Блекаут

25 June 2006

Како да го излажеш Сајт-митер и зошто да не го сториш тоа

Го пишувам ова за да ја подигнам свеста за можни негативни влијанија врз македонските блогери. Ризикот од тоа некој да ги злоупотреби информацииве ќе се намали ако знаењето се прошири, па затоа, ако сметате дека постов е полезен за јавноста, ставете линк до него во пост на вашиот блог.

Иако го спремав постов на ум од порано, директен повод за негово објавување е што Би, која има реална висока посетеност, си го затвори бројачот под притисок на тие што им е поважно да си го мерат отколку да се потрудат да понудат поквалитетни содржини. Мислам дека е штета, оти високото рангирање на листите, како онаа на Дигимак го зголемуваше бројот на нејзини читатели, а и интересно ми беше да следам од време на време колку луѓе од кај мене отишле натаму...

Како да го излажеш Сајт-митер или некој друг бесплатен бројач
Бесплатните бројачи не се непогрешливи, оти работат на принципот „колку пари-толку музика“. Нудат ограничен опсег на податоци и полезни се доколку не ги зезаш. Резултатите мора да се земаат со резерва, оти...
  • Една сесија на Сајт-митер (Sitemeter FAQ) трае пола саат. Ако од истиот компјутер прими посета по истекот на тој термин, ја смета за нова. Теоретски, од само еден компјутер со широкопојасен интернет и стискање на освежи/рифреш, за 24 часа можеш да генерираш 47 посети.
  • Ако си на дајал-ап, твојот провајдер веројатно ти доделува различна ИП адреса на секое јавување. Во комбинација со чистење на кешот на разгледувачот, теоретски би можело да се генерираат и повеќе посети од претходното. И поприлична телефонска сметка.
  • Ако си провајдер, можеш да си играш со варијации на претходните две. На еден компјутер да му доделуваш различни ИП адреси, во комбинација со програмче што ќе го активира разгледувачот да го отвора твојот сајт.
  • Горенаведените методи не може лесно да се докажат, но нивна примена може да се насети преку комбинирање на податоците од рубриките „By referers“ (премногу непознати или од твојот сајт) и „By details“ (посетители од премногу исти или слични ИП-адреси).
  • Имаш пристап до кодот на повеќе сајтови? Кодот на сајт-митерот може да се вметне во секој од нив. Брои вчитувања на сликичката, а не може или не сака да провери дали е повикан од регистрираниот домен. Во секој случај, коалиција на сајтови што буквално ќе си ги испоразменат бројачите може да има корист од секоја посета на секој од нив. Ова лесно се открива ако некој ѕирне во рубриките „entry pages“ и „exit pages“. Информацијата за криење на компромитирачките сликички не е бесплатна.
Други сомнителни активности
што може да направат да изгледа дека блогот ти е влијателен. Со нив се генерираат посети од други луѓе, но посетителите не се читатели. Реалното влијание е помало од она што го покажува бројачот.
  • Имаш повеќе машини под твоја контрола, на пример во фирма, училница, организација, интернет кафе? Ставање на сајтот за хоум-пејџ ќе го разбуди бројачот, но посетителите веројатно нема да се задржуваат доколку имаат избор да сурфаат надвор од него.
  • Пренасочување од други сајтови преку нивно хакирање. Зло и опасно, доаѓаш во директен конфликт со законот и можеш да заработиш неколку години затвор.
  • Пренасочување од други сајтови со ставање линк кон твојот, ама во него стојат неточни податоци за поставените содржини. Може да биде дури и платена реклама, полнење отворени листи за линкови од типот на Мамсбокс, или спамдексирање (спамирање индекси - spamdexing) преку бутање клучни зборови (keyword stuffing). Посетителот кој бара нешто друго (најчесто порно), обично си оди веднаш, без да се обиде да ги прочита постоечките содржини.

Зошто да не го сториш тоа
  • Не е убаво.
  • Не е здраво. Лесно можеш да изгубиш осет, да заборавиш колку и што лажеш, па да почнеш да се лажеш и себеси. На разни полиња.
  • Не е фер. Нема меѓучовечки односи без доверба, која е основа за соработката. Цел интернет, со вебот и сосе бројачите, функционира со пресметан ризик, но и врз база на оптимистичкиот став дека повеќето луѓе нема да ја злоупотребат довербата. Злонамерните се сепак малцинство. Ако нивниот број доволно се зголеми, набрзо нема ни да можеш да го читаш ова, буквално. Затоа не придонесувај кон тоа.
  • Ризично е. Постои голема можност било која ујдурма да се открие, со што се загрозува најважниот капитал на еден блогер - репутацијата и интегритетот. Дури и да ставиш спамдексирачки пост што подоцна би го тргнал, веројатно веќе е кеширан на неколку места, како Гугл и Јандекс. Може и сам/а да се пофалиш некому, па таа личност да излае несакајќи или ако се скарате.
  • Штетно е. Еден ден можеби ќе имаш толку многу посетители што ќе можеш да заработуваш со продавање простор за огласи на блогот, на пример преку Адсенс (AdSense). Ако се навикнеш на лажење, ароганцијата може да те натера да пробаш да ги лажеш и нив. А ним им е работа да го спречат тоа. Ќе си ја ускратиш заработката, а сите горенаведени проблеми можеш да ги помножиш со некој гооолем број – корпорациите имаат прилично добра меморија, а веројатно ќе никне и некој закон поради немалите суми што се во игра во бизнисот.

3 comments:

Anonymous said...

јор текст из линкед енд авељбл он мај блог :)

Развигор said...

Фала многу, гледам има ефект. Се надевам и други ќе постапат така. :-)

Дополнително, пријатно сум изненаден што Блогер прави автоматски трекбек на линкот од Јован, кој не е хостиран на тој сервис. Сигурно може да се подеси да функционира така и кон/од Блогерај.

Фројд. said...

Оставив коментар кај Милозвучна... ама ај и тебе да не те прескочам ;)

Поентата ми е што користењето на google analytics мене лично ми е многу попривлечно, отколку site meter. Мислам, не моеш ниту да ги споредиш!

И, бај д веј, невидлив е - нешто за што треба да се плати in case if you use site meter!Да не зборам што откако ќе го добиеш account-от можеш да регистрираш колку ти душа сака сајтови и блогови, и секој од нив ќе си има засебен прифил и анализа.