Блекаут

15 February 2006

Препорака: „Висок притисок“ од Јанко Илковски

Цртаниот филм „aaaaaaaaaaaaahaha“ од непознат автор може да послужи како мултимедијална илустрација за искрениот и кохерентен текст „Висок притисок“ на Јанко Илковски од „Јади бурек“ објавен во најновото од „Неделно време“. (Напомена: анимацијата е со звук, кој игра огромна улога во уметничкиот дојам.)

Во текстот се раскажува за тоа како Јанко заминал од Канал 103. Авторот умешно користи асоцијации и описи на амбиентот за да ја надополни атмосферата од сите аспекти:
Колегата пред мене завршува со програмата накурчено со зборовите: „Драги слушатели, не можете да ја разберете оваа музика ако не земете нешто...“

Мајко мила, но за среќа завршува и си оди. Копиљот нема повеќе од 20 години. Седнувам во студиото и, додека се подготвувам, гледам како духовите минуваат низ ходникот. Секако, вратата е подотворена, не може да се затвори. Во воздухот тенка жолта црта или тоа е одраз од стаклото врз чадот од цигарите.
Текстот е исповед на дисидент од раширената „урбаната“ младалачка супкултура чиј елемент е глорификација на користењето дроги, особено преку притисок од врсниците (peer pressure). Иако наизглед се бунтуваат против конформизмот на официјалниот систем, типичните претставници на оваа супкултура не се „опен-мајндид“, туку по правило се дел од еден неформален, но исклучително ригиден систем којшто има многу ниска толеранција за различни ставови од доминантните и се карактеризира со непишани правила и строги „дисциплински методи“. Пример за тоа е непризнаената цензура на македонските форумски сајтови. Дел од нив се релативно суптилни - Јанко во текстот дава добри примери за вербална гњаважа која кога ќе почне, на човек му е јасно дека нема што да се праи муабет, оти соговорникот поаѓа со некој став против кој не трпи поговор. Не разговара за да размени мислења, туку само да ги афирмира своите.

Штета што текот на читањето е сецнат со тоа што изразите на англиска латиница се пренесени со кирилица, па еве ќе ги напишам овде: „фирст персон схоотер“ е всушност „first person shooter“. Веројатно единствен начин да се избегнат такви грешки при конверзија е да се напише како што се изговара, „фрст прсон шутер“.

Го поддржувам постоењето на Стотројка со оваа програмска концепција, ама не ми јасно на кој начин функционира во „шемата“ на јавниот сервис МРТВ. На пример, како е организиран процесот на вработување во станицата? Дали се следат процедурите за транспарентност и отчетност поврзани со трошење на ресурси финансирани со оданочување на граѓаните? Дали се само неплатени волонтери? Ако се, како се станува таков волонтер? На веб-сајтот од каналот нема изворни информации, само неколку избрани текстови што излегле во други медиуми...

No comments: