Блекаут

09 February 2006

Аферата со карикатурите на Мухамед – провокација и манипулација

Во мојот претходен пост на темава најавив продолжение. Во меѓувреме, пристигнаа вести за нови настани и нови информации за стари настани, од кои за мене најстрашно е што падна крв: загинувањето на барем седум луѓе при протести во Авганистан. Буквална примена на српската народна поговорка „враг је однео шалу“.

Ескалира и поларизацијата, очекувано кога се работи за чепкање во вредности кои имаат длабоко значење за луѓето кои се гледаат како дел од некоја од „страните“, како и растечкото одбивање да се прифати „неутралност“ и „објективност“ на оние кои одбиваат отворено да заземат страна, а сепак се заинтересирани да зборуваат за аферава, дури и кога свесно се обидуваат да ги надминат сопствените предрасуди. Како и за секоја емоционална тема поврзана со политика, молчењето може да изгледа попрактично, но тогаш се ускратува можноста за разрешување на растечкиот конфликт преку меѓучовечко разбирање.

Нијанси на сиво во врска со перцепцијата дека се работи само за напад на слободата на говор внесуваат информациите за дискриминација и за двојните стандарди. Според „Интернешнл хералд трибјун“, во Данска не било дозволено погребување според муслиманските обичаи, што значи веќе постоела основа за фрустрации, а веројатно и други извори на тензии. Според „Гардијан“ весникот „Јиландс-постен“ одбил да објави карикатури на Исус во април 2003 година, со образложение дека нивните „читатели нема да уживаат во нив. Всушност, тоа би предизвикало протест“.

Одлуката да се нарачаат и објават безвезните карикатури на Мухамед, ставена во тој контекст, изгледа како смислена провокација, односно злоупотреба на правото на слобода на говор. Се согласувам со Тери Дејвис од Советот на Европа, кој изјавил:
„Сите слободи, меѓу кои и слободата на говор, се неделиви од одговорноста... Имањето право да предизвикаш навреда не значи дека е правилно и да го сториш тоа.“
Прашање е кој, освен опортунистичките продавачи на дански знамиња, има полза од тековниот растеж на зла волја, недоверба и непријателство низ целиот свет. Дали се работи за дел од психолошка војна? Една од алатките во таква војна е креирање на конфузија, по што текот на работите полесно се насочува во дадена насока. А случајот веќе го користат разноразни сили чија декларирана цел е да го подготват теренот за некакво само од нив посакувано „финално решение“, манипулирајќи и со чувствата и со нивните рационализации. Признавам дека секогаш кога минувам време оптеретувајќи се и себеси и другите со аферава, се чувствувам сè поизманипулиран...

1 comment:

bezvrska said...

Интересно е што Јиландс постен ги има објавено карикатурите на 30 септември, а „спонтаните“ протести добиваат на сила околу 30 јануари. Ситуацијата е со месеци систематски водена кон ескалација, пред се од страна на европските медиуми преку реиздавање на карикатурите. Ова се случува во време кога Палестина е во хаос, Ирак е окупиран, а се спрема војна и против иран. Oдбрана на глупоста беше најсоодветниот коментар кој го видов на Skopje times во врска со ваквата „одбрана“ на слободата на говор.

Крајно лицемерно е да се критикуваат муслиманските водачи дека не направиле доволно да им објаснат на масите дека на запад има слобода на говор, а во исто време да се избегнува да се објасни колку се провокативни карикатурите во овој момент - со изјави дека државата не се меша во медиумите, или била секуларна.

Како капак на се е изјавата на Кондолиза Рајс дека Иран и Сирија го поттикнувале насилството, згодно избегнувајќи да го спомне новиот „сојузник“, Либан, каде беше изгорена данската амбасада. Многу прозирно. Можам да замислам каква ќе беше „меѓународната“ реакција ако се појавеа слични карикатури за евреите, или ако карикатуриве прво се објавеа кај нас.