Блекаут

02 July 2006

Разбивање на деникеновштината за босанските пирамиди

Од Археолошкиот дневник дознав за сајтот на списанието Археологија на кој се следи случајот со таканаречените пирамиди од Босна (More on Bosnian "Pyramids"). Препорачувам да го прочитаат сите што се заинтересирани за развој на науката, знаењето и критичкото размислување. Методите со кои ја анализираат ситуацијата и доказите се исклучително поучни.

Товар на докажувањето
(burden of proof) - ако некој тврди нешто, негова должност е да докаже дека е вистина. Додека не добие валидни докази, научната заедница не треба да го прифати тврдењето како точно. Ова исто важи и во правото - тужителот е должен да докаже дека обвинението е точно, а не обвинетиот дека е невин.

Научната репутација
на оној кој што го изнесува тврдењето. Доколку доказите се неоспорни, ова не е важно. Но ако нема докази, тогаш понатамошното вложување во истражувањето зависи и од авторитетот и мотивите на оној кој ја промовира приказната.

Има разлика ако тоа е признаен, а не самонаречен, експерт за даденото поле, локален хотелиер и фалсификатор, или ловец на слава што не отишол подалеку од прераскажување на идеите од стрипчињата со Марти Мистерија. Особено полезно е да се прочита писмото од египтологот д-р Захи Хавас (PDF, 101 KB) кое е дадено како прилог во дебатата.

Тврдењата на швајцарскиот хотелиер Ерих фон Деникен (Erich von Däniken) отсекогаш биле популарни на југословенските простори. Дури имаше и локални имитатори кои во секоја гребната карпа или грмушка „откриваа“ „докази“ за некој мистериозен феномен, обично поврзан со вонземјани. Така, во една книга од тој тип насловена „Посјетили су и нас“ (која ја немам при рака за целосно цитирање) беше изложено дека одредена група неандерталци била спржена од вонземјани со нешто ко бластер. Германски криминолог го реконструирал лицето на еден од нив врз база на черепот, со зачуден израз на лицето. Во книгата буквално стоеше дека ’еве, гледате како се чуди праисторискиов човек... веројатно смртта настапила во моментот кога првпат ги видел вонземјаните“.

No comments: