Блекаут

10 April 2007

Една причина за ширење страв преку е-пошта

Размислувајќи зошто луѓето препраќаат пораки-синџири, особено оние што очигледно шират страв или одвратност, наидов на цитатов од писателот Роберт Грини:
Корпорациите и политичарите знаат дека тие не може да ја заведат нивната публика да го купи она што сакаат да го продадат, или да го стори она што сакаат да се стори, ако прво не разбудат чувство на потреба и неспокој.
Ми изгледа дека некои луѓе сакаат да ги емулираат (имитираат) овие центри на моќ. Не со некоја особена цел, туку затоа што гледаат дека тие предизвикуваат страв и можеби потсвесно мислат дека ако постапуваат како моќните и тие имаат чувство на моќ (иако без целта која првите ја имаат во позадина).

Се сеќавам додека во 1999 година бев во странство, кога настапи психолошката криза околу војната за Косово се изначитав најстрашни работи од луѓето кои беа во Македонија. Некои како да уживаа на тие што не се тука да им пренесуваат колку е страшно и катастрофално, особено преку ИРЦ: „Србите ќе возвратат - Волкови (ракети земја земја) може секој момент да полетаат накај Скопје“, „сега прелетуваат хеликоптери над нас, ептен ниско се слуша“ и слично.

2 comments:

GoodBytes said...

Е, за „потребата“... Не се сеќавам во кој филм ова го гледав... еден од актерите беше маркетинг агент кој смислува реклами. Во еден момент, објаснувајќи на некого што работи, кажа дека ги прави луѓето да се чувствуваат мизерно. Поточно, ги става во матрица дека нешто им фали, за потоа да им го покаже и решението за нивниот проблем - производот или услугата која ќе ги спаси од маките.

Оваа техника на вулгарно очигледен начин се забележува кај рекламите од Топшоп и слични клонови. Го има и кај другите, но е малку пософистицирано направено. :-)

На пример, зошто некој би купил омекнувач за алишта, ако претходно не се убеди дека сега алиштата му се груби по перењето и дека тоа не е убаво за него.

Anonymous said...

Синџирестите пораки нели се сеќавате, датираат уште од времето на „гулаб“-поштата, кога дома ни стигнуваше писмо во кое се вели дека ако не го препратиме во рок од 10 дена на 10 души ќе загинеме во сообраќајка и сл. Се сеќавам кога првпат го добивме таквото писмо. Бев многу мал, можеби 7 години и тоа по што се сеќавам на случката е чувството на бизарност и очекување што го имав. Моите првпат видоа такво писмо и ги јадеше јамѕа да не постапат според упатството, па зедовме 10 пликови и сторивме така. После се случи следното, 5 души од тие каде што ги испративме испратија копија до нас, бидејќи бевме взаеми пријатели и си ги знаевме адресите, па така требаше да испратиме уште 50 други писма, нејсе тогаш не падна лотото и се откажавме. Знам, срцето ми тупаше како на зајак кога ги кажуваа броевите од лотото.

Сега се прашував пред некој ден нешто слично. Зошто постои синџереста порака кај е-поштата. Најверојатно заради берење адреси за спамирање. Но тоа што се сетив како причина зошто постоело синџир писмо на стариот начин на праќање писма е веројатно повеќе профит за поштата, а? Или евентуално некој немал работа па пратил такво писмо кое го завртело светот наголемо.