Блекаут

06 February 2007

Веб 2.0 - спој на технологија и идеологија

„Неделно Време“ (број 974, 04.02.2007) го објави овој мој текст за Веб 2.0. Го пренесувам во целост оти на оригиналниот сајт линковите не се соодветно интегрирани. А на темата, ѕирнете и на Комуникации.


Веб два нула (Web 2.0) е еден од оние нови термини што за едни значат револуционерен чекор кон светлата иднина, а за други уште една компјутерџиска финта за продавање стари идеи и експертски ангажмани во ново пакување.

Официјално, со веб 2.0 се означува „втората генерација“ на е-услуги. Кај „првата генерација“, доминантна парадигма беше „клиент-сервер“: компјутерот на корисникот-клиентот се обраќа до „главниот“-серверот со барање или молба да му овозможи пристап до дел од информациите што ги чува, како на пример насловната страница од определен веб-сајт, или е-поштата од соодветно сандаче.

Кај втората генерација, информациите се чуваат децентрализирано, распоредени на многу сервери, но и на компјутерите, па и во главите на самите корисници, кои играат улога на јазли во мрежата. На пример, со користење на технологијата на РСС-фид, вестите внесени и објавени на еден веб-сајт, со посредство на компјутерска програма што е снимена на друг, може да се прикажат на илјадници „трети“.

Директната соработка и споделување помеѓу корисниците овозможува ефект на синергија - крајниот резултат да е поголем од простиот збир на составните делови - оти сите заеднички придонесуваат за подобрување на системите од кои се дел.

Платформите од втората генерација често се поврзуваат со социјалното вмрежување, односно создавањето заедници преку Интернет. Таканаречените социјални медиуми ги опфаќаат: блоговите, фидовите, агрегаторите, википедиите, алатките за директна комуникација и фолксономија - означување содржини преку клучни зборови. Заедничко за сите нив е дека користат информации добиени доброволно од самите корисници во најразлични форми: линкови/врски, оценки, одговори, коментари, текстови, слики, аудио и видео записи.

Демократско промовирање содржини

Платформите од веб 2.0 наменети за промовирање содржини од Интернет им овозможуваат на членовите да предлагаат и да гласаат за линкови, кои потоа во зависност од бројот на позитивни или негативни оценки добиваат поголема или помала посетеност. Овие сервиси служат и како еден вид јавна архива на вкусот за своите корисници, но тие пред се имаат значење како средство за разбивање на монополот во ширењето на информациите што ги одржуваат медиумските конгломерати.

Познатите претставници на овој жанр, како „Диг“ и „Стамбл апон“ имаат милионско членство и се во состојба да пренасочат илјадници нови посетители кон веб-адреси што добиле добри оценки од нивни влијателни членови.

Нивната основна привлечност е во тоа што овозможуваат демократичност - за да се промовира некоја содржина, треба „само“ да добие поволни оценки од критична маса корисници, наспроти рекламните кампањи платени од големите корпорации. Меѓу мерките против злоупотреби е и затворање на корисничкиот пристап ако се отворат повеќе кориснички сметки од иста адреса.

Смрт за телевизијата?

Набргу откако „Ју тјуб“ надмина 100 милиони прикажувања видеоклипови на ден, неговите сопственици, кои пред помалку од две години го склопиле софтверот „во гаража“ од „Гугл“, за него добија 1,6 милијарда долари. Ова на многу луѓе им ги отвори, па и ококори, очите. Аналитичарите на рекламниот пазар во САД, како Боб Гарфилд во „Вајерд“ (октомври 2006), почнаа да укажуваат дека „Гугл“ зазема позиции за заграбување на пазарот „тежок“ 67 милијарди долари, кој во моментов го држат телевизиите. Тие стануваат се поздодевни, попредвидливи и помалку гледани, присилувајќи ги огласувачите да се селат на Интернет. Дури и Бил Гејтс, за многумина задоцнето, неодамна во Давос почна да предвидува дека за пет години класичната телевизија ќе го загуби приматот.

„Ју тјуб“ на своите корисници им овозможува да објават или преземат најразлични видеоклипови: од домашни видеоснимки до инсерти од филмови и музички спотови. Огромната посетеност ја прави оваа заедница особено шаренолика, со своја култура, легенди и фолклор, херои и негативци.

Меѓу нив, покрај смешните клипови во караоке-стил, се истакнува личниот видеодневник на „Осамената девојка“. За него се испостави дека е режиран и дека главната протагонистка е актерка. Со по 500 илјади прикажувања по епизода, оваа сапунска опера снимена и емитувана од спалната на режисерот има достигнато поголема гледаност од просечна ТВ-серија. Нејзините автори веќе не ја сметаат за отскочна штица во светот на филмската продукција. Тие имаат откриено нов медиум.

„Ју тјуб“ има многу имитатори, од кои најинвентивен е „Слајд шер“. Наместо видеоклипови, овој веб-сајт овозможува споделување едукативни презентации.

