Блекаут

19 January 2009

„Чија е оваа песна?“ на интернет

Во пост на Археолошки дневник беше објавен филмот „Чија е оваа песна“, кој поттикна и дискусија на Кајмакот. Филмот е хостиран на Гугл видео и ако не ви се пушта од прва направете рефреш.

Авторката на филмот во делот со Албанија кажува дека ќе се врати таму, а тоа навистина се случило со нејзиниот следен филм „Развод на албански начин“. Дали и тој може да се најде на интернет?

Е за вакви работи зборував кога го барав македонскиот Мајкл Мур. Бонус: Џумерко.

18 January 2009

Македонците од Топлификација - медиумски мистерии

Злочко ја поврзува неодамнешната фалбаџиска изјава на Македонците од Топлификација дека добро се снашле со тоа што од гас преминале на мазут со нивните претходни оправданија дека зголемените цени биле поради покачувања на цените на нафтата. Ако претходно трошеле гас, зошто била зголемена цената? (За постот дознав од Кајмакот: Што согорува Топлификација.)

Важен елемент е што во оваа нетранспарентна ситуација, надлежните органи и медиумите не буричкаат и истражуваат повеќе за тоа колкав всушност е уделот на гас и мазут во трошоците на оваа монополска компанија.

Ова директно го засега џебот и на граѓаните кои добиваат страшно покачени сметки во последно време и на оние што плаќаат на слично ниво како порано.

Башка што мора да се разјаснат обвинувањата дека во првиот случај најпогодени се оние кои живеат на локации каде што имало многу исклучувања.

А терминот „Македонците од Топлификација“ е аналоген на Австријците од ЕВН. Мотивите и начинот на воведување на вториот исто може да биде тема на ептен важно истражување. Неконзистентноста на медиумите при идентификувањето на инвеститорите е индикативна, оти не се зборува за Грците од Жито Лукс, Бугарите од Кејблтел, Швеѓаните од Сведмилк, Грците од Окта, Германците од Македонски Телекомуникаии, Грците или Германците од Космофон, Словенците од Он.нет итн. Истражувачки новинари, каде сте?

17 January 2009

Секој ден, во секој поглед, напредуваме сè повеќе

Очекувам наскоро Берово да биде прогласено за град со најголемо количество на кислород во светот, или макар, Европа - барем за домашна употреба.

Патриотското самозалажување настрана, иако обата извори не нудат врз основа на кое мерење се добиени податоците, интересно е ако планинско место со 986 m надморска височина навистина има висока концентрација на кислород во споредба со пониски места во земјава, ако се земе предвид дека „Колку повеќе се качуваме во височина, количеството на кислород се намалува и атмосферата станува се понеподнослива за дишење“ (Википедија: Атмосфера).

15 January 2009

Со хумор против злото на расизмот и шовинизмот

Надоврзувајќи се на дискусијата за злоупотребата на традицијата и идентитетот, споделувам линкови до два интересни написи чија цел е идентификација и спротивставување на апсурдите:

За оние што не може да се погледнат во огледало како терапија, а за другите како потсетување на подобрите времиња, следи и инсерт од филмот „Мојата голема дебела грчка свадба“ во која таткото објаснува како зборовите од сите јазици на светот потекнуваат од грчкиот. Нели беше ептен смешно кога првпат го гледавте? :-)

Превод:

Другарката: Во ред г. Портокалис, еве на пример зборот „кимоно.“
Портокалис: Аха, кимоно... Кимоно, кимоно, кимоно. Аха! Секако, кимоно доаѓа од грчкиот збор химона што значи зима. А што носите во зима за да се стоплите? Наметка! Гледате, наметка - кимоно, ете ви.

Расистичкиот видео-клип прикажуван на МРТВ

Дали сте го виделе видео-клипот во кој „се обраќа Господ и вика дека од Македонците почнала белата раса“, прикажуван на нашиот јавен сервис МРТВ?

