Блекаут

10 February 2009

Граѓански манифест за Европска Македонија + трибини

Карикатура „Ти си Македонија“ од Дар-Мар

Минатиот петок (06.02.2009) во НВО Инфоцентарот беше промовиран Граѓанскиот манифест за Европска Македонија. Текстот на Манифестот (ПДФ, 315 КБ) беше објавен во неколку весници, а за него, меѓу другите на своите блогови со поддршка или негодување пишаа Бранко Героски, Јован Петров, Александар Димитријевиќ - Волан, Томе Христов и Жарко Трајаноски.

Имаше и неколку други реакции кои не ги линкувам поради покажаното ниско ниво на домашно воспитание, со детинесто наметнување имиња и прекари, лични навреди, клевети и закани, оцрнувања од типот ad hominem, а без никакво аргументирано расправање за содржината на манифестот. И на блогов и на трибините низ Македонија на кои ќе се претставува оваа иницијатива се добредојдени спротивставени мислења. Со нагласок на мислења, а не на папагалско повторување на копии на ставови на разни мегафони, кои никој и не ги чита. Свесен сум дека на некои толку им сече, ама исто така сум свесен дека давање моќ на таквите само овозможува да ни го губат времето.

Распоредот на првите трибини е следниот, а пред почетокот на изборната кампања ќе се одржат и во неколку други градови:

  1. Скопје: 10.02. (вторник) од 18:00 ч. во Детски театарски центар, Стара Чаршија,
  2. Велес: 11.02 (среда) од 18:00 ч. во сала на Општина Велес,
  3. Штип: 12.02 (четврток) од 18:00 ч. во сала на Општина Штип,
  4. Струмица: 13.02 (петок) од 18:00 ч. во Дом на АРМ.

Се одлучив да дадам поддршка за целото движење (и со објавувањето на постов) оти сакам да живеам во подобра, а не полоша Македонија, со повеќе и економски и демократски можности. Манифестот е политички документ оти се однесува на политички прашања кои ме засегаат мене како граѓанин, но не е политички во однос на тоа да се агитира за или против определена политичка партија или опција. Верувам дека вредностите кои се промовираат со него, вклучително и вистинска, а не шуплива, заштита на македонскиот идентитет, треба да ги имаат прифатено сите чинители на политичкиот процес.

Со мојава поддршка не навлегувам во тоа кој треба или не треба да биде на власт, туку што треба да прават властите, на што да се фокусираат наместо да ги расфрлаат тешко стекнатите народни пари на непотребни или јалови дејствија. Сосем ми е сеедно дали е Курто или Мурто, или двајцата или ниеден од нив, само лицата што се на јавна функција од портир, преку градоначалник, до претседател и премиер, да си ја вршат работата за која се избрани.

При тоа, свесен сум дека за многу работи од нашето секојдневие не се согласувам со сите потписници на манифестот, ниту дека симпатиите за политички опции ни се поклопуваат, освен за тоа дека во Македонија сите граѓани мора да имаат слободата, без страв и автоцензура, јавно да дискутираат за сите прашања кои им го определуваат животот и личната среќа. И дека политичарите треба да постапуваат според потребите на граѓаните, а не да им натураат ставови преку присила и заглупување помогнато од медиумите. Суштината на процесот кој се заговара со манифестот е дека сите може да имаме различни мислења и ставови, но дека може да се обединиме околу неколку фундаментални вредности кои условно се нарекуваат европски. Европски најмалку во смисла на интегрирањето во ЕУ, туку во смисла на создавање на пристоен, слободен и достоинствен живот во земјава без разлика на кој политички или друг сојуз припаѓаме.

Пред да ставите коментар, ве молам да го прочитате манифестот.

No comments: