Блекаут

29 May 2007

Кога жените не ги сметале за луѓе... (продолжение)

Во претходниот пост на темава, ги повикав читателите да придонесат со пронаоѓање на тоа како е решен преводот на тоа дело на Толкин кај нас. Арно ама, со оглед на тоа што на волкот му е дебел врато оти сам си коле овца, штом наидов на „Господарот на прстените, Д.3, Враќањето на кралот“ издаден од АЕА и Мисла во 2002 година, на 115 страница најдов како Офелија Ковиловска и Ромео Ширилов го превеле дотичниот дел („Битка на Пеленоровите полиња“):
Му одговори еден студен глас: „Не стој меѓу Назгулот и неговиот плен! Или тој ќе те убие и тебе кога ќе ти дојде редот. Ќе те однесе далеку, во куќите на тажењето, од другата страна на темнината, каде што ќе го изедат твоето месо, а твојот свенат ум ќе биде оставен гол пред Окото без клепки!"

Се слушна ѕвекот на меч што излегува од канијата. „Прави што сакаш, но јас ќе те спречам ако можам!"

„Ќе ме спречиш мене! Глупаку! Ниеден жив Човек не може да ме спречи мене!"

Тогаш Веселко ги чу најчудните од сите звуци во тој миг. Се чинеше дека Дернхелм се смее, а неговиот јасен глас беше како ѕвонење на челик. „Но јас не сум жив човек! Пред тебе стои жена. Јас сум Еовина, ќерката на Еомунд. Ти стоиш меѓу мене и мојот владетел и сродник. Бегај ако не си бесмртен! Зошто, сеедно дали си жив или дојден од гроб, ќе те уништам само ако го допреш!"
За жал, преведувачите тргнале по најбуквалниот пат, а решението не е ефективно. На македонски „јас не сум човек, јас сум жена“, звучи апсурдно. Според мене, подобро ќе било целата шема да ја заменат со „нема маж од мајка роден“ (со второто се одвратува вниманието од „маж“, малку се обопштува) или пак „нема јунак“, за да се добие контраст со изјавата на жената која го прокламира својот идентитет.

3 comments:

Unknown said...

"На македонски „јас не сум човек, јас сум жена“, звучи апсурдно."
Сега можеби звучи апсурдно, но дали звучела и пред 60-70 години, навистина не знам.
Треба да се испита :)

Развигор said...

Еднаш една девојка ми кажа дека си купила убав домашен фустан „за пред човек“ - демек за пред избраникот. Но ако личност од било кој пол каже „јас не сум човек“ значењето би било „јас не сум припадник/припадничка на видот homo sapiens“.

До душа, во таа смисла и контекст на Толкин „no man“ може да значи и дека јунакот што може да го суреди лошиот не е припадник на „расата“ луѓе, туку е виленик, џуџе или хобит... Ама тоа е веќе личи на тенчење на финтата откако ќе се раскаже вицот од страна на тие што не го сватиле на прва...

Tome said...

Мислам дека во контекст на книгата, "no man can kill me" едноставно значи „никој не може да ме убие“, што потоа низ зборовите на Eowyn се претвора во убава игра на зборови поврзано со "man". Ништо повеќе.