Блекаут

25 January 2006

Недостасуваат домашни содржини? Намалете ги цените на хостинг!

Случајот со Блогерај обезбедува сигурен доказ дека еден од факторите кои го кочат развојот на македонскиот веб-простор е високата цена на хостингот. Кон крајот на октомври, Он.нет јавно понуди по 50 МБ бесплатен веб-простор за секој блог преку овој сервис, а вчера објави дека досега се отворени 700 нови блогови.

Се работи за 700 нови веб-сајтови. Ова постигнување е мерливо, што уште повеќе ја потенцира неговата големина. МАРНет регистрира околу седум илјади поддомени. Бројот на веб-сајтови поврзани со Македонија кои не се регистрирани под .МК доменот е голем, но не верувам дека ја надминува оваа бројка. Дури и да е приближен, се работи за зголемување од околу 5-10% на ниво на државата/културата, постигнато за само 3 месеци, поради отворање на една нова услуга.

Во општ случај, комерцијалните цени за веб-хостинг кои во Македонија се прилично повисоки од оние на светскиот пазар. Со парите што кај нас некои фирми ги бараат на годишно ниво за пакет со 10 MB веб-простор, на Јаху се добиваат 5 GB (500 пати повеќе) – резултат на реалното и драстично паѓање на цените на диск простор низ годиниве.

Секако, свесен сум дека Блогерај не е совршен (особено во споредба со Блогер), а во моментов немам увид во правата и обврските кои се содржат во договорот за користење. Мора да се спомене дека некои од македонските провајдери, меѓу кои Унет, Сонет и МТ.нет имаа/т пракса да спонзорираат, или да прогледуваат низ прсти за претплатата на, непрофитни веб-сајтови хостирани кај нив. Но тоа не го намалува значењето на преседанот.

Истражувањата на Метаморфозис, Националната стратегија за развој на информатичко општество (ПДФ), а и искажувања од претставници на провајдерите, меѓу кои и Предраг Чемерикиќ од Он.нет и Огнен Фирфов од МТ.нет на „Чуму“ (28.06.2005), укажуваа дека недостатокот на содржини на локалните јазици влијае на ниското ниво на користење на интернет кај нас. Блоговите помагаат, но мислам дека ќе настане огромен скок кога ќе се спуштат цените по мегабајт до ниво приближно на светското, за сите видови веб-сајтови.

4 comments:

Anonymous said...

Овде зборувам само како мал хост со некои 40-тина комерцијално хостирани сајтови. Од кои повеќето и сам ги имам изградено. Значи не сум најреферентниот човек за муабетов и учествувам во пазарот на ниво на промили.

Прво, американските цени тешко може да се постигнат со вистинска македонска услуга, бидејќи единствениот начин би бил риселинг на готовите пакети (т.е. земање провизија од продаден пакет за споменатите цени). Тоа не е суштински и вистински хост бидејќи нема контрола врз серверите, технологијата итн.

Тие цени се такви заради огромниот пазар и ненормалната конкуренција. Но од друга страна МК провајдери (оние големите) долг низ на години живеат во својот идиличен свет на продажба на пакети од 5 или 10 Мегабајти. Верувајте најголемата енергија што ја трошам кај корисниците е да им објаснам зошто мојот просечен пакет наменет за мали бизниси е 1 гигабајт а не 10 мегабајти (иако носи слична цена).

На крајот на краиштата и не е се во големината на просторот бидејќи еден просечен статичен сајт е цирка 10-тина мегабајти преку сила. Динамичните би оделе до 50. Остатокот е корисен за бекап, идни проширувања, повеќе содржини и големи мејлови.

И конечно, замислете си мејлбокс од 1 мегабајт (што ви останува во пакет од 5 мегабајти?) во времето на ГМаил?

Моја проценка е дека хостингот не е место од каде што ќе се вади леб за живеење заради неговата ултраконкурентност, но тоа по се изгледа МК провајдерите сеуште не го разбираат.

Значи сума сумарум, вистината е на средината. Прописен МК хост може да има цени како прописен УС хост од негова големина. Се друго е обид за брз профит. Се под таа цена отвора прашања за квалитетот на услугата, серверот, квалитетот на вработените, и прашањето дали воопшто има регистрирано фирма, плаќа даноци и слично.

Развигор said...

Дополнителен податок: во моментов на Блогерај има вкупно 2166 постови, значи во просек по 1 пост месечно од секој блог.

GoodBytes said...

GoDaddy е во моментов хост број 1 во светот. За квалитетот на неговите услуги можам лично да посведочам. А за цените, секој може да провери сам.

Споредбата на македонските хостови со американските дава ист одговор како и споредбата на македонските бизниси и деловен капацитет со американските: „многу сме назад“.

Вртоглавото растење на бројот на блоговите на blog.com.mk е најдобар показател колкав диспаритет постои меѓу понудата и побарувачката (или барем интересот).

GoodBytes said...

Јован, ти велиш:

„Прво, американските цени тешко може да се постигнат со вистинска македонска услуга, бидејќи единствениот начин би бил риселинг на готовите пакети (т.е. земање провизија од продаден пакет за споменатите цени). Тоа не е суштински и вистински хост бидејќи нема контрола врз серверите, технологијата итн.“

Не знам дали си запознаен со фактот дека GoDaddy и други топ хостинг компании даваат под закуп т.н. „виртуелни“ и „физички“ сервери. Во првиот случај, имаш машина која ја делиш со неколкумина (секој работи во свој простор), а во вториот случај се работи за dedicated сервер кој го користиш ексклузивно.

Во двата случаја, имаш ПОЛНА контрола врз серверот - инсталирај, деинсталирај, копирај фајлови, било што.