Клипот пред некое време беше посочен на Кајмакот како „рунтава семакедонштина“. Ако ви треба противотров на брзинка, ѕирнете го клипчето од „Шовинистичка фарса“ (чии елементи неодамна ги ремиксуваа Еднооки).

Арно ама, би сакал да ве потсетам и на еден мој коментар од летоска во написот за контроверзата со Хунзите и заштитата на „македонскиот генетски код“:

...Но можеби треба да дојде до некакво соочување со таквите кои стануваат мејнстрим во Македонија... оти со вакви искревени логики се уништува способноста за критичко размислување кај нашиот народ. А токму таа способност ќе ни треба повеќе и од порано во наредниов период, за решавање на проблемите со вистинските светски кризи кои надоаѓаат.

Споредете ги содржините од спотот и праксата на селективна „пресметка“ со паганството со поуките на Умберто Еко:

Оваа нова култура требала да биде синкретистичка. Синкретизмот не значи само, како што вели речникот, „комбинацијата на различни форми на верување или делување“, туку и дека таа комбинација мора да толерира и контрадикции. Секоја од првобитните пораки содржи зрнце од вистината, и иако личи дека тие кажуваат различни или некомпатибилни нешта, сите тие демек, во основа, алудираат, алегориски, на истата примална вистина.

Како последица, ваквите култури не дозволуваат напредок во учењето. Според нив, вистината е веќе искажана, еднаш засекогаш: најмногу што може да сториме е постојано да ја интерпретираме истата порака.

Бонус линк: напис за Калашите објавен во Вест 2003 г. Тоа се сограѓаните-конкуренти на Хунзите, потомци на оној другиот војник на Александар што заостанал по пат кои се „погрчиле“ пред да ги „откриеме“ и воведеме „во шема“.

Новорегистрирани македонски домени

Ова е навистина интересно: Георги Станојевски - Глиша, се надоврзува на претходната активност поврзана со водење евиденција за развојот на македонскиот доменски простор, па има направено апликација поставена на сајтот domejn.ot.mk за следење и известување за новорегистрирани .МК домени.

За обата линка има дискусија на Кајмакот.

14 January 2009

Мобилните телефони штетни за децата?!

Франција ќе забрани рекламирање на мобилни телефони на деца поради наводните стравувања дека мобилните телефони може да предизвикаат рак и други заболувања.

Често имам слушано „кафеански муабети“ за штетноста на зрачењето од мобилни, но без некој научен или медицински аргумент. Дали недостатокот на вакви податоци кај нас е резултат на моќта на телекомуникациските компании, или на неразвиеноста на научниот сектор кој можеби воопшто не чепка во оваа област на здравството?

Забелешки на тазе родител

Кит Најт ги пренесува своите впечатоци преку стрипче (на англиски)

Кит Најт за бебиња

...како и претходно.

13 January 2009

Каде се Владините реклами на интернет?

Се обидував, но не успеав да најдам видео-записи со рекламите од Владата на Република Макеодонија на интернет. Особено ме интересираат оние од кампањата „Ти си Македонија“, но и од другите кампањи, и тековни и минати.

Ако знаете каде би можело да се најдат, пишете ми по е-пошта или ставете коментар со линковите.

Порнографијата и Романија - сагата продолжува

Ако сте подолго на интернет може веќе ви е позната приказната за тоа како во Романија е донесен закон за заштита од порнографија на интернет во 2002 година, кој истовремено бил и неприменлив и неприкосновен од политички причини.

Продолжение на приказната е дека минатиот месец романската Национална агенција за комуникации побарала од интернет провајдерите да го блокираат пристапот до 40 веб-сајтови хостирани во Романија, бидејќи не ги исполнуваат критериумите од Законот за спречување и борба против порнографијата. Овој обид за филтрирање/цензура повлекува гужва на разни полиња во земјата која има над 1000 интернет провајдери.

Нови опции на Time.mk - пребарување

Пренесувам дел од известувањето што го добив од TIME.mk оти мислам дека е многу полезно за сите кои се занимаваат со следење на нашите медиуми кои објавуваат на интернет. Сајтов досега само прикажуваше тековни вести, но воведена е и многу потребната опција за пребарување:

Внесете ги клучните зборови во полето за пребарување и кликнете: Пребарај мрежа

TIME.mk автоматски ги преведува клучните зборови од латиница во кирилица и обратно, а исто така и пробува да најде страници со клучни зборови кои се слични на внесените.

Доколку сакате да пребарате некој специфичен сајт, (на пример on.net.mk) после клучните зборови додадете site:site_name (на пример site:on.net.mk)

Овој систем за пребарување специфични сајтови е сличен како на Најди! и е релативно едноставен, но може и понатаму да се автоматизира. Препорачувам да се воведе и посебна страница за пребарувања во која на пример со чек-боксови би можело да се избираат изворите, наместо да се пишуваат рачно.

12 January 2009

Ave! за блогот за Римското царство

Статуа на Цезар од Лувр, ПаризСо задоволство утврдив дека неодамна е отворен блог за Римското царство, оти сметам дека Стариот Рим е неодвоив и исклучително важен дел од македонскиот идентитет.

Бонус линк: дали знаете дека постои и Википедија на латински?

Нов вирус на Скајп

Внимавајте при добивање понуди да примите нешто од пријатели на Скајп.

Деновиве е актуелен еден вирус што кога ќе се закачи го тера домаќинот да препраќа автоматски неколку фајлови одеднаш со имиња поврзани со сексови и наставки .pif, .com, .exe и слично. Симнувањето и кликањето го активира вирусот кој се вгнездува во Скајпот.

Во таков случај кликнете „Cancel“ и прашајте го пријателот или пријателката дали навистина ви праќа нешто за вас. Може да не знаат дека го имаат префатено вирусот.

Како се гали мачка

Галење мачеУпатство за галење маче од веб-сајтот Катмас.

09 January 2009

Тајминг на светските медиуми како фактор (и Газа)

Во својата колумна „Хамас не е Хезболах“ Гери Бречер укажува на медиумскиот аспект на тековните операции во Газа кои започнаа на 27 декември 2008:

Израелците нападнаа токму во овој момент поради два невоени циклуси: циклусот на вестите и претседателскиот циклус. Ова е како војните што во минатото се воделе по совет на астролози: ѕвездите треба да бидат во точно определена позиција пред Апачите да почнат да дигаат во воздух и да настапат тенковите Меркава.

Најважниот циклус е циклусот на вести. Оваа војна започна во текот на „мртвата недела“ за меѓународните медиуми, помеѓу [„католички“] Божиќ и Нова година. Обичните луѓе се или пијани, или мамурни или затрупани во снег, а луѓето кои се важни, главните играчи во медиумите, се на одмор во Канкун или Пукет, си цуцаат рум со исклучени блекбери телефони. И тие нема да остават да им пропаднат парите кои веќе ги инвестирале во кол-герли со тоа што ќе гледаат вести од Газа.

Во остатокот на колумната Бречер го изложува мислењето дека другиот фактор е смената на претседателот на САД. Израелскито дисидент Ран ХаКоен го поврзува тајмингот на операцијата со претстојните избори во Израел.

Сеад за сељаштвото (простаклукот)

Она што Сеад го нарекува сељаштво јас го нарекувам простаклук, ама во основа се однесува на исто, што би рекол тој „дефицитот од социјална интелигенција. Тоа е нешто како разбирање на другиот и човечка способност да го видиш светот и од поинаква перспектива од твојата лична, и секако да се грижиш во одредена конвенционална смисла за другите околу себе.“

Или, недостаток на емпатија. Намерно, а со време и автоматско, игнорирање на информациите од и за другите со цел промовирање на краткорочни и кратковиди сопствени интереси на штета на градење асални меѓучовечки односи.

