Блекаут

23 April 2006

Позитивни искуства од Келтите за Македонците

Нејшнал џиографик (National Geographic), и во својата англиска (Celtic Realm) и хрватска (Keltsko kraljevstvo) верзија има објавено многу интересен текст од Том О’Нил за денешните Келти. Читајќи го наидував на делови во кои би било доволно само да се сменат имињата на местата или народите за да изгледа како напишан за Македонците.
Пријателите во крчмата „Крос ин“ говорат со шкотската верзија на гоиделските [галски, келтски] говори. За нив тоа не е проблем, тој јазик го имаат научено прв, во своите домови. Но јас, Американец заинтригиран со своите ирски корени, кој се прашува дали постои некаква подлабока поврзаност со Келтите, имав впечаток дека сум наишол во некое тајно здружение. Имаше нешто возбудливо, дури и превратничко, во слушањето на древниот келтски јазик во земјата на Шекспир, каде ни кралицата ни премиерот не би биле способни да разберат за што разговараат жителите на Луис.

Забележувајќи дека ги слушам, момците се префрлија на англиски. „Непристојно е, нè учеа, да се зборува на својот јазик пред странци“, рече Норман Кембел, писател и поет кој своите текстови ги објавува на шкотски гоиделски. Платив една тура и мажите се отворија, изјавувајќи дека во времето на нивните родители учителите со ремен ги тепале учениците доколку ги чујат да зборуваат на својот мајчин јазик. Денес ситуацијата е сменета, велат, а државата го поттикнува учењето на тој јазик. По уште неколку тури, влегува Аласдир, братот на Норман, и започнува да пее. Песната се вика „Месечината под која зрее јачменот“ (Gaelach Abachaidh an Eòrna). Звучи таговно, приметувам. „Па“, Аласдир објасни, „таа месечина е голема, многу жолта и може да ти го скрши срцето“.

Ова се значи, знаците по кои може да препознаете еден Келт: зборува на древен јазик, малку му треба да се потсети на историски неправди и потешкотии, наоѓа прибежиште во песната и малку е меланхоличен. Понејасно е како маргинализирана култура како што е келтската успеала да преживее, дури и да процвета, во светот којшто сè побргу ги поништува различностите...
Во текстот има и историски осврти:
Англичаните и Французите ја забранија или ограничија употребата на нивниот јазик, нивните инструменти и музика, нивните имиња, нивното право на сопственост, а во случаите на шкотските планински кланови, дури и нивната облека. Чудно е како воопшто се одржал било каков облик на келтската цивилизација. Опстојувајќи на маргините, и географски и културно, Келтите не дозволија да бидат збришани од лицето на планетата.
Мислам дека основниот фактор во ренесансата на келтското е инклузивноста, која за разлика од современиот македонскиот национализам, има тенденција во келтскиот идентитет да не бара „чистота“, туку посакува добредојде на сите што сакаат да се поврзат.
...дефиницијата на Келт е маглива и променлива како и времето на морскиот брег. Постојат „Келти по крв“, неколку милиони луѓе кои пораснале и сеуште живеат во преостанатите подрачја во кои се зборува келтски јазик. Тука е потоа и сè поголемото племе на „Келти по дух“, кои чувствуваат дека се поврзани со историјата, митовите и со уметничките изрази на древните губитници. „Келтското во било кој облик“, забележал Џ. Р. Р. Толкин, „е волшебна торба во која може да ставите што било, и од која било што може да излезе“.
„Верувам дека ако се чувствувате како Келт – станувате Келт“, написот ја цитира Черил Страфон, современа паганска свештеница од Корнвол. Користењето на позитивните примери за културна промоција заслужува поголемо внимание и кај македонската јавност и кај носителите на одлуки.

No comments: