Блекаут

12 February 2006

Интелектуален потенцијал за развој во Македонија

Проф. Димитар Мирчев со написот „Со хумани дефицити кон Европа“ објавен во саботниот „Дневник“ нуди нов прилог во дебатата за способноста на Македонија да се развие во современа економија, на која обрнуваат внимание и Георги Барбаровски во „Неделно време“ и „Форум плус“:
А реалноста ни е помрачна од таа во тунелот. Највисока стапка на неписменост во Европа (освен Турција). Да не говориме за функционалната неписменост. Според УНДП, најниски стапки на уписи во училиштата на сите степени и најголеми одливи. Најниски стапки на продолжување на образованието од секоја генерација на повисоки степени - во Европа. Студентската популација не може да ни надмине 38-39.000, а годишното производство на дипломци само 3.700 млади, 50-60 доктори, стотина магистри и две-три дузини специјалисти. Добар дел од таа продукција неповратно се губи и извезува.

Нашиот хуман потенцијал? Од вработените само 10,5 отсто се со високо образование, а 5,5 отсто со вишо. Од невработените само 5,1 отсто се со факултети, огромната маса е со основно, незавршено средно и со средно образование. Кои странски инвестиции, технолошки развој, информатизација и дигитализација со таа структура?
На времето, Петар Кајевски кој со својот напис „Ние (не) сме генијалци“ предупредуваше за стапката на функционална неписменост, беше „распнат“ на Багра, особено откако ги објави и изворните податоци.

Од друг агол: На „Дискавери сивилајзешн“ (Discovery Civilisation) тукушто заврши емисија за германскиот Блицкриг, посветена на освојувањето на Полска во 1939 година. Еден од елементите на агресијата било што нацистите во освоените територии зад линијата на фронтот имале посебни СС единици чија задача била да се истребат сите образовани Полјаци: доктори, инжинери и свештеници, како и земјопоседниците, благородниците и Евреите. Цел било Полска, без средна и висока класа, да се претвори во гигантски резервоар на (робовска) работна сила. Ефективноста на овие есесовци била 97%.

3 comments:

Anonymous said...

Наместо мој одговор, еве еден краток избор на неколку мои колумни. Јас оваа дебата немам намера да ја заборавам ...

"White flight ... reversed ?!?", Utrinski vesnik, 11.26.2005
izvadok:
"И, на крајот, како сите, овие приказни се врзуваат со Македонија. Еден од нашите македонски митови е дека нашите основни и средни училишта се подобри од, да речеме, американските. Притоа, оваа фикција нема никаква поткрепа од реалните резултати и реалните постигнувања на нашите ученици. Оној еден промил од најуспешните најверојатно и ќе се снајде да се одлепи од македонската средина, но за нас другите Македонија е единственото нешто што сме го виделе и со што може да се споредуваме. Станува јасно дека глобалниот капитализам е системот во кој што нашите дечиња ќе го градат својот живот и својата кариера, па токму од овие причини треба нужно да почнеме со дебата како да им овозможиме на идните генерации да бидат, колку што е можно, покомпетитивни во однос на нивните колеги од другите делови од светот. Одговорот лежи во засилено инвестирање во македонското основно и средно образование, посебно во засилување на математиката и математичките дисциплини и на тврдите науки. Се разбира, исто така, треба колку што е можно поскоро да побараме од ОЕЦД да нў стави и нас во својата студија за перформансите на нашето национално образование што ќе нў соочи со суровата реалност на несообразноста на нашиот образовен систем со потребите на глобалниот пазар. Потребно е понатаму уште во текот на средното образование учениците да се судрат со предмети кои ќе ги воведат во економијата, менаџментот, финансиите и сметководството со цел да се оспособат младите Македонци за натпревар во глобалниот капитализам. На крајот, англискиот јазик е јазикот на глобализацијата и јазик на дваесет и првиот век. За секој родител кој сака да го осамостои своето дете и да го оспособи за глобалниот пазар вложувањето во англискиот јазик е неопходност, уште од јаслите, а не од петто одделение, како што тоа го проектира нашиот образовен систем. Наедно, и македонските основни и средни училишта ќе треба да почнат да нудат следење на часови на англиски јазик за оние ученици кои ќе го изберат тоа. Сето ова е невозможно да се постигне доколку нашите дечиња не се изложат на конкуренција со нивните колеги од развиените земји, а тоа ќе се постигне преку постојана размена на наставници и студенти меѓу Македонија и западните земји. На тој начин ќе може реално да се спореди нашиот ученик со неговиот утрешен конкурент, но и нашите наставници со нивните колеги од странство."

"Време е за excellence", Utrinski vesnik, 10.22.2005
izvadok:
"Имајќи предвид дека е мошне скап процесот на отворање "елитни" технички универзитети, македонското високо образование задолжително ќе мора да се отвори спрема македонскиот бизнис, но, од друга страна, и Република Македонија ќе мора да го реобмисли и реинженира системот на трошењето на образовниот и научниот денар. И во оваа област, како впрочем и во многу други сфери на живеењето во Република Македонија, државните пари се трошат по инерција и се завршуваат во рацете на веќе постојните институции и покрај тоа што многу често реалноста е во спротивност со приоритетите кои произлегуваат од трошењето на буџетскиот денар. Мошне брзо ќе се наметне прашањето на оправдувањето на парите вложени во македонската наука и македонското образование, а се плашам дека тоа ќе произведе паника меѓу оние што своите кариери и своето место во јавноста го правдаа со схоластички дебати и расправи.
Сите овие предизвици ќе креираат посебен притисок врз Владата на Република Македонија како да излезе во пресрет на барањата за "извонредно" образование, од една страна, како и барањето за масовно образование, од друга страна. Ова прашање станува многу поакутно, ако се има предвид дека, и покрај популарниот мит за "стручните и високо-образовани кадри" во Македонија, ние сме сў уште сковани на самото европско дно, според процентот на високообразовано население (еден инаку сериозен македонски магазин отиде дури дотаму што тврди дека имаме подобри и пообразовани индивидуи од Јужна Кореја, Тајван и, мислам, Израел што е светлосни години далеку од вистината). Одговорот делумно лежи во копирањето на светските искуства, а тоа претпоставува целосна либерализација на системот за високо образование и инвестирање во елитни установи за применето професионално знаење (со посебно на техничките и менаџерските знаења и вештини)."

"Sky is the limit", Utrinski vesnik, 08.13.2005
izvadok:
"Македонската економија едноставно не е компетитивна, ниту во регионални ниту во европски, а најмалку, пак, во глобални рамки. Во срцето на проблемот поврзан со некомпетитивноста на македонската економија лежи проблемот со македонското образование, а посебно проблемот со "културата" врзана со македонското образование.
За денешната македонска младина образованието не е кул, а рејтингот на македонските универзитети и универзитетски програми се мери според тоа што е полесно да се заврши, со колку што е можно помалку труд и мака, наместо преку мерењето на својата сопствена индивидуална компетитивност на македонскиот и на глобалниот пазар, како резултат на добиеното образование.
На ова се надоврзува и нашата образовна политика која, за жал, сў уште функционира по инерција, наместо да се адаптира на современите глобални трендови, како и на потребите на македонскиот и глобалниот пазар на работна рака. Можеби звучи претерано грубо, но светот едноставно нема никаква потреба од толку голем број македонски социолози, филозофи, правници, политиколози, економисти, историчари на уметноста и новинари, а македонската економија нема да може да мрдне од место без масовно инвестирање во применетите науки. За жал, инженерството во Македонија го изгуби некогашниот ореол и слава на најпосакувана диплома, која автоматски овозможува добра работа, кариера и квалитет на живеење. За тоа делумно е виновна македонската транзиција и реструктуирањето на македонските претпријатија. Многу одлични инженери останаа без работа и сў уште не можат да се снајдат во новите услови. Некои од нив едноставно немаат претприемачки талент и склоност кон ризици, но многумина од нив не можат да го прифатат македонскиот капитализам, кој во оваа иницијална фаза на транзицијата ги изнесе на виделина сите сеништа на "дивиот" и нерегулиран пазар и недоволната развиеност на институциите во Република Македонија (институциите за регулирање на пазарот и институциите на правната држава).
Огромен дел од вината лежи и во македонските технички факултети. Речиси сите македонски инженери кои заминаа на Запад, а посебно оние најдобрите, веднаш по пристигнувањето повторно почнаа да учат. И додека нашите универзитетски професори живеат во митот за супериорноста на македонското техничко образование, никој не се прашува зошто токму најдобрите македонски инженери на Запад најпрво посакаа да учат. Од друга страна, еден инженер тукушто излезен од клупата има употребна вредност која не трае подолго од пет години. Доколку не им се овозможи на македонските инженери натамошно, континуирано и целоживотно (лифе-лонг) образование, тие стануваат исто толку неупотребливи како и мојот ПЦ 386, кој го краси подрумот во викендичката на дедо ми. Досега не сум забележал систематски напор од македонските универзитети да се излезе во пресрет на овие потреби на македонските инженери, иако некои македонски компании масовно инвестираат во своите вработени, токму во оваа сфера на континуираното образование. На ова се надоврзува и хроничниот проблем на македонските компании - недостигот од комуникација меѓу компаниите и универзитетите. Македонските работодавци се трудат да им објаснат на универзитетите дека програмите за работа им се застарени и дека секоја година паѓа употребната вредност на просечниот македонски инженер, но сў уште недостасува вториот партнер во оваа комуникација. Последниот дел од проблемот е поврзан со применетото практично образование, како и од потребата за вклучување на содржини врзани за менаџментот и финансиите во програмите на нашите технички училишта, но тоа е предмет за друга дискусија.
Се разбира, вистинска слика на ситуацијата не е возможна без да се споредиме со глобалните примери. Што прават другите земји за да ја зголемат својата компетитивност, посебно од аспект на применетото образование?
Оваа година Народна Република Кина ќе произведе 3,3 милиони, а Индија 3,1 милион академски граѓани (оваа индиска академска кохорта е образувана на англиски јазик - јазикот на глобализација). Ако понатаму ги пребиваме статистиките, се гледа дека Кина годинава произведува 600.000 инженери, а Индија 350.000. Во Индија се наоѓа и најкомпетитивниот универзитет за техничко образование на планетава Индиан Институте оф Тецхнологѕ. Под визионерската палка на Нехру овој систем од седум универзитети е создаден во 1951 година, годишно прима строго лимитиран број студенти, а над 25.000 од неговите ветерани се наоѓаат во САД како истражувачи и предавачи во најдобрите американски универзитети и компании. Токму овие 25.000 ветерани на ИИТ се авангардата на индиската заедница во САД, која има највисоки приходи по глава на жител од која било друга емигрантска заедница во САД. Оние, пак, кои останале во Индија се движечката сила на несопирливиот подем на индиската економија, посебно во сферата на информационата технологија, биотехнологиите и во другите високи технологии. Во Америка, пак, не сопира дискусијата за проблематичните статистики во американското образование и уште попроблематичното заострување на американската имигрантска политика. Џон Доер, икона на капитализмот во Силиконската долина, дури предлага секоја странец што ќе го одбрани докторатот на кој било американски универзитет автоматски да добие зелена карта - дозвола за постојан престој во САД (захефтана на неговата диплома, според неговите зборови).
Посебно интересни се напорите на институциите на популарната култура за инспирирање на новите генерации. Во Индија и во Кина тоа е мошне едноставно, имајќи го предвид хоризонтот што им го отвора глобалниот капитализам на младите кинески и индиски инженери, како и нивните приходи споредени со другите професии. Во Америка, пак, заради релативната општа благосостојба на целото население тоа е потешко, меѓутоа не може да се прескокне и да се занемари медиумската покриеност на најновата мисија на шатлот "Дискавери". Речиси цела седмица Си-Ен-Ен нў бомбардираше со информации за мисијата, за астронаутите и експертите од центарот на НАСА во Хјустон, нивните кариери и образование, за идните планови на американската вселенска програма, за приватните иницијативи за освојување на вселената и слично. Всушност, во текот на таа седмица Си-Ен-Ен беше целодневна образовна програма. За разлика од популарната култура и медиумите во САД, македонските медиуми сосема на маргините ја турнаа веста дека еден мал конзорциум македонски компании од областа на дигиталната анимација учествувал во реализацијата на филмот "Авијатичар" со Леонардно ди Каприо, како и дека последните пет минути од филмот се безмалку целосно произведени во Скопје. Младите урбани херои од македонската дигитална продукција треба да инспирираат стотици млади Македонци кон професии поврзани со дигиталната технологија и огромните можности што ги нуди глобалниот пазар за продукти од оваа сфера, посебно имајќи го предвид фактот што овие момци тоа го реализираа од Скопје. Потребно е преку институциите на популарната култура, а посебно преку медиумите да пратиме порака до македонската младина дека само небото е границата (скѕ ис тхе лимит) во авантурата наречена образование, посебно во сферата на применетото техничко образование.
Глобалниот пазар на работна рака сў уште е во развој, но одговорот на македонските универзитети, македонските компании, македонската култура и македонските институции кон предизвиците на овој нов феномен во глобалната политичка економија ќе го определи и македонското место на картата на глобалната компетитивност и картата на глобалната политичка економија. Глобалниот пазар на работна рака неповратно го трансфомира глобалниот свет. Наш избор е дали ќе се адаптираме кон глобалните предизвици, дали ќе се исклучиме од глобалните текови, дали ќе бидеме на страната на победниците или, пак, на страната на губитниците. Часовникот неповратно отчукува!"

"Ах, тој "Св. Кирил и Методиј"", Utrinski vesnik, 08.13.2004
izvadok:
"Очекувањето на оценката за кредитниот рејтинг на Република Македонија ме врати неколку месеци наназад во Америка, на Универзитетот од Питсбург, каде што го завршував својот професионален магистериум. И покрај тоа што сите наставници и студенти велат дека тоа не им е битно и дека тоа не ги тангира, сите се во тензија - каков ранг ќе добие универзитетот и школата во рамките на универзитетот на листите што ги подготвуваат неколку списанија во САД. Нормално, од рејтингот на универзитетот и на школата зависат и шансите за кариера и работа, а од друга страна сите ние како нормални човечки суштества сакаме да бидеме колку што е можно во подобар и поексклузивен клуб. Се разбира, кога стигна рејтингот почнаа и дебатите по кулоарите - има скок и тоа е успех, скокот е многу скромен, какви ни беа очекувањата, какви ни се очекувањата и слично.

Ме заинтересираа и методологиите според кои се изработуваат рејтинзите и таму, нормално, ќе видите логични нешта: средниот резултат на запишаните студенти на стандардизираните тестови, бројот на првенци на генерацијата кои биле запишани (или за појаките универзитети кои биле одбиени) при уписот, бројот на странски студенти, бројот на студенти од малцинствата, процентот на студенти кои нашле работа по завршувањето на студиите, просечната плата на завршените студенти, број на студенти по наставник, објавени текстови од страна на наставниот кадар и така натаму. Сето ова се пондерира, се индексира и се доаѓа до оценката за рејтингот на универзитетот.

И сега си го поставувам прашањето каде е тука мојот "Св. Кирил и Методиј" (или ајде да бидеме модерни мојот алма матер). Во Република Македонија тој е неприкосновен на првото место, но нели сме држава која цели кон европските интеграции, а сакаме да се споредуваме и со остатокот од светот, па за мене е мошне значајно да си го лоцирам квалитетот на својот матичен универзитет. На Интернет барав податоци на веб-страницата на Универзитетот и не најдов ништо. Барав и на некои листи за рејтингот на европските универзитети што кружат на Интернет и тука не најдов ништо. Се јавив дури и да прашам во Ректоратот дали Универзитетот е рангиран некаде и по префрлувањето од еден локал до друг, на крајот ме откачи некој нервозен службеник.

Следната врата каде што сакав да се упатам беше алумни асоцијацијата на мојот алма матер, но се сетив дека не постои официјална алумни асоцијација на "Св. Кирил и Методиј". Всушност, секоја институција и фирма каде што сум работел, секое здружение во кое сум членувал е истовремено и некоја микроалумни асоцијација на "Св. Кирил и Методиј".

Значи, Скопскиот универзитет досега имаше уникатна позиција во Република Македонија. Тој не беше само врвна академска институција, туку во исто време тој беше и единствената (да потенцирам ЕДИНСТВЕНАТА) професионална школа за обука на кадрите во областите на јавната администрација и бизнис-администрацијата во Република Македонија, а згора на тоа и единствената школа за обука на техничката интелигенција и школа за обука на наставниот кадар на сите нивоа на образованието.

Го гледам списокот на најугледните политичари во Македонија и воопшто не ме изненадува тоа што над 90 отсто од нив се алумни на "Св. Кирил и Методиј". И во списокот на највлијателните бизнисмени над 90 отсто се од "Св. Кирил и Методиј", а сосема ист е случајот и во медиумите, во културата, како и во невладините организации. А, пак, кога ќе се каже за некого дека е експерт во Република Македонија, тогаш се подразбира дека станува збор за наставник од "Св. Кирил и Методиј".

Стравичен факт. Замислете, една образовна институција има монопол на услугата на високото образование во Република Македонија и монопол на целокупната научна и, воопшто, критична мисла во Република Македонија. Колкава е, значи, вината на оваа образовна институција во потфрлувањето на институционалните капацитети на Република Македонија? И, воопшто, каков квалитет на образование дава "Св. Кирил и Методиј"?

Разбирам дека "Св. Кирил и Методиј" има посебна улога во историјата на Република Македонија, разбирам и дека фундаментот на целокупниот прогрес во Република Македонија потекнува од "Св. Кирил и Методиј", но не постојат вечни институции. За Република Македонија одамна поминаа херојските времиња, а поминаа и крупните историски времиња. Како и во секоја нормална држава треба да ги погледнеме резултатите и ефектите од постоењето на секоја институција и врз основа на реални и мерливи параметри, критички да пристапиме кон реформа и повторно обмислување на улогата на институциите.

Па, да појдеме со мерењето на резултатите. Како за почеток, ме интересира колку Нобелови награди добија истражувачите од "Св. Кирил и Методиј". Или не мора да бидеме толку амбициозни - колку текстови имаат објавено нашите истражувачи во релевантните и реномираните европски и светски изданија во 2003 година и како ова се споредува со другите земји од регионот и од Европа. Или, пак, да бидеме сосема приземни - колкав е процентот на нашите професори кои умеат да комуницираат на англиски јазик. За несреќа и овие податоци не успеав да ги најдам, освен, се разбира, очигледниот одговор на првото прашање.

Посебно болна точка кога зборуваме за нашиот Универзитет е етиката. Каде на друго место се негуваат највисоките етички стандарди, ако не на Универзитетот. Стандардите за академскиот интегритет, цитирањето, плагијатизмот, односот наставник - студент се срцевината на целокупниот академски процес. Токму на универзитетот, индивидуите ја развиваат како својата лична етика, така и етиката за однесувањето во својата професија. Нели, токму од тие причини и ден-денес наставниците им се обраќаат на студентите со зборот колега. И сега, за жал, ќе мора да потсетам дека не така одамна врвните раководители на нашиот Универзитет беа обвинети за плагијатизам, и тоа од српски и од бугарски јазик, кои баш и не котираат високо на листата на јазици кои ги користи глобалната академска заедница. Значи, каква порака за цврстината на етичките стандарди и за стандардите за успех во животот и во кариерата им се испраќа на студентите? И, да не заборавам, какви реперкусии има сето ова и врз целокупното функционирање на институциите во Република Македонија.

Да се разбереме, јас сум убеден дека Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" е најдобрата образовна институција во Република Македонија, убеден сум и дека мојот Универзитет ќе остане на оваа позиција. Но, уште повеќе сум убеден во потребата од промени и целокупни реформи на Универзитетот. Со потенцијалите со кои располага "Св. Кирил и Методиј" и со мрежата на завршени студенти во сите сфери на живеењето на Република Македонија, оваа институција може многу повеќе од ова што го нуди моментално. Но, за да се соочиме со реалноста треба да си ги разбиеме нашите илузии и предрасуди. Првата предрасуда е врзана со квалитетот на македонското високо образование во однос на европското и светското. Ноторен факт е дека нашето високо образование заостанува зад светските трендови и не ги следи најсовремените движења во науката и јавно ги повикувам сите оние што мислат поинаку да ги соочиме фактите. Втората предрасуда е врзана со професионалното образование и тука можам слободно да кажам дека "Св. Кирил и Методиј" има сериозен проблем. На академска обнова отпаѓаат само неколку промили од студентите, а сите други својата иднина ја градат и ја гледаат во своите професии. Во многу области, високото образование кое се нуди од страна на универзитетот не е поврзано со потребите на професијата. Третата предрасуда е со учебниците и со англискиот јазик. Зошто познавањето на англискиот јазик да не биде услов за запишување на факултет и зошто е потребно во курикулумите да имаме учебници од нашите професори, наместо етаблираните учебници на најугледните имиња од соодветните научни области на глобално ниво. Последната предрасуда е врзана со новите универзитети и колеџи во Република Македонија. Демек, дивата либерализација го урнисувала угледот на високото образование и го принудувала Универзитетот да се бори со овие институции за привлекување на потенцијалните студенти. Не ми е јасен стравот на "Св. Кирил и Методиј". По половина век монопол на високото образование и со ваква мрежа на завршени студенти, не гледам можност било кој нов универзитет или колеџ да го загрози Универзитетот во нареднава деценија.

За крај, само би сакал да ја поздравам иницијативата на нашата Влада за изработка на кредитен рејтинг на нашата држава. Ова дава основа за мерливост на резултатите на секој владин тим во иднината и со нетрпение ќе ги очекуваме следните ажурирања на кредитниот рејтинг. Во исто време, би сакал да го повикам новиот ректор на Универзитетот да поведе иницијатива за изработка на рејтинг на Скопскиот универзитет во европски и во светски рамки, или да побараме да бидеме рангирани и ние на сите етаблирани светски листи на универзитетите. Во исто време, ќе биде добро да си поставиме и реални очекувања за нашиот рејтинг. Јас, на пример, би бил пресреќен ако мојот алма матер "Свети Кирил и Методиј" се наоѓа меѓу првите 300 универзитети во светот. Само да не сум премногу амбициозен и премногу субјективен спрема мојот ?Свети Кирил и Методиј"?"

Развигор said...

Ес а срвс ту аур ридерс, линкови до горенаведените колумни:

+ White flight ... reversed ?!?
+ Време е за excellence
+ Sky is the limit
+ Ах, тој „Св. Кирил и Методиј“

Развигор said...

„Веб-сајт на денот“ открива дека „Вебометрикс“ го рангира Св. Кирил и Методиј на 2.162 место во светот...