Блекаут

12 October 2006

Галерија на слики направени со сечење хартија

Од аНТИпункт дознав за иранскиот блог „Жива насмевка“. Не можам да откријам кој е автор на оваа галерија слики направени со сечење хартија, ама многу ми се допадна.

Јапонски џезери пеат „Јовано, Јованке“

Не знам ни кои се, ни кој ги снимал, ама звучат многу шизички.


11 October 2006

С.Ф.С.Н.

Ако деновиве добиете пораки што завршуваат со „С.Ф.С.Н.“, да знаете дека тоа е кратенка за „смрт на фашизмот - слобода на народот“.

Честит 11 октомври!

10 October 2006

Добивање список на фајлови од фолдер под Виндоуз

Како и обично, Гудбајтс објаснува една полезна процедура:

Дали постои начин во рамки на оперативниот систем Windows XP да се направи листа на фајлови кои се наоѓаат во даден фолдер и неговите подфолдери? Да, може со помош на една DOS команда.

09 October 2006

Годишнина на блогот на Горан Андреев

Блогот на Горан Андреев го слави првиот роденден. Честитки! :-)

Порнографија во дневен весник?!

Еден пријател ми укажа на печатење порнографски текстови во македонските весници, со експлицитни описи на сексуални чинови и слично. Наводно, пример за тоа е некојси текст од рубриката „Style“ насловен „Поправен испит“ (во веб-изданието има само вовед), издаден Во „Вечер“ на 6.10.2006 година. Баш ќе го побарам печатеното издание да се уверам, од воведот личи на раскажување на случај на проституција во академските кругови.

Дали тоа се коси со Кривичниот законик на РМ, кој вели:
Прикажување на порнографски материјал на дете

Член 193

(1) Тој којшто на дете ќе му продаде, прикаже или со јавно излагање на друг начин ќе му направи достапни слики, аудиовизуелни и други предмети со порнографска содржина или ќе му прикаже порнографска претстава, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.

(2) Ако делото е сторено преку средства за јавно информирање, сторителот ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.

(3) Со казната од став 2 ќе се казни тој којшто ќе злоупотреби малолетно лице за изработување на аудиовизуелни слики или други предмети со порнографска содржина или за порнографска претстава.

(4) Предметите од ставовите 1 , 2 и 3 ќе се одземат.
...веројатно ќе остане мистерија. Дали некој правник може да помогне со укажување како е дефинирана порнографијата во нашиот правен систем?

Ако не се расчистат овие работи, заканата од кривична постапка ќе виси како демоклов меч над слободата на говор кај нас, оти и разни други македонски весници (и веб-сајтови) објавуваат мека порнографија, пардон еротика, при што на ниеден од нив не стои дека се наменети само за полнолетни граѓани, постари од 18 години.

Еве, и јас сум објавувал голотија. Можеби не би било лошо за секој случај, јас на блогов да си додадам едно знакче „забрането за мало*.*“ или слично. Можеби така ќе бидам чист пред духот на законот.

07 October 2006

За општинските веб-сајтови: појавување во „Форум плус“

Во денешниот број на „Форум плус“ е објавен напис од Хусамедин Гина, насловен „Без визија и стратегија“, за тоа како општините комуницираат со граѓаните. Се обработува функционирањето на општинските весници и веб-сајтови.

Дадов мислење врз база на истражувањата на Метаморфозис:

Написот во моментов не е достапен на веб, па ќе го линкувам кога ќе биде.
Дополнение (16.10.2006): линковите се поставени соодветно.

05 October 2006

Замав за е-трговијата со платежните картички?

Мијалче има направено збирка од неколку линка за воведувањето банкарски картички за буџетарите. Импликација:
Значи сега од една страна може да се каже дека ги имаме клиентите оспособени (само да им дозволат и онлине да може да купуваат). Сега останува да се поработи на понудата која за жал не содржи ништо повеќе од забава и секс портали.

Нов доброволен прилог на Википедија

Врз база на неодамнешните постови, ставив три написи на википедија на македонски

03 October 2006

Проверете го своето познавање на ЕУ

Најдов двa четири шест квиза со кои може да го проверите своето знаење за ЕУ:
  • Britain in the EU - разбирливо, некои прашања се брито-центрични, но и нивните одговори се многу поучни.
  • EU4Journalists Quiz - сеопфатен.
  • Квиз од Гардијан - има некои брито-центрични прашања, но надокнадува со доза хумор.
  • На сајтот на нашиот Секретаријат за европски прашања има квиз, ама без пермалинк. Треба да се кликне на банерчето долу десно, по што се отвора ново прозорче во флеш. Интерфејсот е прилично комплициран, а одговорите на некои од прашањата се неактуелни или нелекторирани - „Латвија“ на македонски е Летонија, а „Обединетото Кралство“ ние го викаме Велика Британија.
  • Stop-discrimination Europe Quiz - спор интерфејс што бара многу кликање и не дава преглед на точниот одговор ако погрешите. Интересно ми е што симболот на ЕУ го дефинира како христијански, а не универзален.
  • Europa Go - прекрасно издизајниран флеш-интерфејс со едукативни игри и квизови, наменет за деца од 10-14 години, но нека не ве ограничува тоа.
Знаете за други вакви слични апликации?

Банерчиња до блогот „Македонски народни песни“

Преку Баждарџијата дознав дека Гуд бајтс направил и копчиња за линкување до блогот со македонски народни песни. Конзистентно со мојот претходен став, давам поддршка и за оваа иницијатива!

Со оглед на банерското слепило, дали знаете за студија која укажува на ефективноста на маливе (80 х 15) „блоговски“ банерчиња, наспроти поголемите?

