Блекаут

18 May 2007

Спамот е забранет во Македонија!

Здосадено ви е од спам и спамери, или други форми на нарушување на Вашата приватност? Не сте единствени. Арно ама, Законот за изменување и дополнување на Законот за електронските комуникации 07.02.2007 година, како и измените и дополнувањата од април, (види: Регулатива/Закони на веб-сајтот на Министерството за транспорт и врски) во пречистена форма велат:
Член 117
Небарани комуникации

(1) Користењето на автоматски системи за повикување на телефонски броеви на претплатници без човечка интервенција, како што се факс апарати или електронска пошта, заради вршење на директен маркетинг, може да биде дозволено само доколку претплатниците претходно се согласиле со истото.

(2) Физички и правни лица кои имаат електронски е-меил адреси од потрошувачите на нивните проиводи или услуги, можат да ги користат тие адреси за директен маркетинг на нивни слични производи или услуги, но имаат обврска на потрошувачите да им овозможат во секое време, бесплатно и со користење на едноставни средства, да го спречат користењето на тие адреси.

(3) Се забранува испраќање на електронска пошта со цел за непосреден маркетинг со сокривање или прикривање на идентитетот на испраќачот на пораката, или пак без валидна адреса на која примателот на пораката може да испрати барање за прекин на таквите комуникации.
Интересни членови во однос на приватноста се и 111 и особено член 112, но за тоа подоцна. Важно е да знаеме дека според член 134, за надзор над спроведувањето на овој закон вршат Министерството за транспорт и врски и Агенцијата за електронски комуникации, која треба да врши инспекциски надзор. А што им следува на прекршителите на законот, може да дознаеме од:
Член 139

(1) Со парична казна во висина Глоба во износ од 4 до 7% од вкупниот годишен приход остварен во деловната година што í претходи на годината кога е сторен прекршокот или од вкупниот приход остварен за пократок период од годината што му претходи на прекршокот доколку во таа година правното лице започнало да работи, ќе се казни за прекршок правно лице ќе му се изрече за прекршок на правно лице, ако:
...
39) ги користи електронските комуникации за директен маркетинг без согласност на претплатникот (член 117 став (1));

40) ја користи електронската адреса на потрошувачите за директен маркетинг без да им овозможи на потрошувачите да го спречат користењето на тие адреси (член 117 став (2));

41) го прикрива идентитетот или дава невалидна адреса заради непосреден маркетинг со користење на електронските комуникации (член 117 став (3));
...
(2) Со парична казна од 20.000 до 25.000 денари ќе се казни за прекршок од ставот (1) на овој член трговец поединец и одговорното лице во правното лице. За прекршок од став (1) на овој член, глоба во износ од 1500 до 8000 евра, во денарска противредност ќе му се изрече и на одговорното лице во правното лице и на трговец поединец.
Како што би рекол Дјук Њукем, цитирајќи го ликот што го игра Курт Расел Роди Пајпер (фала Боби за исправката) во познатиот СФ-хорор-црна комедија „Тие живеат“ (They Live):
It's time to kick ass and chew bubble gum. And I'm all out of gum!

7 comments:

Unknown said...

Цитатот од филмот и јас го имам меморирано, ама прашање е колку е на место во пост за „спам“. Тоа негативците од „They Live“ многу ми личеа на Јапанци :)

Развигор said...

Забелешката за филмот е фуснота за филмофилите, поентата поврзана со постот е во компјутерската игра.

Anonymous said...

http://blog.gemidjy.info/archives/319

Овде има слична дискусија. И јас истото го открив пред месец дена. Има и нови моменти во развојот на спамажата. Имено, разбрав дека Топшоп работеле одреден период пред да започне нивната „наградна игра“ на прибирање адреси од е-пошта на корисници од Македонија, по што се повикувале на тоа дека некој Ве пријавил во играта. Не знам дали ова е сосема точно, но се повеќе и повеќе изгледа така, особено по последните бранови спам од нивна страна.

Законот е дециден, и сосема јасен, а од ТопШоп кога се чув ми кажаа дека целата игра и процедура е правна без никакви прекршоци. А се прават.

Goran Dimitrovski - Digital marketing & Personal Wellness Coach said...

Добра дискусија... Бидејќи гледам дека прилично сте запознаени со тематикава, ајде коментар на следново:

Имам фирма која СЕГА почнува да работи, и немам клиенти. И креирам newsletter чија содржина е понуда на производи и услуги на мојот бизнис. Истиот го испраќам до ПОТЕНЦИЈАЛНИ клиенти, со тенденција да прерасне во newsletter за постојани и потенцијални клиенти.

Во содржината стојат информации за име на фирмата, што се нуди, копче за одјавување, изјава за заштита на приватност на податоци итн. Не постои атачмент (се работи за HTML генерирана порака) или потенцијално штетни линкови. Големината на целата порака не надминува 20 kb, што ќе рече не е порака која блокира mail клиент - зафаќа или троши ресурси.

Нудењето на производ/услуга на e-mail е забрането според законов???

Anonymous said...

Децидно да. Опт-ин е единствениот начин на њузлетер кој не е спем. Опт-аут = спем.

Време е да се почне со тужби. Предлагам анти-спем група која групно ќе го води процесот.

Goran Dimitrovski - Digital marketing & Personal Wellness Coach said...

Сакаш да кажеш „плати си друг да го направи за тебе наместо сам“ а?

Може објаснување и некои линкови за да те разберам подобро?

GoodBytes said...

Горан, „opt-in“ значи листа составена од адреси за кои нивните сопственици самите избрале да бидат додадени. Како избрале, тоа ти види си со нив. На пример, можаш на твојот сајт да ставиш форма за да добиваат newsletter од тебе. Или, може да им понудиш печатен каталог со производи, во кој ќе ти порачаат производ и ќе ти остават е-пошта за која ќе се согласат да ја користиш за да им праќаш реклами. Или со иста цел можеш да им бараш да ти остават е-пошта за да им дадеш каталог во PDF формат за download (а во „правила за користење на сајтот“ со ситни букви да напишеш дека ако остават е-пошта ти имаш право да ја користиш во рекламни цели). Значи, било која варијанта во која корисниците ти даваат амин да ги спемираш, овај, да им праќаш newsletter. ;-)

Од друга страна, „opt-out“ е листа составена од тебе, а твоите e-пораки им нудат на примачите да изберат да НЕ добиваат вакви пораки понатаму. И како што Јован ти кажа, овој тип на листи го кршат Законот за електронски комуникации, Член 117, Алинеа 1.