Блекаут

04 February 2009

Гените не може да ја потврдат „чистота“ на нациите

Во врска со генетската генеологија, од еднаква важност е да се знае што може да се дознае и што не може да се дознае. На светско ниво постојат неколку фирми кои нудат испитувања, односно споредување на генетскиот материјал од клиенти со податоците и за современи и за луѓе од минатото од огромни бази на податоци. Меѓу најпознатите се проектот Генографик на Нејшнл џиографик, американската фирма Фемили три и Швајцарскиот институт за генетски истражувања иГЕНЕА.

За некои групи од минатото со испитување на посмртни останки се определени заеднички карактеристики и направени приближни профили со чија споредба во помала или поголема мерка може да се определи степен на сродство.

Арно ама, во ниеден случај не се работи за откривање на некаков „ген“ со кој ќе се определи етничка, па дури ни расна припадност. Да се зборува за „еврејски ген“, „тракиски ген“, „античкомакедонски ген“, „илирски ген“ или слично е целосна фантазија и ретроградна измислица, па затоа генетичарите често одбиваат односи со јавноста поради реалната опасност дека нивните изјави ќе бидат погрешно претставени и злоупотребени од неуки „ентузијасти“.

Денешната технологија овозможува испитување на два вида податоци: оние од Y-хромозомот кој се добива од таткото и митохондриската ДНК која се добива од мајката. Со ваквите испитувања може да се добијат податоци само за директните претци по машка линија (за машки) и за директните претци по женска линија (и за машки и за женски испитаници).

Една од првичните намени на ваквите испитувања е утврдување на татковство за потреби на правни спорови. Споредбата со базите на податоци овозможува пронаоѓање на некои роднини низ светот, доколку тие донирале свој генетски материјал за таа намена.

Испреплетено семејно стебло

Доколку се работи за споредување на карактеристиките на предците со оние на некој историски народ, тогаш мора да се има на ум дека во истиот тој временски период една личност немала само двајца предци, туку многу поголем број – зависно од тоа колку генерации поминале од тогаш и колкав е степенот на меѓусебно спарување меѓу сродници.

На пример, една денешна личност има двајца предци (родители) од пред една генерација, четворица (дедовци и баби) од пред две, осум (прадедовци и прабаби) од пред три и шеснаесет пред четири генерации. Практично е неминовно некои од предците да се роднини, на пр. далечни братучеди, па таквите ќе имаат заеднички предци, со што бројот на предци во претходните генерации ќе расте поспоро од геометриска прогресија. Но сепак, секој од нас е потомок на барем неколку илјади различни луѓе кои сите живееле истовремено во 323 година пред нашата ера – пред околу стотина генерации. Со генетско испитување може да дознаеме нешто за културната припадност на само за двајца од нив, ако имаме среќа нивни сродници да се нашле во пронајдените и испитани гробници.

Затоа, генетското испитување не може да ни даде одговор на прашањето „дали јас сум потомок само и исклучиво на припадник на тој и тој народ“.

Нема корелација меѓу маркерите (карактеристичен дел од генетскиот код) кои се користат за вакво испитување со другите информации кои се пренесуваат преку гените. Затоа, ако некому испитувањето на Y-хромозомот му покаже дека даден прадедо му бил антички Македонец, тоа не значи дека прабабата, или некој од останатите илјадници прадедовци од таа генерација не биле Илири, Хуни, Словени, Готи, Римјани, Тракијци, Пајонци, Банту, антички Грци, антички Турци, антички Кинези, Маји или Толтеци или било која тогаш идентификувана група со сопствена култура. Денешниот човек може да поседува наследен материјал кој потекнува од повеќето предци, како на пример сини очи од Готот или Норманот, темна коса од Хунот, орловски нос од Римјанинот, вита става и рамна снага од античката Македонка итн.

Исто така, треба да се има на ум дека заради процесите на рекомбинација некои од биолошките особини не се пренесуваат во наредните генерации. А особено, нема дилема дека информациите за културната припадност како јазик, историско паметење, религиски верувања, фолклор и други обичаи, не се пренесуваат преку гените туку преку меѓусебна комуникација меѓу луѓето.

Исто така, ако за еден Шпанец се открие дека имал предок Арапин или Бербер, а за еден Германец дека имал предок Евреин, тоа не значи дека сите нивни директни предци биле припадници на тие народи. Колкава важност ќе се придава на тој податок зависи и од степенот на патријахалност на општествената заедница, како и некои нејзини карактеристични обичаи и правни норми. Кај Евреите, припадноста на групата се определува по мајката, така што релевантноста на податоците од митохондриската ДНК ќе биде поголема од онаа добиена од Y-хромозомот.

За жал, во многу случаи, необјективните политички перцепции на луѓето се покажуваат како многу поважни од објективната информација која може да се добие од научно испитување на гените. Токму затоа е важно да се зборува на оваа тема и да се одвојат бабите од жабите. Особено затоа што дури и со жабите имаме заеднички предци, кои живееле пред околу 340 милиони години.

No comments: