Исправете ме ако грешам, но „Дае“ од Столе Попов (1979) е меѓу најновите македонски документарци кој стекнал поголема видливост. „Шампионите од Шутка“ и „Чија е оваа песна“ во кои се обработуваат теми повеќе или помалку поврзани со Македонија се од странци. Филмот за човекот што ги бара другарите од војска низ цела СФРЈ е направен од иселеник...
А зар не би било и забавно да се појави некој македонски Мајкл Мур. Не во смисол на лева политичка ориентација, туку во смисла на режисер со смисла за хумор кој кога обработува некоја тема не се откажува додека не добие одговори од одговорните - снимајќи ги и кога бегаат од одговорност. Замислувам филм за смртта на работникот во Макстил и истрагата, за големиот шестотонски транспорт и паднатите мостови, куршлусот со ракометното првенство, патувањата за Пекинг со количка и точак, скриените археолошки артефакти, за мистериозната 2001... за злоупотребата на ваучери од страна на апсолвенти со вклучено јавување на нивните огласи, неспособните функционери поставени само да дигаат два прста по директива кои немаат поим од дејноста на телата кои ги управуваат, суеверието и десекуларизацијата...
Нели би било поинтересно од рециклираните вести за тоа што манџа ќе јаде Мадона за Божиќ, или „вестите“ (недекларирани реклами) како тие што организираат журки сами себе се фалат? Па и нашата естрада нуди супер теми, од позерството до разоткривање на мотивите на „бунтовниците“ што го бранат status quo. Било која актуелна тема нуди скапоцен материјал, сам по себе апсурден до степен на трагикомедија.
1 comment:
Lovely blog, thanks for taking the time to share this.
Post a Comment