Муабетчиска интеграција на ново ниво

„Мибо“ е класичен пример за техничка примена на принципите на веб 2.0 - поврзување на разни дотогаш одвоени апликации во една целина. Неговите членови може да „ги пријават“ своите лозинки за користење низа сервиси за директен разговор (ICQ, MSN, Yahoo, GTalk), а „Мибо“ им овозможува да пристапат до сите нив одеднаш, со една лозинка и во едно прозорче.

Сето тоа се одвива директно на веб, без потреба корисникот да инсталира што било на својот компјутер. Освен муабетењето со старите пријатели, „мибовци“ од неодамна овозможуваат сопствениците на веб-сајтови, особено блогови, да стават уред со кој и нивните до неодамна анонимни посетители може директно да им се обратат.

Позиција и опозиција

Поддржувачите и навивачите за веб 2.0 ги истакнуваат неговите добри страни, а возбудата и оптимизмот што ги генерираат се заразни. Сериозните забелешки, кои доаѓаат од искусни дигитални претприемачи како Ендрју Кин или аналитичари како Сем Вакнин, обично се однесуваат на паѓањето на академското ниво на квалитет на содржините на големите колаборативни проекти како Википедија.

Ваквите критичари укажуваат дека не се работи за демократија, туку за груба анархија во која оние најупорните компјутерџии, со најмногу време на располагање, може дарвинистички да се изборат да го водат главниот збор во дигиталните заедници, наметнувајќи го своите ставови. Така, луѓето со многу пријатели на „Диг“ може да промовираат секакви, па и неквалитетни линкови. На „Википедија“ повластен статус се добива со интервенирање во многу написи, благодарение на квантитет, а не на квалитет и научен углед, за разлика од „елитистичките“ академски публикации.

Промоторите на веб 2.0, пак, тврдат дека ваквите детски болести ќе бидат надминати, а особено дека нема да бидат повторени грешките од минатото. Нивна главна грижа е да најдат начини да се „опарат“ - сите овие прекрасни сервиси да почнат да носат реални пари, пропорционално со големиот број корисници.

Таквата одржливост би придонела да не се повтори „пукањето на балонот“, кој во 2000 година го означи крајот на инвестицискиот „дот-ком бум“. Оние интернет-играчи од деведесеттите што ја преживеаја таа криза, како „Гугл“, „Амазон“ и „И-беј“ своите бизнис-модели ги имаа изградено токму врз принципите на социјално вмрежување.

При тоа, имаа посветено особено внимание на еден аспект - овозможување на нивните корисници да заработат од своето членство, преку добивање процент од огласи или директни продажби. Младите лавови, како „Ју тјуб“, откако го почувствуваа мирисот на парите, тргнуваат по тие стапки. Пред неколку дена најавија дека приоритет им е да овозможат споделување на приходот од огласи со членовите на нивната заедница.

Експертот за нови медиуми Дарко Булдиоски смета дека се работи за навистина нов феномен, а не рециклирање на старото, поради тоа што:
„Принципите се поставени на различни основи од порано, не од маркетинг-агенции или медиумски корпорации, туку од корисниците. Допрва ќе се гради хиерархијата, со тоа што големите ќе се обидат да завладеат, штом ќе најдат начини од него да извлекуваат профит. Најголемите светски медиуми веќе се еден чекор пред конкуренцијата. Веб-сајтовите на „Њујорк тајмс“, „Вашингтон пост“, „Гардијан“, „Дејли телеграф“, „Ројтерс“... успешно користат некои делови од светот на веб 2.0.“

2 comments:

Anonymous said...

Одлична колумна Равигор, ОДЛИЧНА.

Tome said...

Океј, имам неколку забелешки на текстот а малку време... :)

Прво, технолошки, децентрализацијата на информации мислам дека не е она што го окарактеризирува Веб2.0. Информациите биле децентрализирани отсекогаш на вебот. За централизираност може да се збори во ерата пред тоа. Во овој контекст, би рекол дека поважна карактеристика е одделувањето на формата од содржината со XML. Преносот на таа XML информација пак е RSS feed-от. Значи, тоа е она што би се нарекло technical enabler (башка звучи ко rocket science :).

Другиот елемент е социјалното вмрежување. Арно ама, тука голем проблем е анархистичкиот предзнак. Тоа не е тек така кажано, мислам дека вебот се' повеќе ќе пати од оваа маана за која, реално, нема сеопфатно решение. Таа работа заслужува многу повеќе внимание. Мене ситуацијата со Википедија, на пример, ми е слика и прилика на една поразителна состојба во социјалните joint-effort програми каде, кој најгласно вика добива збор.


И на крај за едно освежување околу тоа што е и што не е Веб2.0, нешто што прочитав денес:

With a technical and a social layer, isn't Web 2.0 becoming a shapeless bag in which we're grouping anything that's looking new on the web?