Блекаут

07 May 2006

До кога политичарите ќе го србизираат македонскиот јазик?

Нашите политичари се главните виновници за зголемената србизација на македонскиот јазик, и тоа по осамостојувањето на Македонија. Овој став е широко прифатен од лекторите и други филолози специјализирани за современиот македонски јазик.

Повеќето од постарите политичари немале ниту прилика да добијат какво-такво образование на стандарден македонски јазик, бидејќи поголемиот дел од животот го поминале по центрите на моќ на СФРЈ. По враќањето во Македонија и вклучувањето на локалната политичка сцена, јазикот со којшто се служеа при јавни настапи може да се карактеризира како мешавина на нивниот роднокраен дијалект и српскиот, отколку како „литературен“ македонски.

За жал, самобендисаноста или неспособноста за учење ги оневозможи да се подобрат, а со тоа и да придонесат во развојот на македонската култура. Во меѓувреме, партиските структури кои ги создадоа воглавно се пополнија со нивни клонови, кои ги имитираат и на ниво на облекување и на ниво на говор. Се покажува дека ваквите клонови имаат малку време и за читање и за пишување на македонски јазик – активности што ем ја подобруваат употребата на јазикот во реториката и ораторството, ем придонесуваат за развој на способноста за критичко размислување. Забележете само колку често го користат србизмот „така да“, наместо македонското „така што“ - особено кога се трудат користат стандарден јазик, надевајќи се дека ќе остават впечаток на образовани и компетентни личности.

Во србизацијата на јазикот на политичарите им помагаат државните органи и електронските медиуми – радиото и телевизијата, кои го кршат Законот за употребата на македонскиот јазик и ги пренесуваат србизираните изјави на политичарите нелекторирани. Кај медиумите кои работат со пишан текст, како весниците и изданијата на интернет, текстовите воглавно се лекторираат, а кај изјавите со србизми се интервенира или со парафразирање, или со интервенција во цитатот.

Така на пример, во врска со неодамнешниот случај со струмичанецот и птичјиот грип, директорот на Ветеринарната управа буквално изјавуваше дека нивната цел е:
„Да ја отстраниме и најмалата сомнеж која постои на терен“ (МТВ1)
Во српскиот јазик зборот за сомнеж – „сумња“, е од женски род, така што е логично да се каже „најмања сумња“. Но во македонскиот, „сомнеж“ е од машки род, така што конструкцијата може да се дефинира како србизам. До душа, може е и хрватизам, под влијание на ХТВ, оти исто важи и за хрватскиот, а и за босанскиот. Правилно е „најмал сомнеж“, односно ставање на соодветните придавки во машки род.

Вест, ја исправа грешката на политичарот со парафразирање:
Според директорот на Ветеринарната управа Слободен Чокревски ова било неопходно да се направи за да се исклучи секаков сомнеж дека птиците имаат птичји грип, бидејќи кај нив нашите експерти откриле од Ветераинарниот факултет групен вирус н грипот од типот А.
Време, во еден случај парафразира на ист начин:
Од Ветеринарната управа велат дека ова е секојдневна активност на нивните екипи и, доколку има каков било сомнеж, јавноста навреме ќе биде известена.
... дополнително збогатувајќи го текстот и со синоними за сомнеж, како сомнение и сомневање. Во друг случај, Време, како и Канал 5 вршат директна лекторска интервенција во цитираната изјава:
Во типот А има стотина подвида, меѓу кои и вирусот на птичјиот грип Х5Н1. Заради отстранување на секаков сомнеж примероците се испратени на анализа во референтната лабораторија во Вејбриџ во Лондон по брза пошта. Се очекува тие да пристигнат во лабораторијата утре, а резултатите да бидат познати за неколку дена - рече Слободен Чокревски, директор на Ветеринарната управа.
Интересно е дека, од оваа перспектива, потегот на Али Ахмети, да го признае своето недоволно познавање на македонскиот јазик и со јавноста да комуницира преку (во овој поглед релативно покомпетентни) преведувачи, не само што овозможува ненарушување на неговиот углед, туку и придонесува за зачувувањето и развојот на македонскиот јазик.

Најтрагично е што родените македонски говорители, кои се барем просечно интелигентни (а дел од политичарите се и натпросечно), треба да вложат многу мал напор да ги научат и усвојат конечниот број правописни и правоговорни правила кои ја прават разликата меѓу србизатор и македонист.

5 comments:

proximus said...

да да.... во право си... се секавам на времето имаше една добра кратка емисија "зборувајте македонски" незнам зашто со власта ја тргнаа и неа, а од некои зли јазици тогаш слушав демек не требало да ја викат "зборувајте македонски" туку "не зборувајте српски".... некои нешта никако да разберам во македонијава ни...
во секој случај поздрав за текстот

Tome said...

Не го заборавај и акцентот. Самобендисаните политичари и нивните помлади клонови многу сакаат да користат едно одвратно, неправилно акцентирање со кое, претпоставувам, мислат дека ќе испаднат поречити или постручни. Во тоа дури, сум забележал, како да учат едни од други!
На пример, „знАчењето, стратЕгијата, србизАцијата :), поведЕнието, истОријата...“. Намерно ли заборавиле дека кога се членува, акцентот се поместува? Кога се учеше тоа, во 4-то одделение?

Кај ме потсети сега на ова, се изнервирав :).

GoodBytes said...

Сакав истово да го искоментирам, ама гледам Томе го кажал веќе. Јас мислам дека некои политичари од истокот на Македонија го донесоа тоа завлекување, така некако ми кажува сеќавањето, па потоа се прошири како политички говорен печат тоа погрешно акцентирање. Можеби се лажам, а и не е ни важно. Некои новинари во електронските медиуми исто го имаат прифатено ова погрешно акцентирање.

Користење погрешни зборови, погрешно акцентирање, ОК разбирам дека ич не им е гајле, но барем може да ги шибаат на вести: „политичарот Х на неправилен македонски јазик сакаше да каже дека...“, или уште подобро, да им се соберат сите лектори од медиумите пред Влада или пред Собрание и да носат транспаренти со примери за ЧППГ - Често Повторувани Правописни Грешки.

Да, и мене страшно ме нервира како јавно си го газат јазикот.

Anonymous said...

„На пример, „знАчењето, стратЕгијата, србизАцијата :), поведЕнието, истОријата...“. Намерно ли заборавиле дека кога се членува, акцентот се поместува? Кога се учеше тоа, во 4-то одделение?“

Има исклучоци.

Нема јазик кој не е во постојана преобразба. Оние јазици кои дозволуваат повеќе мешање (нпр англискиот) стауваат побогати, за разлка од, на пример, францускиот.

На крај, Круме Кепески и компанија го создавале правописот (пред само 60 години) со неброени произволности - овој дијалект од овој крај, онаа форма од другиот крај.

корисен линк:

http://pinker.wjh.harvard.edu/articles/media/1994_01_24_thenewrepublic.html

Anonymous said...

За сомнеж е дискутабилно. Во случајот со лицето од Ветеринарна, веројатно промената на родот е под влијание на српскиот/хрватскиот. Сепак, „сомнеж“ е од редот на именки кои во македонскиот можат дијахрониски да се разгледуваат и како двородови - во старословенски тоа била именка во женски род, но со губењето на флексијата кај нас преминала во машки.