Блекаут

02 February 2008

Астрологија и хороскоп: три антологиски видео-клипа

„Има два начини на гледање на ѕвездите: онакви какви што тие навистина се, или онакви какви што ние би сакале тие да бидат,“ вели астрономот Карл Саган во видео-клип од култната ТВ-серија „Космос“. Одлична појдовна точка за сваќање на односот помеѓу астрономијата и астрологијата, односно науката и празноверието кое се користи за политичко и економско профитерство.



Применете го следното тврдење на Саган врз примерот на загинатиот претседател на РМ, Борис Трајковски, кој има брат близнак Александар:
Астрологијата може да се тестира преку животите на близнаци. Има многу случаи како овој: еден близнак умира во детството, или е погоден од гром... додека другиот доживува удобна старост. Да претпоставиме дека тоа ми се случило мене. Мојот близнак и јас би биле родени на сосем исто место, со разлика од неколку минутки. Сосем истите планети би „изгревале“ во моментот на нашите раѓања. Ако астрологијата е валидна, како може да имаме толку суштински различни судбини?
Колку е лесно да се излажат многу луѓе укажува британецот Џејмс Ранди, истражувач на на натприродни појави:



Дали би му верувале и плаќале услуги на лице кое тврди дека е стручњак за одредена област, а истовремено покажува дека абер нема од основите на таа област. Дали би сакале да ве лечи лекар што не знае што се тоа вируси, или да ве советува адвокат што не знае ниеден закон? Дури и да има врска меѓу ѕвездите и личната судбина, тврдењата на денешните астролози се погрешни, оти поради ротацијата на земјата распоредот на соѕвездијата е променет и тие работат со застарена „мапа“. Од прилика на ниво на лекарите кои пред 2000 години верувале дека кога сте болни има нерамнотежа на течностите во вашето тело, па најдобра терапија е да ви исцедат дел од крвта.



Благодарност до minimoog кој во својот перциптивен коментар на темата празноверна инвазија во главните текови на македонските медиуми вклучи едно од видеата, со што ме поттикна да ги најдам и другите. За жал, инвазијата продолжува - денешниот број на додатокот „Викенд“ на „Дневник“ е целосно посветен на астролошка пропаганда. Мене лично помило ми е во животот да се угледам на луѓе како Карл Саган, отколку на луѓе како Видовити Милан. А вам?

3 comments:

GoodBytes said...

„Наука“ за 35 ден/повик + ДДВ.

minimoog said...

Повели другпат. :)

Anonymous said...

Видовити Милан е пародија на јасновидците и заебант кој собира пари од неписмениот народ. Нема сериозна намера да биде бајач :)