Блекаут

23 February 2009

Патокази кои го скрнават античкото наследство за подсмев пред светот (Nationality Arena Filip II Macedonian)

Волан „ме претрка“ со пост за новите патокази кон градскиот стадион во Скопје (фотката е негова). Тој се осврнал на нерепрезентативниот и ефтин изглед и изработка, а мене ми падна в очи дека текстот е сосем неписмено преведен на англиски. На таблата стои:
Национална Арена
Филип II Македонски
Nationality Arena
Filip II Macedonian
Општиот впечаток е „сакам кажам не знам речам“, сосем непримерен на важноста на преименувањето на стадионот, особено од политички аспект. Башка што како на граѓани треба да ни е важно историските личности да се претстават со почит - како што е ред.

Дури и да не беше политичкиот контекст, ако Владата дава име на некој објект тогаш не смее да се дозволи импровизација - текстот на било кој јавен натпис мора да биде лекториран, на било кој јазик да е. За текстовите на македонски јазик Владата е и законски обврзана да ги лекторира. Доказ дека немало лектура во случајов зборот „арена“, кој по правопис треба да е со мала буква.

Она „Nationality arena“ некој што не знае македонски ќе го прочита како „Националност арена“ (буквално неточно во било кој контекст), додека Филип II Македонски на англиски се пишува Philip II of Macedon. Зборот Македон на овој јазик ја означува историската „античка Македонија“. Вака напишано говорител на англискиот би го прочитал како „Филип II Македонецот“. Технички не е неточно, но ако веќе пишуваш нешто на странски јазик, треба да биде препознатливо за роден говорител, а не да мора да си го допреведува со цел да свати што сакал авторот да каже.

Башка што има разлика меѓу самиот стил на градба - се знае што е стадион, а што е арена... Иако се работи за своевиден синоним, сам по себе зборот арена повеќе буди асоцијации на римска арена за гладијаторски борби отколку на модерен спортски објект, особено стадион. Во модерна смисла, арена (анг. arena) повеќе се однесува на објекти кои се помали од стадиони, со слична намена но покриени со покрив (на пр. како спортската сала „Борис Трајковски“). Во англискиот јазик арена најчесто се користи за места каде што се игра кошарка (покриени), а зборот стадион (stadium) за места наменети за фудбал, американски фудбал, или атлетика (со теренот под отворено небо).

Но ајде, да речеме дека и описниот дел од официјалното име на стадионот треба да има антички призвук... Иако старите Грци (оние истите што не дозволувале антички македонски натпреварувачи на Олимписките игри - еден од доказите за различноста) не одржувале спортски натпревари во арени, а немам сознанија за тоа дали другите антички народи освен Римјаните граделе баш арени и за што ги користеле.

Како и да е, ако наместо стадион се користи терминот арена, би можело да се додаде и дополнителна придавка, како спортска арена и слично, да се намали збунетоста на читателот. Така, правилниот текст на натписот на англиски би требало да гласи:
National Sports Arena (или National Stadium)
Philip II of Macedon
И чудно е што Влада која прва во историјата на Македонија на највисоки позиции вработи луѓе на кои англискиот јазик им е мајчин или го зборуваат како родени говорители да дозволува да се поткраднуваат вакви грешки, кои странските злонамерници може да ги искористат дополнително да го нарушат угледот на земјава.

2 comments:

Photo Volan said...

што фа кажам - сепак мојето познавање на англиски е скромно ... но ете ке испадне дека блогери можат да променат една непромисленост на владини служби ...

Развигор said...

Два дена по објавувањето на овој блог-пост дневниот весник „Дневник“ објави напис на темата со слична содржина, во која како авторитет што ги потврдува тука изнесените ставови беше цитиран проф. Драги Михајловски. Написот беше насловен „Филип Втори падна по англиски“, објавен на 25.02.2009.