Блекаут

27 May 2006

Четири генерации на модерни војни

Концептот на четири генерации на модерна војна на американскиот стратег и поранешен маринец Вилијам Линд нуди уште една интелектуална рамка која овозможува разбирање на основните парадигми од оваа област:
  • Првата генерација (1648-1860) – државата здобива монопол на водење војна, а воената култура е култура на ред, наметната дисциплина и строга хиерархија која се одразува и на начинот на однесување на армиите на бојното поле, подредени во линии и колони.
  • Втората генерација реагира на самоубиственотo инсистирање на ред наспроти индустријализираните оружја, па во Првата светска војна се става акцент на масивна огнена моќ, претежно индиректен артилериски оган. Според Линд: „Целта била нанесување загуби, а Французите ја сумирале доктрината со „артилеријата освојува, пешадијата окупира“. Централно-контролираната воена моќ била внимателно синхронизирана преку детални, специфични планови и наредби за пешадијата, тенковите и артилеријата, при што се водела „диригирана битка“, односно „командантот бил диригент кој раководи со оркестар.“
  • Третата генерација претставува германска реакција на претходните две, разработена во текот на Првата, а успешно применета на почетокот на Втората светска војна. Таа се темели на „брзина, изненадување и ментално и физичко изместување на противникот“ и се потпира на решавање на проблеми на теренот, а не на слепо следење наредби. Развиени биле „првите нелинеарни тактики. При одбрана, цел било да се вовлече противникот и потоа да се отсече, наместо да се одржи линија на фронтот. При напад, движењето е како вода низ одбраната на непријателот, при што секогаш се бара најслабата точка за пробив, а потоа свртување кон останатите позиции од зад нивниот грб. Операционо и тактички, целта обично било заобиколување.“
  • Војните од четврта генерација не ги водат само држави, туку и нерегуларни, герилски, терористички и/или мафијашки мрежи, а дополнето се комплицирани бидејќи се одвива и конфликт меѓу култури, врз племенска и етничка и/или идеолошка и религиозна основа, со конвенционални и неконвенционални средства и методи. Ваквите војни претставуваат „мешавина на старовремското и модерното“, со очевиден примат на индиректноста и на моралот, особено во поглед на развивање лојалност кај населението, а наспроти акумулацијата на ресурси, бројност и огнена моќ.
Индекс на написи на Вилијам Линд (William S. Lind) може да најдете на Ентајвор (Antiwar.com). За војните од четврта генерација се користи и кратенката 4GW, од „Fourth Generation War(fare)“.

No comments: