Блекаут

09 October 2006

Порнографија во дневен весник?!

Еден пријател ми укажа на печатење порнографски текстови во македонските весници, со експлицитни описи на сексуални чинови и слично. Наводно, пример за тоа е некојси текст од рубриката „Style“ насловен „Поправен испит“ (во веб-изданието има само вовед), издаден Во „Вечер“ на 6.10.2006 година. Баш ќе го побарам печатеното издание да се уверам, од воведот личи на раскажување на случај на проституција во академските кругови.

Дали тоа се коси со Кривичниот законик на РМ, кој вели:
Прикажување на порнографски материјал на дете

Член 193

(1) Тој којшто на дете ќе му продаде, прикаже или со јавно излагање на друг начин ќе му направи достапни слики, аудиовизуелни и други предмети со порнографска содржина или ќе му прикаже порнографска претстава, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.

(2) Ако делото е сторено преку средства за јавно информирање, сторителот ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.

(3) Со казната од став 2 ќе се казни тој којшто ќе злоупотреби малолетно лице за изработување на аудиовизуелни слики или други предмети со порнографска содржина или за порнографска претстава.

(4) Предметите од ставовите 1 , 2 и 3 ќе се одземат.
...веројатно ќе остане мистерија. Дали некој правник може да помогне со укажување како е дефинирана порнографијата во нашиот правен систем?

Ако не се расчистат овие работи, заканата од кривична постапка ќе виси како демоклов меч над слободата на говор кај нас, оти и разни други македонски весници (и веб-сајтови) објавуваат мека порнографија, пардон еротика, при што на ниеден од нив не стои дека се наменети само за полнолетни граѓани, постари од 18 години.

Еве, и јас сум објавувал голотија. Можеби не би било лошо за секој случај, јас на блогов да си додадам едно знакче „забрането за мало*.*“ или слично. Можеби така ќе бидам чист пред духот на законот.

No comments: