Во овој пост се раскажува за дигиталната достапност, првиот впечаток за обемот и содржината на Македонската енциклопедија на МАНУ, популарно наречена манупедија, како и за односот на државите кон угледните енциклопедии на светско ниво.
Дигитална достапност
Прво, благодарност до читателите на блогов кои во коментари на верзијата на Блогспот
доставија неколку адреси од кои може да се симне енциклопедијата на МАНУ, меѓу кои и еден торент. Се работи за фајл со големина од 1,6 ГБ, очигледно направен од фајлот со графичка обработка за печатење кој содржи слики со голема резолуција. Постои и
верзија спремена од е-Варез.ком.мк во која сликите се компресирани за приказ само на екран па е далеку помала 68 МБ, а на рапидшер има
и друга со слична големина.
Со оглед на тоа што електронската верзија со денови беше достапна преку локалните улични шиткачи по цена од 100 денари, тоа што МАНУ не ја објави фактички испаѓа дека го поттикнаа одлевањето на дополнителни средства на граѓаните во џебовите на пиратите. Башка што--во духот на постмодернизмот--не можеме да бидеме сигурни дали содржината добиена од неофицијален извор е вистинската или некој во меѓувреме нешто чепнал, додал или одзел од оригиналот...
Појавувањето на интернет овозможува укинување на монополот на знаење кој го искористуваа и пиратите на ситно, ама и разните други фактори како политичари и медиуми кои се јавуваа во улога на интерпретатори на содржината недостапна до припадниците на обичниот народ меѓу кои и авторот на блогов.
Обем
Во прилог се фотографии кои ги снимив пред некоја недела во библиотеката на Универзитетот во Барселона, каде што учествував на работилница од
европската мрежа Комунија. Упаднав баш во
делот за енциклопедии и сликав некои од нив. Алал да им е, ама ми падна жал што провинции како Мурција или Валенсија, кои зафаќаат само по неколку проценти од територијата на Шпанија со децении пред Македонија имаат пообемни енциклопедии од
нашава, која претендира дека не ја покрива само нашата држава, туку целиот поширок географски регион...
Содржини
Како што
посочи и Жарко, греота е етничките
Македонци Низинци кон своите соседи и сограѓани од други етнички заедници да се однесуваат навредливо, особено ако се христијани и треба да го почитуваат Св. евангелие според Лука (6.31) „Па, како што сакате да постапуваат луѓето со вас, така постапувајте и вие со нив!“ Зошто да не им дадеме пример на сите јужнососедски „душмани“ дека како
Македонци Котлинци сме етички над нив: зар не успеале така и првобитните христијани да се издигнат од минорна еврејска секта до светска религија?
При прелистувањето на книжуриниве ми падна в очи недостатокот на географски поими (освен за поголемите градови), област во која има многу повеќе на македонската Википедија за која не е дадена ни трошка од наводните 300.000 евра народни пари, како и тоа што мапите не се стандардизирани, а некои мапи очигледно се симнати од интернет и вметнати непреведени.

Беглиот преглед ми ги потврди и тврдењата за полтронско истакнување на современи личности со сеуште недокажана историска важност, за чии детални работни биографии е отстапен повеќе простор од одредницата за Питу Гули. Некои написи во најмала рака се чудни, на пример еден за пловидбата во РМ во кој наместо за фактичката состојба, поголем дел му е отстапен на замислен проект со кој требало да се поврзе Дунав со Егејско море.
Исто така нејасен е критериумот за избор на други личности, при што има многу лица поврзани со УКИМ, а
многу важни личности ги нема (иако има некоја турбофолк пејачка). Особено ме погоди што е испуштен
Ѓорѓи Колозов. По тој повод ја пренесувам изјавата од ќерка му на страницата на Фејсбук од пред три дена:
...задутре се навршуваат 6 години од неговата смрт. само на оваа страница, во мигов, колозов има речиси 25 000 фанови. сепак, приредувачите на фамозната енциклопедија не нашле место да го спомнат. иако ќе најдете таму куп анонимни глумци, чии имиња никогаш не сте ги слушнале. па ни јас. ако една енциклопедија е одраз на колективното паметење на нацијата, овој обид од енциклопедија сигурно не е тоа.
Гордон Браун не ја промовирал Британика!
И една работа која отсуствува во јавниот дискурс (муабетите) околу енциклопедијава: освен во пост-тоталитарни балкански држави, пракса во светот е дека енциклопедии не објавуваат јавни институции со државни пари, туку ги прават приватни издавачи и се изборуваат за свое место на пазарот со квалитет, а не со декрет. Ако може да наброите некои енциклопедии со светски углед, ќе увидите дека се работи за приватни, а не национални изданија:
Од сите овие, само за италијанската најдов податок за мешање на државата во неа, демек написот за фашизам го пишувал Мусолини лично или некој негов близок. Башка што првобитната
Енциклопедија на просветителските енциклопедисти Дидро и компанија била во суштина анти-естаблишментско дело против апсолутизмот кое се стреми кон
објективност, не кон поддршка на култови на личноста на властодршците.