Блекаут

25 May 2007

Критичка анализа на преувеличена изјава за Кирил и Методиј

Во еден прилично позитивистички пост на блогот Зорив наидов на следнава квалификација
...најголемите македонски просветители Кирил и Методиј, на кои почива целата современа писменост на овие пошироки балкански простори.
Сметам дека треба да внимаваме да не преувеличуваме, оти со тоа само си ја храниме нашата (етничка) суета, наспроти реалното значење и перцепциите за нас во светот.

Освен Македонците, Бугарите и дел од Србите, на овие балкански простори сите други не користат кирилица, туку или латиница (Словенци, Хрвати, Бошњаци, Црногорци, поголем дел од Србите, Албанци, Турци, Роми, Власи) или грчко писмо (Грци) - „азбуки“* кои немаат врска со Кирил и Методиј. Горната изјава не е точна.
Use of various scripts--Latin, Cyrillic and Greek--in the Balkans
Груб преглед на застапеноста на разни писма на Балканот,
направен според проценката на број на жители на земјите.


Дури и ако не се земаат предвид луѓето што живеат во балканскиот дел на Турција (само Истанбул има над 10 милиони жители, a наводно 10% од жителите на Турција живеат во европскиот дел), очевидно е дека за разлика од територијата на Република Македонија, корисниците на кирилица се малцинство на „просториве“. Дополнително, официјалниот став на две членки на ЕУ е дека Кирил и Методиј не се „македонски просветители“, што дополнително ја комплицира ситуацијата.

Немањето осет за реалноста ја намалува и нашата способност да ја подобриме.

* Самиот термин азбука означува употреба на кирилицата, а името доаѓа од имињата на првите букви „аз, буки“ (...„веди“ = јас букви гледам) . Аналогно доаѓа и терминот „алфабет“ (алфа, бета...) од имињата на буквите на феничански/хебрејски пренесени на грчки (алеф = бик, бет = шатор, гимел = камила). Употребата на зборот азбука за било кое друго писмо што не е кирилично е оксиморон, на пример „грчка азбука“ или „албанска азбука“ (која е латиница).

4 comments:

Струмјан said...

Европа според Ватикан има тројца покровители: Свети Бенедикт и Светите Кирил и Методиј!
Други нема!

volan said...

Има една Црногорска вели ...

“.. Ми и Руси 200 милиона ..“

Ги заборави русите во прегледот ... Значењето на Кирил и Методи е сепак многу пошироко ... мислам ако се разгледува писменоста де ...

Инаку познати се грешките од типот
-Македонија е крстосница ...
-Македонија е многу богата со рудни богатства ... со ова со она ...
-Македонците се многу наобразовани и интелегентни ...
-многу убави жени има - добро последново е проверен факт ...

:)

Razvigor said...

Волан, не ги заборавив Русите како народ што користи кирилица, но тие не живеат на „овие пошироки балкански простори“, на кои се однесуваше изјавата.

Од друга страна, на ниво на ЕУ, кирилични се само Бугарите (околу 1% од населението). Ако ги броиме сите членови на Совет на Европа, во кои спаѓаат и Русија и бившите советски републики, процентот на кириличари :-) би се зголемил, но сепак би останале малцинство.

Константин said...

Дополнително, официјалниот став на две членки на ЕУ е дека Кирил и Методиј не се „македонски просветители“, што дополнително ја комплицира ситуацијата.

Немањето осет за реалноста ја намалува и нашата способност да ја подобриме.


Ставот на три членки на ЕУ (Грција, Кипар и Бугарија) е дека Македонците како народ, јазик, култура и се останато се непостоечки или во најмала рака измислени коминтерновски творби,па таквите работи немаат никаков кредибилитет и значење кај ниеден разумен човек. Оттаму мислам дека констатацијата погоре не држи воопшто, ја замаглува реалноста и го отупува осетот кој треба да постои на сите страни.