Блекаут

07 May 2006

Генеза на форматите на стрип-албуми

Во најновата Стрипотека што редовно излегува и кај нас (мај 2006, бр. 1017, 80 денари, 60 страници, објавена е првата епизода на стрипот „Тајната историја“ (L'Historie Secrete), по сценарио на Жан-Пјер Пеко и со цртеж на автори по потекло од бивша Југославија. Eпизодата „Постанок“ (Genèse) ја има изработено Хрватот Игор Кордеј во неговиот карактеристичен стил, познат од научнофантастичните стрипови објавени додека беше дел од Нови квадрат, во Ју стрип, како и неговиот оригинален фантастичен серијал „Вам“ од Стрипотека. Приказната на „Тајната историја“ е во стилот на Хајлендер, со магични бесмртници што се борат во различни временски периоди, полна со интересни детали, но без вистински новини.

Покрај стрипот, поместен е и исклучително поучен текст на Александар Маниќ во кој се зборува за тој серијал, но и општо за состојбите во француското стрип-издаваштво, кое мутира поради „напливот“ на влијанија од САД и Јапонија. Извадок:
Предвоените француско-белгиски стрип-албуми се печатени во поголем формат – 28 х 42 cm. Во текот на Втората светска војна, заради недостаток на хартија, форматот е намален на А4. По војната, тој формат е задржан, а обемот на албумите од комерцијални причини е определен на три печатарски табаци, односно 48 страници, печатени во офсет-техника. Тврдите корици, како на детските книги, се усвоени во текот на седумдесеттите години заради полесно покување и редење на полиците на самопослугите. Истовремено, стрипот прерасна во интересен подарок, па тврдите корици станаа неопходни заради избегнување на изгледот на евтин производ.

Од другата страна на океанот, американските норми, наследени од ефтините романчиња, беа и останаа 24 до 32 страници на понеквалитетна хартија. Јапонија, под влијание на американската индустрија, започна со издавање на албуми во формат на американските „комикси“ или џепни книги со од 192 до 320 црно-бели страници на лоша хартија. Во споредба со американските и јапонските, европските норми сеуште се многу „луксузни“, оти даваат поголемо значење на авторот, отколку на поголемата заработувачка. Меѓутоа, глобализацијата го промени изгледот на пазарот и пред издавачите постави едно единствено барање – профит. Индустријата на францускиот стрип се приклони и тргна по патиштата на лесна и моментална потрошувачка.
Други информации за историјата на стрипот може да најдете и во мојот труд на таа тема на англиски јазик (Contemporary Storytelling: Comics and Animation).

No comments: