Блекаут

01 March 2006

Интернет без граници

Internet bez graniciСе придружувам на иницијативата на Јован (и на Горан и на Теко) Интернет без граници!, со поддршка на оригиналните барања и заложби:

Интернет без граници! е мало банерче кое се поставува лесно на Вашиот блог - секако доколку сакате да се придружите на оваа неформална иницијатива. Најдобро е да го линкувате кон Ваш пост во кој ги наведувате Вашите барања за интернет без граници. Доколку сакате - дизајнирајте си ново, но задржете го слоганот.

Следат моите нашите барања:

  • Провајдерите да прекинат да си го блокираат меѓусебниот сообраќај. Не само што немаат пиринг, туку активно се блокираат. Со тоа вршат цензура и повредуваат човекови права. Поправањето на состојбата не значи трајно решение. Трајното решение се вика интернет ексџејнџ (Internet eXchange, препорака од Јован - правец сите во МАРНет). Простата пазарна логика би требало да ги принуди провајдерите на ова, но по се изгледа не и во Македонија. Резултат на овие проблеми се цензурата на многу блогови и сајтови за определени „непријателски“ провајдери.
  • Провајдерите од една страна да не го лимитираат, цензурираат и филтрираат сообраќајот, но од друга страна да не поставуваат самите сервери со пиратски содржини како мамка за корисници.
  • МТНет да ги испочитува договорите на своите постојни претплатници и да ги врати условите за нив според договореното. Новите корисници да добијат цени и услови барем како оние на хрватскиот Т-Ком. Ова барање е поврзано со иницијативата бидејќи и ненајавеното ограничување и прескапите услуги се реални граници за потрошувачите.
  • Државните органи (АЕК, Министерство за транспорт и врски, Влада, инспекторати) да бидат независни, ефикасни и праведни. Да се регулира правилно етерот, да го убрзаат разврзувањето на локалната јамка по европски цени, да се донесе и имплементира бродбенд стратегијата по можност со државна интервенција во бекбоунот, неодложна е имплементација на Националната стратегија за развој на информатичкото општество со акциониот план и почитување на принципот - праведност за сите - од градежни дозволи за предаватели и кабелски носачи до наплата на ДДВ. Кога сме веќе околу ДДВ, тој за ИКТ опрема и услуги треба да биде 5% - бидејќи интернетот е човеково право - како и лебот, солта и водата!
  • Локалниот сообраќај (внатрешниот + оној на другите македонски провајдери) треба да не се наплатува и пресметува во однос на крајната цена на ограничените пакети на широкопојасен интернет. Исто така брзината на пристап за локалниот интернет треба да биде на ниво на технолошкиот максимум за соодветниот пристапен уред. (Пример доколку на АДСЛ кон интернет се пристапува со половина мегабит во секунда, тогаш македонскиот сообраќај би било логично да оди со брзина од барем 4-8 мегабита во секунда).

Овој протест ќе застари во моментот кога трејсрутот помеѓу сите провајдери нема да скока преку Австрија, Унгарија и Германија. И секако, нема да има блокирани сајтови. Срамота!

Од колегите блогери очекувам солидарност и поставување на банерот. Најсмешно ќе биде поставувањето на банерот на блогови се блокирани за определени провајдери.

Придружете се! УАА ШНАЈДЕРИ!!!

Дисклејмер: Интернет без граници! не е ниту има намера да биде движење, невладина организација, партиска акција, провајдерска врхушка, конкуренција на други иницијативи или слично. Единствената цел заради која го поставувам ова е насобраниот револт. Се работи за пасивен отпор во форма на банер и линк кон лични барања за интернет без граници.

No comments: