Блекаут

30 August 2006

Премиерски, но и филмски благослов

Благодарение на Зомбификација дознав дека Експозето на претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски пред пратениците во Собранието на РМ од 25.08.2006 г. завршува со:
Нека Господ нè благослови сите нас и Република Македонија.
Тоа е многу слично на репликите од филмот на Крис Рок „Претседател на државата“ (Head of State, 2003), во кој „лошиот“ претседателски кандидат изјавуваше „Господ да ја благослови Америка и никого друг“, а „добриот“ одговараше „Господ да ја благослови Америка и сите други!“ (God bless America and everybody else!). Коинциденција: филмот се прикажувал на А1 на ист ден како и експозето.

Инаку, се согласувам со Жарко дека Владата мора да биде прва што ќе го почитува Законот за употреба на македонскиот јазик, чиј член 7 вели:
Службените текстови од законодавната, извршната и судската власт, локалната самоуправа, учебниците, емисиите, печатот, преводите и другите текстови од член 5 став 1 на овој закон, што се објавуваат, задолжително се лекторираат на македонски јазик.

Лекторирањето може да го врши лице со завршени студии на Филолошкиот факултет - Група македонски јазик и положен испит за лектор, како и лице со високо образование за македонски јазик со програма соодветна по обем и содржина на Програмата за Групата македонски јазик и положен испит за лектор, согласно со овој закон...
Сесрдно препорачувам препрочитување на Законов, за сите.

1 comment:

Јован said...

Дали сајтовите подлежат на овој закон?

Ако да, дали блоговите, малите огласи, форумите, аукциите и сличнитие socialware сајтови подлежат на истиот закон? Ако да, дали е потребно он-д-флај да се прави коректура? Ако да, дали е потребно на пр. струмичаните да бидаат цензурирани со своето наречје?

Искрени прашања, секогаш ме интересирале, никогаш не сум ги прашал.

Јас лично стојам од другата страна. Потребна е комплетна дерегулација на користењето на јазикот. Не сум сигурен каква е политиката во Англија и САД, но се ми се чини дека лектурата и коректурата кај нив се прават од култура, а не од законска обврска.