Пентагон на „Мај спејс“

Вуна веќе спомена за авијацијата, а Ентајвор има објавено опширен напис (The Pentagon Befriends MySpace.com) како сите родови на војската на САД се обидуваат да го искористат „Мај спејс“ за регрутирање млади.

Доколку ви се допаднаа моите претходни постови на темава и се интересирате за темата социјално вмрежување, написов ќе ви биде исклучително информативен, оти е напишан од човек кој не е премногу воодушевен од таа технологија. На пример:
Како морничав одраз токму на оној свет, кој многу корисници на „Мај спејс“ се обидуваат да го избегнат преку нурнување во сајбер-просторот, мерката на успехот на овој веб-сајт е колку може да ја зголемите популарноста на вашата страница. Ова го правите преку објавување содржини кои заграбуваат внимание, без здив молејќи ги другите корисници, објавувајќи провокативни слики за да привлечете внимание, праќајќи „билтени“ до вашите постоечки „пријатели“ и барајќи од нив да ве „искурваат“ на нивната листа на пријатели. Со мултимилионите „пријатели“ што ги нуди, сајтот ужива широка популарност - и тоа не само меѓу несигурните адолесценти.

Гејтс: Предвидување на последиците од информатичката револуција

Во веќе споменатата книга „Патот напред“ (или „Патот пред нас“ – нема официјален превод на македонски) Бил Гејтс го споредува влијанието на тековната информатичка револуција со влијанието на пронаоѓањето на печатењето во Европа, околу 1450 година:
Пред Гутенберг, во целиот континент Европа имало само околу 30 илјади книги, а скоро сите биле или Библии или коментари на Библијата. До 1500 година имало над 9 милиони книги на најразновидни теми. Летоците и други печатени материјали влијаеле на политиката, религијата, науката и литературата. За првпат, луѓето кои биле вон црковната елита имале пристап до пишани информации.
Глобалната интерактивна мрежа ќе ја трансформира нашата култура исто толку драматично колку што печатарската преса на Гутенберг го променила Средниот век. (стр. 8-9)
Арно ама...
Информатичката технологија не е лек за сите проблеми. Ова ги разочарува луѓето кои сакаат да знаат како персоналните компјутери и интернет ќе ги решат сите човечки проблеми. Се прашувам дали во времето на Гутенберг луѓето се прашувале: „Која е ползата од оваа преса? Дали ќе ги нахрани луѓето? Дали ќе помогне да се излекуваат болести? Дали ќе го направи светот поправеден?“ Со време, таа навистина ги овозможила овие нешта, но во 1450 година веројатно било тешко да се предвиди дека ќе го стори тоа. (стр. 10-11)

02 October 2006

Препорака: Лудите римски цареви на ХТВ

Како и секој граѓанин на Македонија со свест за нашето наследство на старата римска традиција, ме воодушеви хрватската документарна серија „Лудите римски цареви“ која ХРТВ премиерно ја емитува секој понеделник во 21:40. Во целост се согласувам со оценката која за авторот (сценарио, режија и композиција) Божидар Домагој Буриќ ја дал еден форумџија:
Mislio sam da BBC to radi, dok sam gledao prvu epizodu, kadli krenuše odjavna špica i totalni šok - ovo je hrvatski proizvod!

Fenomenalno, sjajno, genijalno, zanimljivo i vizualno atraktivno. Koja priča, ljudi, nevjerojatno.

Buriću
Делото изобилува со одлично вклопени глумени секвенци и компјутерска графика, како и изјави од историчари од универзитетски центри расфрлани по (и) нашето бившо царство, како Оксфорд, Париз, Касел, Загреб... кои зборуваат на англиски, германски, француски, италијански и хрватски. Коментарите се аналитички, врз база на современите научни сознанија и наспроти широко прифатените предрасуди и стереотипи.

О, срце лудо, луди сни...

МСН тврди дека написот за патријахална индоктринација во педесеттите бил лажен и базиран на фантазија.

Пак за црвените очи

Релевантост на блогирање, според Моби

Моби има подолг пост на тема анонимност, автоцензура, слобода на говор... Во кој особен интерес и успех кај мене постигна со реченицата:
Сакав да коментирам, ама подобро нека биде пост.
И подобро е!

Трите Њутнови закони на движењето

Модерни формулации на трите закони на механиката на Исак Њутн (Newton's laws of motion), за кои денес знаеме дека се однесуваат на движење на тело со брзини значително помали од брзината на светлината:

  1. Инерција: тела во движење настојуваат да продолжат да се движат, додека телата кое мируваат настојуваат да ја задржат состојбата на мирување доколку на нив не дејствува надворешна сила.
  2. Забрзувањето на едно тело е правопропорционално со силата која дејствува на него, а насоката на векторот на забрзувањето е иста со насоката на силата.
  3. За секоја акција (примена на сила) се јавува еднаква, но спротивна реакција (сила со иста јачина и спротивна насока).
Законите Њутн ги објавил во неговото дело Principia Mathematica во 1687 година.

Трите Кларкови закони на предвидувањето

Артур Кларк (Arthur C. Clarke) ги формулирал трите „закони“ на предвидувањето (Clarke's three laws):
  1. Кога угледен, но постар научник тврди дека нешто е возможно, тој скоро сигурно е во право. Кога тој тврди дека нешто е невозможно, многу веројатно е дека тој греши.
  2. Единствен начин да се откријат границите на можното е да се отиде малку преку нив во невозможното.
  3. Секоја доволно напредна технологија не може да се разликува од магија.

01 October 2006

Тефтерот и ТМТ

За блогот Тефтерот дознав преку Технорати Мак Топ. Мислам дека заслужува поголем ранг од тековниот, па затоа и го линкувам.