиумот обезбедува брзо поврзување меѓу сајтовите, кои се веќе оптимизирани за машините за пребарување. Нивната публика во голема мерка се други блогери, кои по дефиниција сурфаат повеќе од обично, па и резултати може да се добијат во далеку покус рок во споредба со целокупниот интернет-простор.

2. Презентирајте релевантни информации

Во текот на викендот сурфајќи наидов на вест која сметав дека се вклопува во концепцијата на блогот, надоврзувајќи се на некои претходни постови, а која во онаа форма која ја имаше по сајтови не ја даваше комплетната информација. Се работи за дополнувања на законската рамка за авторски права во САД во специјални случаи, со кои се овозможува пристап до софтвер кој веќе не се дистрибуира комерцијално (abandonware) – меѓу кои некои стари игри за DOS. Освен линк до веста, го пронајдов и оригиналниот текст на новиот пропис и ставив линк до него и цитат од најважниот член. Со тоа обезбедив информацијата да е комплетна, но и да овозможи понатамошно истражување за заинтересираните.

3. Вложете во промоција преку интернет

Основната адреса на веб-сајтот веќе ја имав промовирано преку сервисот „Стамбл апон“ благодарение на што блогот доби околу 1000 посети неколку дена пред тоа. За оваа вест се одлучив да го искористам сервисот „Диг“ и тоа неговиот „канал“ за компјутерски игри, чии читатели сметав би биле најзаинтересирани. Обата сервиси нудат вмрежување преку создавање на мрежи на пријатели кои меѓусебе на разни начини си препорачуваат линкови. Предноста на „Диг“ е што е целосно базиран на веб, додека „Стамб апон“ бара да се инсталира лента со алатки (toolbar). На „Диг“, доколку еден линк добие доволно гласови, тој се појавува на првата страница која е исклучително многу посетувана.

Тоа беше случајот и со нашиот напис. Откако доби иницијална поддршка од неколку десетици гласа, посетеноста се вивна на неколку стотици. Престојот на насловната го „заврши“ со 1440 „дигови“, а блогот во текот на наредните неколку дена оствари над 14.000 посети од целиот свет, оти некои од посетителите самоиницијативно имаа ставено линкови до написот и на своите блогови и веб-сајтови. Најголем дел од посетите беа од локации каде што живеат потенцијални странски инвеститори (САД, Западна Европа, Австралија, Источна Азија).

4. Следете ја ситуацијата и реагирајте соодветно

Во текот на вечерта, на самата страница за гласање одговарав на коментари од гласачите, што исто така помогна во промоцијата, оти нивните пријатели имаат можност да видат дали се активни во таа област и може да станат љубопитни зошто. Исто така, ги известив и пријателите што во моментот беа на интернет да се вклучат во журката. Во овој случај, вложувањето на финансиски средства беше минимално, но беше вложено искуство и знаење за начините на функционирање на системите.

5. Анализирајте и правете простор за понатамошен развој

Според анализите на агрегаторот Дигимак, кој се потпира на податоците од јавните бројачи на околу 88 македонски блогови, еден македонски блог во просек има нешто под 40 посети на ден. Оние најпопуларните ретко ја преминуваат границата од 200, со исклучок се порнографските, кои се сепак свет за себе. Голем број деловни македонски веб-сајтови веројатно имаат сличен обем на посети, ако може да се суди според оние кои имаат поставено јавни бројачи.

Значењето на овој случај е во тоа што не само што придонесе за светска промоција на конкретниот производ (сторијата и блогот), туку придонесе и во подигање на просекот на посетеност на целата македонска блогосфера. Доколку на македонските фирми или институции им треба деловна промоција преку интернет, неминовно е да ја земат предвид потребата од проактивен веб-маркетинг и потребата од стручна помош.

10 comments:

Anonymous said...

Редок си пријателе. Мора да се признае

алекса ангелов said...

Првиот линк во текстот не чини...

Развигор said...

Фала Бет едвајс, го поправив линкот.
Фала на пофалбите, Рибаро.

алекса ангелов said...

Се извинувуам што ќе бидам офтопик. Имам проблем со sitemeter-от на мојот блог веќе неколку дена. Имено, ѕm доцни со регистрирањето на посетите, некогаш и по 6-8 часа. Ако на пример го отворам блогот во овој момент а потоа и sm, последниот регистриран посетител е од 16:20, значи sm доцни 6 часа во моментов. Сите посети се регистрираат коректно, но се прикажуваат со задоцнување.
Дали Филип, или било кој што ќе го види ова го имал овој проблем, и ако го решил, како го решил?
благодарам!

Развигор said...

Мене ми личи дека не ти е добро наместена временската зона на Сајт митерот. Кога се пријавуваш добиваш и лозинка за да може да влезеш на нивниот сајт и да правиш подесувања.

BTW, за твојот блог мислам дека може да биде интересно и да правиш написи за тоа како поминале тие што си ги прогнозирал, односно да водиш евиденција за успешност. Тоа ептен може да ја зголеми посетеноста, се разбира ако те бива за погодување.

алекса ангелов said...

Неколку пати ги проверувам подесувањата, добра е временската зона избрана во подесувањата на сајт митерот. Се среди се денес наутро, но еве сега повторно се случува истото... навистина не ми е јасно во што е проблемот...
Инаку, не знам дали ти забележа, но вчера тоа се случуваше со sm-ите на многу блогови, меѓу нив и на твојот, имаше и период кога податоците од sm на неколкуте блога што јас ги проверив не беа достапни воопшто.
ОК, ќе просурфам сега. Очигледно е дека никој што го посетува блогов го немал овој проблем. Ако најдам решение ќе пишам овде.
И да, благодарам за одговорот и за сугестијата за водење евиденција на погодени натпревари, имам такво нешто во план подолго време...

алекса ангелов said...

По два дена чекање добив одговор од сајтмитер. Ако те интересира, можам да ти го испратам нивниот одговор за да го ѕирнеш и да го објавиш во пост.
Sm е веројатно најраспространет бројач на посети и верувам дека и на други ќе им се случи ова што ми се случува мене. Мојот блог ми се чини е несоодветен за таков пост.

Развигор said...

Бет адвајс: да, ме интересира. А може да го објавиш и кај тебе, па да се надоврземе.

алекса ангелов said...

Склепав едно постче околу проблемот со мојот сајт митер, можеш да го најдеш на мојот блог.

Deki_te said...

Супер статија друже!

Ми се допаѓа! Сеуште незнам како функционираат StubleUpon и Digg, ама како што гледам доста можат да придонесат...