Блекаут

03 May 2006

Првомајски пост: потсетување на историјата

По повод Први мај, на Тетово онлајн има кус преглед на настаните кои довеле до прогласување на овој ден за Ден на трудот:
...во знак на сеќавањето на денот кога во 1886 година околу 40.000 работиници од Чикаго стапија во штрајк барајќи подобри услови за работа. На тој ден низ САД е одржано околу 5.000 собири на незадоволни работници на кои синдикалните водачи истакнале барања симболично изразени со ознака „три осумки“ - осум часа работа, осум часа одмор и осум часа културно воздигнување. Полицијата ги нападнала работниците, а водачите на штрајкот биле осудени на смрт.
Интересна коинциденција е што Теко, кому му недостасува Први мај, е токму во Чикаго. Во САД овој празник не се слави официјално, па дури е воведен и конкурентски Ден на трудот (Labor Day) многу побениген во однос на класната борба и оригинално промовиран од властодршците.

Главните медиумски текови ретко се осврнуваат на овој период од американската историја. Македонската јавност делумно имаше можност да се запознае со две уметнички интерпретации на овој период, преку
  • делата на Џек Лондон, особено „Железната петица“ (The Iron Heel, 1908) и
  • стриповите со Кен Паркер, на Берарди и Милацо, кои имаат силна хуманистичка компонента. Особено ја препорачувам епизодата „Шпијун“.
Во тој смисол може да се додаде и филмот „Црвените“ (Reds, 1981) на Ворен Бити, кој исто така зборува за работничкото движење во САД, но неколку децении подоцна.

No comments: