Што е полошо за меѓурелигиската толеранција: објавување на некои
безвезни карикатури кои ретко кој би ги погледнал двапати да не се дигнеше ѓурултија или константната промоција на исламот како
’догматски, фанатичен, средновековен‘? (Обата линка се добиени преку
„Скопски времиња“.)

ЦНН и
ББЦ го автоцензурираат прикажувањето на карикатурите во нивната ТВ-програма и на веб-сајтовите. Истовремено, тие вестите воглавно ги илустрираат со снимки на
лути муслимански толпи како се закануваат, пукаат, кршат, палат знамиња и згради... поттикнувајќи го
негативниот стереотип за муслиманите како заканувачки дивјаци склони кон насилство, неспремни/неспособни за разумна комуникација.
На веб-сајтовите од обете моќни медиумски куќи отворив дваесетина написи на темава - нема ниедна снимка на интелектуалец со исламска вероисповед како мирно и сталожено дава изјава. Отсутни се визуелните претстави на мнозинството муслимани од целиот свет, луѓе кои (дури и да не им се допаѓаат карикатурите, дури и да ги сметаат за навредливи) ниту се закануваат било кому, ниту имаат намера да направат нешто насилно и деструктивно во врска со аферава.
Изразот „лицемерна автоцензура“ е плеоназам.
---
Според ББЦ, една од паролите била „Слобода на говорот, оди во пеколот“ (Freedom of Speech, go to Hell!).
Институционализираните религиски водачи кои се залагаат за ограничување на слободата на говор кога се работи за нивната религија, со тоа оневозможуваат и дебата во рамките на заедницата која ја застапуваат. Многу е веројатно дека таква дебата може да доведе до истите заклучоци кои ги промовира и елитата. Арно ама, нејзиното отсуство кажува многу. Дали постои нелагодност дека, ако има можност за дебата, граѓаните може да одберат јавно да разгледаат и други, посуштествени теми од нивниот живот?
Колку што можам да забележам, најжестоките протести се на места каде што има малку простор за муабет за било што друго во општеството, каде што религиозната припадност е една од ретките заеднички точки помеѓу власта и поданиците, а манифестациите насочени кон „надворешниот непријател“ се ретка можност човек катарзично да се изнавика на улица.
Кога јас би бил засегнат со некое прашање, не би сакал никој да ми кажува да се чувствам навреден по диктат, без можност лично да ја искусам наводната причина за навредата.
Според напис илустриран со фотографија од протест на неопределено место од саботниот „Дневник“ и нашата Исламска верска заедница строго го осудува секое објавување на карикатурите. ИВЗ оние кои ги прикажале („Вест“ и „Време“) додека известувале за нив ги прогласува за противници на „соживотот на граѓаните што припаѓаат на различни верски групи“, чијшто мотив е „да ги понижат муслиманите во Македонија и да предизвикаат меѓурелигиска недоверба“.
Токму слободата на говорот овозможува толеранција и соживот. Едно од основните начела на Исламот е дека Исус/Исо бил пророк (божји пратеник), но не и божји син којшто умрел на крстот и воскреснал да донесе спасение за човештвото. Ова секако, може да се сфати и као богохулно негирање на основните принципи на христијанското верување. Дали е и навредливо? Само за оние христијани кои не ја имаат вклучено слободата на мисла и говор како фундаментална вредност во својот живот.
---
Ме копка кај оди ќарот од продажбата на сите оние дански знамиња на луѓето што протестираат уништувајќи ги?
(Темава има уште неколку аспекти
кои ќе бидат обработени според можностите.)