Блекаут

25 February 2008

Акција - размислување = пораз + фашизам

Во често цитираниот есеј „Вечен фашизам“, Умберто Еко посочува 14 особини кои доведуваат дадено општество да стане фашистичко, а со тоа и да се осуди на пропаст. Меѓу карактеристиките на ур-фашизмот (ур = оригинален, примитивен, првобитен) или прафашизмот, е и:
Ирационализмот исто така зависи од култот на акција поради акција. Бидејќи акцијата се смета за убава сама по себе, таа мора да се презема пред, или без, да се размисли за неа. Размислувањето се смета за нешто што ја одзема машкоста. Затоа, културноста е сомнителна, бидејќи се идентификува со критичките ставови...
Топло препорачувам читање на целиот есеј (стр. 1 и 2), со одвојување време да се размисли за тоа дека во овие тешки времиња, под притисок на огромни фрустрации и маки, секој од нас индивидуален има удел при изборот не само на тоа каква ќе биде нашата земја, туку и личната иднина на нашите најблиски.

Примерот со „патриотките“ од Србија, каде што двете девојки велат дека едноставно, „триста илјади луѓе крадеа, па и ние се придруживме и крадевме“ е многу типичен (social proof). Дали ве амнестира од лична одговорност ако се придружите на „триста илјади луѓе“ што ете, меѓу другото почнат и да убиваат?

Два неодамнешни јавни настани во Скопје за реална последица имаа повреди, материјална штета на граѓаните на Македонија, подигање на нивото на страв и депресивност кај повеќето наши жители, како и понатамошно рушење на угледот на земјата како безбедно и цивилизирано место за живот.

Колку години еден обичен граѓанин на Скопје треба да штеди за да си купи кола која може за миг да се уништи со заскитан куршум или камен? Замислите што би било во наредна таква оргија на уништување да падне крв, односно некој да загине?

Oбата горенаведени случаи, не се работеше за вклучување на сите граѓани, туку имаа јасна етноцентрична димензија - систем на обраќање со исклучивото „браќа и сестри“, наспроти инклузивното „браќа, земјаци и мили комшии“.

Читав некој повик за иден „мирен“ протест, во кој граѓаните на РМ кои не се етнички Македонци прво се именуваат со погрдни називи, а потоа демек како знак на великодушност се користат и соодветните. Тоа не е начин да се постигне обединување, туку разединување дури и по прашањето за името, за кое како за ништо друго барем до неодамна имаше консензус бездруго кај сите жители на државава.

Критериум за некого да признаам за лидер не е само добронамерност, туку и способност - да се предвиди, комуницира, постигне. А тоа се гледа од резултатите, односно последиците на нивните дејствија. За вакви ситуации има и предупредување во Библијата (Нов завет, Матеј 7.15-16): „Пазете се од лажните пророци, кои доаѓаат во овча кожа, а однатре се волци грабливи. По нивните плодови ќе ги познаете.“

Добро е пред било кое дејствие да се размисли за плодовите. Каква корист ќе има Македонија од твојот нареден чекор?

1 comment:

Anonymous said...

http://jovansblog.dobroutro.com/human-rights/fasistickiprotest/