Според весникот „Праг пост“ (The Prague Post) што го прочитав во авион, на Чесиве добро им оди, ама се гледа дека не се навикнати да се фалат баш, па и кога изложуваат нешто пофално, во истата или соседната вест ставаат и информации за некои потешкотии. А и во вести за лоши работи ставаат по некој поволен аспект.
На пример, Чешка наводно има невиден економски подем во последниве 15 години, што довело и до имаат огромен пораст на корисници на широкопојасен интернет-пристап (300 илјади нови годинава, 1 милион вкупно од 10 милиони жители), доволно за Скајп да се локализира за чешки и да отвори подружница. Арно ама Ромите сеуште не ги почуствувале придобивките, оти локалните власти ги пренасочуваат парите од централната власт наменети за нивна дегетоизација.
Како дел од процесот на ослободување од комунистичкото наследство, ги прибираат сеќавањата на бившите комунистички раководители од периодот кој го нарекуваат „нормализација“, односно - враќање од комунизам кон нормалност.
Офлајн имаше и напис за тоа како Чехињите биле многу убави, паметни и еманципирани, како тековната Мис на светот, ама види беља - откако се придружиле на ЕУ, најубавите одат да работат како манекенки позападно.
А со ЕУ имаат и друг проблем - покасно ќе влезат во Шенген, па испаднало дека предвреме пренасочиле 500 гранични полицајци за кои мислеле дека нема да им требаат. Сепак, од тоа немало последици врз криминалот, па дури забележуваат намалена трговија со луѓе. Полицајците развиле и софтвер за идентификација преку òдот, ама засега никој не сака да го употребува.
И најпосле, во Прага има Фестивал на стрипот (Komiks Fest). Ама чешкиот стрип не се извезува.
No comments:
Post a Comment