Во секој случај, препорачувам читање на неговиот пост.

Фајромизација во изборот за светски чуда

Реагирајќи на поттикот за учество на изборот на светски чуда, Жарко Трајаноски изнесува една многу валидна забелешка:
Ако гласам „патриотски“, како што препорачуваш, тогаш практично треба да се согласам на името „Republic of Macedonia (FYROM)“.
„Некронимот“ FYROM е изум на грчката пропаганда со која се понижува нашата држава, па оттаму сите „патриоти“ што ќе го притиснат копчето на кое стои „FYROM“ ќе станат жртви на непријателска пропаганда.
Тој предлага директна акција со која на организаторите на настанот, но и на други нешта со кои се промовира фајромизација - како Мајкрософт кој македонскиот јазик во своите производи го нарекува бившојугословенскорепубличкомакедонски (FYRO Macedonian), ќе им се укаже зошто треба да ги исправат ваквите пропусти или провокации.

Во некои случаи навистина може да се работи за пропусти, оти во недостаток на македонскиот глас на светско ниво, се користат туѓи информации или информации од меѓународни организации во кои (сакале нејќеле) членуваме како БЈРМ. Затоа, било да се организираат петиции, акции преку е-пошта или социјални мрежи, од огромна важност е да се задржи нивото на комуникација од кое може да зависи дали аргументите ќе бидат прифатени или отфрлени.

08 January 2009

Поддршка за промоција на нашите природни убавини

Две локации во Македонија - Охридското Езеро и пештерите Врело кај Матка се пласирале во вториот круг за избор на нови светски чуда на природата.

Ова е убава прилика за мобилизирање околу промоција на нешто што е заедничко на сите наши сограѓани, без поделби по етничка или партиска основа, ами со вистински патриотизам.

Затоа ја поддржувам иницијативата и ве поттикнувам и (повторно) да гласате на официјалниот сајт за избор на нови 7 светски чуда и да ја ширите веста преку постови на вашите блогови или со зачленување, активности и канење пријатели во групата на Фејсбук.

07 January 2009

Исправка за Хари Потер

Во претходниот пост направив ненамерна грешка, оти освен за рапот и хип-хопот, ми недостасува и знаење во врска со Хари Потер. Третиот дел од серијалот што ќе биде прикажан вечерва на А1 е „Затвореникот од Азбакан“, а не „Полукрвниот принц“.

За тоа се извинувам на читателите, а причината е веројатно аверзија оти „на прва“ ми се чинеше дека Џ.К. Роулинг има плаг... преземено и разводнето премногу идеи од Земјоморје - особено она со школото за волшебници, досега ги немам прочитано сите книги и изгледано сите филмови од серијалот.

06 January 2009

Фантастика (на телевизија) за време на празниците

Во текот на празнициве А1 ги прикажа целата филмска трилогија „Господар на прстените“, пократката верзија. Преводот во овој случај беше прилично добар, барем во очигледните примери како сцената со принцезата Еовин и кралот-вештер.

Истата телевизија ги прикажува и Хари Потер, со третиот дел (со „полукрвниот принц“) најавен како премиера вечерта на Божиќ. Ме чуди што луѓето на кои им пречат паганските обичаи сврзани со палење огнови во зима се немаат побунето поради оваа закана за институционализираните религии во земјава.

Забележително е што православните христијани на кои им пречи паганството не се бунат против промовирањето пагански кралеви по православни храмови, како на пример фреските со Филип II и Александар III Македонски новата црква во Радовиш. Слично и некои медиуми, кои се претставуваат како про-христијански, едновремено објавуваат и хороскопи и слични работи кои се прогласени за црна магија во христијанските свети книги.

Love ActuallyСепак, најфантастичен филм овие денови беше оној (Love Actually) во кој Хју Грант го глуми британскиот премиер кој му преречува на американскиот претседател.