Блекаут

17 July 2006

Тактики за наоѓање сајтови од Македонија

Како да најдете веб-сајтовите на институција во Македонија? Ќе се послужам со еден пример поврзан со религијата.

Додека сајтот на МПЦ е релативно лесно достапен (кратенка + орг.мк = www.mpc.org.mk), оној на Исламската верска заедница не е.

Доменот ivz.org.mk не е ни регистриран, а сајтот, кој е само на албански, ја користи кратенката само на тој јазик како адреса (Bashkësia Fetare Islame e Republikës së Maqedonisë - www.bim.org.mk). Штета што нема верзии и на другите наши јазици, и на содржината, но и на адресата. Вака и на немуслиманите им се задаваат потешкотии да дознаат повеќе за религијата, а исклучени се и муслиманите од Македонија, од кои барем 1/3 имаат друг мајчин јазик, оти се Македонци, Турци, Бошњаци и Роми.

Како да се најде сајтот, кога не знаете албански?

Најди! е одличен за наоѓање на страници во сајтовите што ги покрива, но негов домен не е наоѓање цели сајтови. Директориумите (Macedonia Search, The Macedonian Directory) и енциклопедиските/општо-информативните сајтови за Македонија не нудат линк до веб-сајтот на ИВЗ.

Ако знаете албански, тогаш лесно се наоѓа на Гугл. Но ако го напишете името на македонски или англиски, ви дава куп погодоци на кои нема линк до бараниот сајт, или се премногу и непрактично е да се прегледаат сите.

Меѓу тие резултати е и страница од Златната книга на која го нема линкот. Но ако на почетната страница во полето за пребарување го впишете името на македонски, тогаш ве води на вистинското место.

Дополниелно пробав и со Погодок, по истиот терк како со Гугл, и со македонската и со англиската верзија добив релевантни резултати.

Поука: ако барате веб-сајт на фирма или организација од Македонија, пробајте прво со Златна книга или Погодок.

4 comments:

volan said...

Добар погодок со написов.

Глиша said...

Поуката ти стои.
Златна книга во секој случај е најдобра варијаната ако пребаруваш по име на фирма, институција пошто се рачно внесувани и најверојатно проверeни заедно со нив. И за Погодок незнам дали рачно ги внесуваат, ако е така и тогаш е подобро да пребаруваш таму по името.

Ама ако сакаш да пребаруваш по други клучни зборови, Гугл има напредно пребарување, па со site:mk дава поинтересни резултати:

англиски Прв е сајтот.

македонски
Трет е сајтот, иако пак преку Златна Книга. :)

Anonymous said...

не знам што е целта на постот? мислев дека навистина ќе прочитам и научам тактики за наоѓање сајтови од Македонија како што пишуваш во насловот, наместо тоа пишуваш за Исламската верска заедница и како треба да изгледа нивниот сајт. Неколку работи:
1. да, навистина е пропуст на ИВЗ што нема информации и на другите (освен албанскиот) јазици кои се зборуваат во Македонија
2. ако не си албанец нема да читаш веб сајтови на албански, се разбира, освен ако не научиш (или ова е out of the question?)
3.за исламот има доста информации на интернет и без сајтот на ИВЗ
4. колку институции во Македонија имаат веб со информации на сите јазици кои се зборуваат во Македонија? дали на сајтот на МПЦ има информации на албански?
5. која е пораката што ја испраќаш со вакви постови? односно со вакви примери?
6. инаку стои техничката поука од твојот пример

Razvigor said...

Анонимусе, целта на постот ми е да покажам дека не е баш лесно снаоѓањето со мултикултурни содржини, не само нашите интерни, туку и особено нашите во однос на странските (англиски).

За неколкуте работи:
1. Пропустот е во тоа што ИВЗ е токму ИВЗ, а не АИВЗ (Албанска ИВЗ). Исламот по дефиниција не е етнички ориентиран. Сајтот на ИВЗ треба да го рефлектира инклузивниот однос кон својата публика... како и секој друг.

2. Би било убаво оние што не го знаат да научат и албански. Во овој случај, како што реков, се работи за институција со поуниверзален карактер и целна група, при што односот цена/перформанси укажува дека е попрактично да се направи и македонска верзија на сајтот, отколку да се очекува дека милион и пол граѓани на РМ ќе имаат време и пари за курсеви, дури и ако имаат голема желба за учење.

3. На нет има инфо за исламот општо, но не за исламот во Македонија и од гледна точка на тукашните муслимани, кои ИВЗ барем формално ги претставува. Локалните карактеристики се важни, и важен дел од разновидноста и богатството.

4. Малку институции во МК имаат веб-сајтови на сите или повеќе од еден локални јазици. Јас мислам дека треба да имаат содржини баш на сите. Практична пречка е што преведувањето е скапо, а бројот на преведувачи со задоволителен квалитет минимален. Но секако, основната потешкотија е волјата на одговорните. На повеќето такви баш им е гајле за присуството на веб (освен симболично), а камоли за допирање до граѓаните, без разлика на мајчин јазик. На сајтот на МПЦ нема информации на албански и не можам да кажам зошто е тоа така. Можеби затоа што е етнички ориентирана институција, со огромен процент на верници само од една етничка група, понеуниверзална во тој поглед од ИВЗ.

5. Пораката до веб-мастерите е правете сајтови на повеќе јазици и регистрирајте ги сите варијанти на домени за публиката полесно да ве најде. Пораката до сурферите е дека постојат специфики кај нашиот веб, за чие пребарување има потреба од дополнителни знаења и алатки.