Блекаут

17 April 2009

Обама и Спајдермен - изгубени во времето

Спајдермен со ОбамаДо душа, само за македонската јавност, ако го земеме предвид написот „Најмоќниот човек на светот како стрип јунак“ на Утрински весник од 11.04.2009 година, кој најавува настан кој се има случено пред четири месеци - дека (следи линк до коректен напис на темава од американски извор) компанијата Марвел објавила пригодна епизода на Спајдермен за инаугурацијата на Обама. Го цитирам написот од Утрински:

Новиот американски претседател Барак Обама дури ни за време на претседателската кампања не криел дека многу ги сака стриповите и дека е колекционер на сите стрипови на „Марвел“, во кој се вклучени и оние за Конан Барбара од седумдесеттите години на минатиот век. Со оглед на тоа дека Обама станал новиот жител во Белата куќа, наскоро на пазарот би требало да се појави стрип со неговиот лик, со што би се зголемила колекцијата на претседатели што добиле свое стрип-издание.

Написот ми го привлече вниманието бидејќи се гледа дека една од работите што преведувачот ги нема разбрано е дека Марвел е компанија која ги издава стриповите со Спајдермен и Конан Варваринот. Затоа, следи возбудлива интерпретација со пресврт:

Но, ова не е прва адаптација на Барак Обама во стрип-издание.

Сама по себе реченицава е точна, но не како што се објаснува понатаму во написот. Додека траеше кампањата Обама се појави во негова стрип-биографија (Presidential Material), исто како и неговиот противкандидат Џон МекКејн.

Пред извесен период и креаторот на „Спајдермен“ посакал да го стави во својата анимација ликот на Обама, но, по се' изгледа, „Марвел“ успеал подобро да го убеди Обама да даде согласност во неговите стрип-изданија.

Па... Марвел е компанијата за која работи ко-креаторот на Спајдермен, Стен Ли. Марвел е сопственик на авторските права. И на крај, шлаг на торта:

Инаку, според концептот на Обама - Спајдермен, неговото алтер-его претставува новинарот Питер Паркер, кој пристигнува на неговата инаугурација со цел да го види чинот на неговото прогласување за претседател.

Ај ќе ја занемариме недоветната конструкција на реченицата, фоторепортерот Питер Паркер е Спајдермен во секоја епизода од стрипот, со Обама или без него, како и во мегапопуларните филмови со истиот лик во главната улога... Го пишувам ова оти еве, доказ дека е можно да има луѓе во Македонија кои немаат основни познавања од општа култура.

Инаку, во галеријата со претседатели на САД во стрипови линкувана во написот од Балтимор сан недостасуваат низа важни стрипови, на пример оној во кој Реган го забранил Супермен, или портретот на Никсон во стриповите за Електра од Френк Милер и Бил Сенкијевиќ (Electra Assassin).

Конан СимеријанецотДополнително, она „Конан Барбара“ е индикатор дека можеби е преведувано од хрватски, со непознавање на функционирањето на падежи. Неодамна Марвел ги издаде класичните стрипови со Конан од седумдесеттите во едиција „Дивјачкиот меч на Конан“ (Savage Sword of Conan) во форма на омнибуси (дебели книги со многу епизоди заедно), а минатата година Дарк хорс комикс започна нова серија со реинтерпретација на неговиот живот со вклучување на неколку врвни цртачи, меѓу кои и Ричард Корбен, под наслов „Конан Симеријанецот“ (Conan The Cimmerian).

Е да, кај нас се нарекува Симеријанец, иако во оригиналот би требало да е со К. Нешто слично како Цезар и Кајсар, филозофија и философија - наследство од едно време/меѓувреме и споделуван културен простор.

No comments: